Уште неколку размисли за идентитетското убиство на Македонците (1)

890

Нема некој што не знае што значи како симбол Името. Простосрдечниот народ тоа дури го знае и повеќе од интелектуалците, постмодерни схоластичари и импровизатори, што всушност се покажа и на примерот на нашата идентитетска ликвидација. Нив ги збунија во „интелектуалната“ збрка на духот разноразните постмодерни теориски шпекулации, бодријаровски речено симулакруми, со поимот име и идентитет, дефинирајќи ги дијагностички како еден вид шизофренија. Така. Простосрдечниот народ, пак, за разлика од нив, кој не е оптоварен од спекулативни схоластички мудрувања на таа тема целосно се потпира главно на инстинктот за генезата што е вроден како еден вид генетичко наследство. Тоа е инстинктот, драг читателу, за спонтано, природно чувствување на идентитетот, генерички во основа, и кој се изразува како еден вид непресушна изворна енергија, подарена од самиот Создател, што ние ќе ја именуваме како нагон за постоење. Постоење во своето генеричко средиште на идентитетот. Оти ако излезеш надвор од него, на периферија, ти си веќе на работ од бездната на ништото. Но не на она на Буда, источното, со голема буква, туку на она на западната цивилизација за која тоа значи буквално распаѓање. Смрт. Онака како што него главно од западните филозофи го толкува Сартр. За разлика од Хајдегер, кој се труди да го осмисли него, па дури и да му даде некоја трансцендентална димензија.

Но да се вратам на наша сцена. Зборот ми е дека нашите интелектуалци (со можеби едвај два-три исклучоци) од првиот ешалон, академиците и универзитетските професори срамно се однесуваа кон нашата идентитетска трагедија, која се подготвуваше подолго време, а тие молчеа завалени удобно во своите фотелји и не реагираа на катастрофата. Не се спротивставија. Напротив, некои од нив што излегоа на сцена, демек за да дадат ум, тврдеа дека смртоносната придавка северна воопшто не е загрижувачка по идентитетот, од едноставниот факт дека генеричкото име е истопорено до неа, а ние знаеме кои сме и што сме. Тие тврдат дека знаат. А всушност не знаат. Знаеше простодушниот народ со здрав нагон за постоење, и самопочит, но не доби, иако очекуваше, поддршка од интелектуалците. Тие не ја побараа вистината во историското искуство на човекот со тој проблем, посебно во искуството на сопствениот народ, енормно богат со него, со голготите на физичко и идентитетско ништење. Едноставно, не сфатија, или, затворени во својата тесна интелектуалистичка корупка, не можеа да сфатат какво е значењето на името на еден народ. Па оттука, логички, не можеа да сфатат и што значи евентуалната негова загуба. Оти, да ги беа притиснале сериозно книгите на антрополозите можеби и ќе го сфатеа тоа. Ќе видеа колку било значајно името, не тукутака, во архаичните цивилизации, каде што тоа е основен иницијациски симбол. Кај нив, кај сите без исклучок, Името го симболизира самиот живот. Тоа е негов извор, и негово укинување значи укинување на животот, на индивидуата, на колективот, племето. Сеедно. Се разбира, пак, дека драг читателу, како и сѐ друго и името е обесветено во денешната либералкапиталистичка цивилизација, која од сѐ, и од човекот прави индустриски производ на профитот.

