Уште неколку размисли за идентитетското убиство на Македонците (2)

634

Тоа е вистината, драг читателу. Што да ти кажувам уште. Тоа дека, по аналогија со сличните нешта во историјата не само кај архаичните култури, настанот во Преспа е еден вид „цивилизациски“ канибализам врз цел еден колектив. Македонците. Тие, во глобалистичкиот корпоративен демонизам на ништење, осиромашување и обезличување на малите, за тој експеримент прва во Европа ја избраа како најкревка и со најмал отпор Македонија. Покрај другото и затоа што таа е во интензивна континуална фаза на ништење, почнувајќи од Букурешт 1913 наваму. Преспа беше само финалната претстава во безбожниот театар на тоа варварство. Во неа, ако добро се прочитаат некои „обредни“ знаци на тој валкан чин, не е тешко да се заклучи дека Македонците беа во улогата на „сакрална жртва“. На што? На глобалистичкото „Златно Теле“ на капиталот и ништењето на сè што е свето. Оти да беше Европа навистина христијанска, а не христијанството да го користи само како маска за злосторство (не е тука само епохата на инквизицијата), таа добро ќе размислеше дали да го ништи првиот христијанизиран народ во неа.

Преспа беше еден вид dance macabr на оваа цивилизација сведната над бездна. Прејадена и пренатрупана со колонијален грабеж, таа посегна по еден богољубив, скромен и несреќен народ, мачена и од досада. Така, бидејќи на општ план кај неа исплови моќта на капиталот и сексуалната перверзија, за која Маркиз де Сад состави и посебен учебник. И не само биолошки туку и политичка и духовна перверзија. Оти перверзијата ги раѓа презаситеноста и досадата. Теофил Готие, естетскиот учител на Бодлер, како да беше пророк на постмодерниот тренд на Европа кога рече: „Подобро варварство, отколку досада“. Оти досадата кај подлабоките духови тера во меланхолија, за што доволно говори Бодлеровиот „Париски сплин“, но таа не е погодна за „еднодимензионалниот човек“ (Маркузе) на капиталот. А западниот европски човек со вродена колонијалистичка нарав бега од меланхолија и контемплација. Тој претпочита да е биолошки сит и ведар. Да е среќен како варварите, за чиј витализам над цивилизираниот човек говори и Ниче.
Варварството над Македонците од страна на Европа, која само ги користеше балканските хиени за него, пред да се стигне до Преспа беше подготвувано, покрај физичките тортури, во одделни периоди и со една „обредна“ политичка софистицираност на подготовки за идентитетскиот погреб. Таа „обредност“ главно се состоеше во долгите, понекогаш нервозни, перверзни политички игри на маскирање на смртта што треба да се случи, а во која садизмот треба да се трансформира во мазохизам, па така ликвидираниот колектив, „столченото племе“, на крајот дури и да биде задоволен од тој чин на „цивилизаторите“. Така, иако Македонците таа подготовка за идентитетски погреб ја чувствуваа како ужас. Она што го вели и Бекон дека „погребувањето е поужасно од смртта“. А во таков стил, нешто слично вели и Монтењ: „Јас навистина верувам дека ужасната опрема со која се опкружува смртта предизвикува поголем страв отколку таа.“

Да, драг читателу, на Македонците од поодамна, но особено последните неколку години пред Преспа 2018, им беше, на нивен ужас, демонстриран тој политички обред на подготовка за погребение, кога со убави зборови дека ќе бидат одведени во рајот на Брисел перверзно само им се навлекуваше кошулата на осудениот за погубување. Едноставно, тие нè подготвуваа самите да се подготвиме за сопствената смрт, која, според нив, требаше да ја прифатиме како подарена среќа, а не како убиство од нив. Нè тераа со нивниот „цивилизациски“ хуманизам, да не арчат тие пари за тоа, да си го подготвиме сами за погребот и мртовечкиот сандак, вклучувајќи ја и сета друга опрема потребна за тоа. Беа предвиделе да ги платат, иако и самите гробари, само домашните гробари на сопственото племе, кое бескрајно се кае што ги родило како изроди нив. Да не повторувам. Многу добро знаеш кои се тие, драг читателу.
Перверзните „цивилизатори“ убијци, едноставно со добро извежбан „цивилизациски“ садизам нè тераа на еден вид претпогребна генералка на сцената од нивниот темен сатанистички театар. Та зарем не го видовме кај нас дефилето на таа темна и перверзна „цивилизациска“ поворка од западни моќни политички пробисвети, крупни ѕверки. Госпоѓа Меркел како маскирана реинкарнација на фирерот беше најимпресивна, иако и најбезобразна и цивилизациски најневоспитана меѓу нив. Сигурен сум дека да беа живи Стефан Цвајг и Томас Ман ќе се согласеа со мене. Оти Ман рече веднаш по Втората светска војна дека Хитлер е победен, но не и фашизмот. И тоа беше пророчка изјава. Меркел неа ја илустрира и потврди со својата улога во идентитетската ликвидација на Македонците во Преспа. Таа беше најголемиот притискач за нашата генерална проба за погреб. Нешто слично како што го има направено тоа и Шарло V, кој, како на генерална проба, доброволно присуствувал на својата погребна литургија и ја пеел „Dies irae“. Да. Но тој тоа го направил, макар и како ексцентрик, со задоволство и без присила како Македонците.

Така. И што уште да ти кажувам за тој срам и понижение, драг читателу, пред идентитетскиот колеж во Преспа. Преспа, која ќе се памети како една од најголемите и најбрутални идентитетски касапници на оваа „цивилизација“ на капиталот, во која човекот е сведен на обичен индустриски производ на употребна вредност. На ништо. За неа тој не е никакво божествено создание. На примерот со македонскиот геноцид/етноцид јасно се покажа тоа. Пред нив судбината на геноцид, физички или идентитетски, или комбиниран, ги снајде Индијанците во Америка и црнците во Африка. За тој метод на ништење од друга страна на западниот човек Л.В. Тома во „Антропологија на смртта“ вели: „Во својот двострук вид на физичко или пацифистичко уништување, етноцидот е злосторство направено од владејачките идеологии (европски или американски) неспособни разликата да ја протолкуваат поинаку освен во изразите на нееднаквост и кои кон ‘потчинетиот’ гледаат само две можности: уништување или асимилација. Тука постои едно самоубиствено однесување за човештвото, сè додека е вистина дека погледот на ‘другиот-поинаквиот’ останува единствен начин да се сфати нашето сопствено општество.“
Така. Потоа Л.В. Тома молскавично поентира со еден сјаен, есенцијален парадокс. Вели: „Да се прифати ставот еден народ или општествена група да бидат присвоени, истребувани, дури и уништени, тоа веќе значи предизвикување и на сопствената смрт. Според праведниот обрт на нештата, тоа значи да се умре со смртта на другиот.“ Подвлеченото е на францускиот антрополог, месје Тимоние. Оти ако не го беше подвлекол тој, јас ќе го подвлечев, затоа што е тоа немилосрден антрополошки факт, колку и да звучи тоа мистично, како реплика од архаичните култури на кои им е посебно наклонет Тома, кој манифестира мачнотија од сликата на западната цивилизација. Нешто слично како она на Сартр: „мачнотија од постоењето“.