Ама, сепак, ајде пробај ти смени им го, на пример, името на Англичаните, Французите или на Германците, па да видиш што ќе ти се случи. Наеднаш се буди тој архаичен пранагон за одбрана на идентитетот, иако станува збор за една шизофрена цивилизација во која сакралното и профаното се одвоени со бездна и не комуницираат меѓу себе. Бог и божественото се фрлени во калта на профилот и капиталот.
Тоа. За разлика од архаичните општества (во црна Африка главно сѐ уште) каде што човекот е интегриран со космосот и со силите на своето внатрешно Јас, кои доаѓаат од горе и се спиритуални. Трансцендентални. Така, да се послужиме со терминологијата на Индусите, е остварена трансценденталната врска меѓу Атман (јаството) и Брахман (космосот, Бог). Таа врска, пак, драг читателу, денес профитабилниот западен човек на капитализмот воопшто не ја познава. Неа ја познаваа некогаш, кога беше присутен Бог и тајната на сепостоењето во таа цивилизација, длабоките спиритуални мислители од типот на Јакоб Беме и Мајстер Екхарт, но денес тоа е само носталгично минато. Денес во таа цивилизација го нема, избришан е Бог. А ако го нема него, како што велеше пророкот Достоевски „сѐ е дозволено“. Во прв ред злосторството отаде границите на моралот и законот како што тврдеше духовниот европски близнак на рускиот гениј Ниче.
Па, добро, нестрпливо прашуваш, драг читателу: што е проблемот со западниот обезбожествен човек. Општиот човек на таа цивилизација на капиталот и веќе, како што гледаме, стапка по стапка, на ништо друго. Проблемот, фројдовски речено, се вика нарцизам, невроза, а тоа пред сѐ значи дефицит на љубов, сочувство и милост кон другиот. Тоа е човекот на цивилизацијата што нема онтолошко, туку само економско средиште. Цивилизација што се откажала од духот и душата во име на „Златното теле“ на капиталот. Човекот што го загубил своето автентично Јас, името што значи за архаичниот човек живот.

Таа е вистината. И сега конечно дојдовме до фактот, драг читателу, дека преименувањето, бришењето на генеричкото име, на индивидуата или на колективот, по дефиниција води во смрт. Не физичка, туку идентитетска, најстрашната од сите видови смрт како што тврдат без исклучок и антрополозите. А и што ќе ти е живот, безличен и мртовечки, без идентитет? Во тој контекст, што ќе ни е нам Македонците таквиот срамен живот (прости ми за искреноста, драг читателу) по оној брутален идентитетски колеж во Преспа 2018? Без името ти си без душа, која во овој случај, македонскиот, го сугерира Логосот, Словото алфа и омега симболизирано во Исус на кого од отецот му е даден клучот на создавањето на светот. А кој е тој Клуч? Се разбира, Името што со својата создавачка енергија истовремено е и глагол. Едноставно целото божјо создание е од имиња. Светот е изговорен со нив. Космосот е само една голема реченица од имиња. И онаму каде што не успеал Бог да доименува, тоа, како што знаеме од Светото писмо, му го дозволил на своето првосоздание според неговиот образ Адам. Интуитивно, таквото донекаде во позитивна смисла тоталитарно значење на Името, драг читателу, го насети и мојот омилен поет Готфрид Бен, Германец ама не и фашист како Меркел во македонскиот случај на идентитетска ликвидација, па во својата подоцнежна поетска фаза инсистираше на што поголемо присуство на именките, а на што помало на глаголите во неговата поезија.
Именка. Име. Есенција. Јатка. Тоа воопшто не го сфатија македонските академици и универзитетски интелектуалци. Така, еден мој пријател, универзитетски професор, заразен, бодријаровски речено, од лакмусот на постмодернизмот, неговиот ирониски и десакрализаторски релативизам, се „отепа“ од фељтонизирање на темата Име во еден наш весник за кого знаеме каква беше и останува неговата соросовска позиција на тој план. Позиција што е најблиску до поимот духовна анемија.