Најпосле, пак, надоврзувајќи се на сјајната негова поента, можеме да отпловиме, по аналогија, и кон филозофијата на индуистичкиот кармизам во кој злосторникот во следниот инкарниран живот го доживува на своја кожа злосторството што претходно му го направил на другиот, осуден да умре со истата, а можеби и пострашна смрт од смртта на својата жртва. Да. Но мислам дека тука францускиот антрополог е премногу оптимистичен, нешто што е диктирано прво од неговиот анимозитет кон сопствената геноцидна цивилизација, и второ од хуманизмот на неговото вистинољубиво „антизападно“ срце. Па, сепак, и покрај утопизмот на неговата (хипо)теза, подготвен сум, драг читателу, да ја споделам неа со него. Имено, подготвен сум да верувам дека цивилизацијата што ни ја донесе и подготви идентитетската смрт во Преспа ќе мора, ако не сега, во некој иден ден да го отплати идентитетското злосторство кон Македонците. И не само морално. Се надевам дека тоа и ќе се случи пред Страшниот Суд на небо горе, кој е специјално формиран за мерење на злосторниците и нивните злосторства. Не е тоа специјалното јавно обвинителство на Заев и Катица, кои исто така ќе мораат да застанат на неговата терезија. А можеби (аналогијата ме тера кон тоа) и коронавирусот се вклопува во таа „праведна“ казна на цивилизацијата за нејзините злосторства во светот и во Преспа. Мислам на западната капиталистичка и канибалистичка цивилизација во нејзината колонијалистичка нарав за трупање капитал.
Знам, сега гледам, ме укоруваш за таа аналогија, драг читателу. Веројатно и правилно, оти велиш дека таа трагедија со вирусот не ги зафати само нив туку целиот свет. Не само богатите западни колонијални нации туку и малите и сиромашните. Точно. Знам, ама сепак понижените и сиромашните, свикнати на страдања, тоа полесно ќе го преживеат од моќните и богатите затрупани со капитал и банки. А којзнае (сè си мислам) дали и оваа катастрофа, како и редица други пред тоа (инквизицијата, Првата и Втората светска војна), пак не е нивен изум. Изум на нивната незаситна лакомост за трупање материјален профит.

Доволно. На крајот предлагам овој есеј, драг читателу, ако се согласуваш, да го завршиме со два кратки фрагменти од македонскиот апостол Павле, кој не тукутака дојде до Троада подмишка со Македонецот во Македонија. Тоа треба како симбол и знак да го знаат ликвидаторите на Македонија и на Mакедонците. Првиот фрагмент од посланијата на апостолот е пофалба на Mакедонците во Филипи, со кои тој има намера да се пофали пред бог, а вториот е слика на опстојбата среде неволји од сите страни. Еве: „Правете сè без ропот и двоумење, за да бидете беспрекорни и чисти, непорочни Божји чеда, среде опак и расипан род, меѓу кој светите како светила во светот, држејќи го цврсто словото на животот, за да имам со што да се фалам во Христовиот ден, дека не трчав напразно и дека не се трудев напразно.“ (Послание до Филипјаните: 2:14-16). И: „Во неволја сме отсекле, но не сме притеснети: во двоумење сме, но не губиме надеж. Нè гонат, но не сме оставени, нè соборуваат, но не сме погубени. Каде и да одиме, секогаш го носиме Исусовото умирање во телото, па и животот Исусов да се покаже во нашето тело.“ (Второто послание до Коринтјаните: 3:8-10).

Тоа, драг читателу. Тој „опак и расипан род“ за кој говори апостол Павле и денес ги гази богољубивите Македонци, Родот во кој, иако таков, тие светат како светилата со светлина што им е дадена од Господ први да ѝ ја предадат на канибалистичка Европа како новозаветна штафета на Христовата сељубов. Ама тие, наместо на љубовта, ѝ се предадоа на омразата и се фрлија во прегратката на сатаната, што им го подари како компензација за неа капиталот, парата и безбожништвото, кое на таков суров начин го демонстрираа и кон Македонците во Преспа.
Толку. До следната наша средба, моите искрени поздрави до тебе, драг читателу. Биди во зоната на смирението, храброста и љубовта, оти целосно сроден со нас, Павле ја предвиде пророчки и нашата преспанска трагедија, па, како што гледаш, ни порача: „Нè гонат, но не сме оставени, нè соборуваат, но не сме погубени.“ Амин!

(крај)