Но станува збор за универзитетскиот постмодерен интелектуалец. Тој се отепа, покажувајќи набилдани интелектуални мускули да нè убеди дека Името е релативна категорија во однос на идентитетот и дека хируршката операција со она северна на Евроамерика е едноставна и безболна, дури и потребна во наша полза за вклопување во струјата на западната либералкапиталистичка цивилизација, која сепак да ти била достигнување на човековата демократија, без разлика на нејзиниот очигледен силно изразен колонијалистички и робовладетелски нагон што работи деноноќно perpetuum mobile на профитот и капиталот, за што страдаат цели доминиурани мали, слаби и сиромашни народи во светот. Оној „на трудот црн народ“ за кој пееше ама и се бореше со пушка нашиот Рацин. Тој што требаше да им биде архетип, образец на нашите писатели во борбата за Името и идентитетот, ама тие кукавички го изневерија него.
Доволно, драг читателу. Ја сфати, извлечена по патеката на болката, мојата теза, дека ништењето на Името, макар и со прилепување како коронавирус на една придавка (северна) е смрт за оној што го носи него како индивидуа и колектив. Тоа е тоа. Добро. Ама ти, размислувајќи длабински на оваа тема, ми велиш дека постојат и некои доброволни преименувања, а со намера со тоа земното да се замени со небесното, преименуваниот да го напушти земното (на Сатаната) и да го освои Небесното царство на Бог. И ми го даваш примерот со монасите, исихастите. Точно. Се согласувам, но ќе ти кажам дека е тоа всушност наследство од архаичните претхристијански пагански религии, кои интуитивно имале инстинкт за божественото. Па зарем е случајно тоа што сите древни религии го имале за врвно божество Сонцето? И, зарем во тој контекст е случајно што во Библијата првиот ден од создавањето на светот Бог ја создал Светлината, чудото на боите од кои вртоглавица Њутон до тој степен што венчалниот прстен купен за свршеницата го замени за призмата што ја виде во излогот на еден дуќан во Лондон. Оти за него беа поважни боите и светлината од свршеницата. Грешка или не, тој си знае. Сеедно.

Монасите, драг читателу, како и во архаичните претхристијански пагански цивилизации со менување на името пристапуваат кон иницијациски чин. Чин што е можност за премин од предметното кон духовното, од земното кон небесното. Тој мост е нивното ново трансцендентално Име. Името на Новиот Човек на кого со примерот на Христос пледира христијанството и за кој толку многу, како ниеден друг, говори во своите генијални посланија апостол Павле.
Тоа е што се донесува до монасите и нивното трансцендентално Име со кое патуваат кон Бог и Божественото. Ама не можеме тој иницијациски чин да го примениме аналошки на силеџиското преименување со онаа смртоносна северна на Македонија и Македонците. Не! Разликата тука е навистина драстична. Кај монасите преименувањето, според религиозно убедување, е доброволно и радосно, откровенско, а кај Македонците тоа е насилничко, отстрана, без своја волја, варварско. Со преименувањето на Македонците од грубата обесветена цивилизација, всушност, им беше ускратено основното право со кое се манифестира Слободата. Правото на избор, за кое толку многу пледира во својата филозофија и Сартр. И не само тој. Правото што под синтагмата слободна волја им го дозволи на своите првосозданија Адам и Ева, нашите прародители, и Бог, па ги остави слободно да шетаат низ градината на Едем и да кружат околу Дрвото на Познанието, сè дури не се осмелија да скинат од неговиот за нив забранет плод. И тоа, без разлика на ризикот со име Судбина, како што знаеме ние, нивните потомци, беше влез во зоната на Слободата, која пред нив беше привилегија само на Создателот.

Додуша тие потоа скапо ја платија цената за тој чекор, кој, за разлика од теолозите, не мислам дека е непромислен, иако е инстинктивен. Но зарем постои поголем инстинкт од инстинктот Слобода? Лично мислам: не, драг читателу. Да. А кај е тогаш нашата слободна волја, нашата слобода ускратена со силеџиското преименување и страшниот идентитетски колеж во Преспа 2018? А??? Што има тука да правиме споредба, драг читателу, со преименувањето кај монасите потонати до бескрај во трансценденталното исихастичко смирение, апсолутно слично со она на Буда и будистите во Нирвана? Разликите се речиси безначајни. Споредбата е не во сличноста, туку во различноста. Монахот по скалите, спуштени од Ангелот, како Јаков се упатува кон Божественото, Атман кон Брахман, а во случајот со Македонците и нивниот идентитетски колеж во Преспа процесот е обратен: не е искачување, туку слегување по скалите на Сатаната во пеколот, во непостоење. Во ништо, пак ќе повторам, кое нема никаква суштинска врска со будистичкото трансцендентално Ништо, бидејќи означува распаѓање и смрт. Бодлер тоа и пред Фројд, Јунг и Адлер, маестрално го дефинира како слика на модерната безбожна, апсолутно материјалистичка цивилизација, целосно подложна на профитот и капиталот.

(продолжува)