Уште неколку размисли за идентитетското убиство на Македонците (2)

857

Значи, во твојата дилема, драг читателу, работата е едноставна: кај монасите е доброволно, со избор (слобода) менувањето на името што го озаконува вертикалниот симболизам, искачување кон Бог и Божественото. Кај Македонците е обратно: не слободен избор, туку треба присила; не искачување, туку слегување, пад во бездната на идентитетското ништо. Кај нив нема ништо од Шопенхауровата космичка енергија со име Волја, населена во секој атом и квант од живиот и материјалниот свет. Но не дека немаше, туку таа им беше ускратена и во добар дел „компензирана“ со апатија и депресија. Им беше ускратена слободата што ја избраа по цена на напуштање на Рајот и небесното блаженство нашите прародители Адам и Ева, по цена на долги страданија потоа во преостанатите од вечноста столетија и милениуми. Ама тие страданија беа по нивен избор, плус во нив тие го имаат, како во некоја музичка фуга, покрај темниот, и светлиот паралелен ракав на музичката струја: страста од постоењето, колку и да е мачно тоа. Постоењето што тие не го доживуваат како онаа „мачнина“ од него на Сартр, туку, и покрај сè, како екстаза, страст и занес што им пркосат на страданијата. И тој избор на човекот за скок во слобода, и покрај казната што следува потоа, драг читателу, му го даде неговиот создател. Бог. И на Македонците, се разбира. А сега, кој е тој бог што наеднаш ним им ја краде неа до последната капка од огромното море? Никој друг туку богот на капиталот, поточно западната европска (сега евроамериканска) либералкапиталистичка цивилизација. И кај ги изгонува нив? Ги изгонува од онаа „куќа – цел свет“, за која се бореше Рацин не само во песна туку и со пушка. Рацин кој за таа своја утопистичка, космополитска идеја го жртвуваше на крајот и својот живот. Идејата за која загина и Гоце, кој го замислуваше светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“, а не како свет на профилот и капиталот.
Со насилничкото преименување, Македонците се исфрлени од „куќата – цел свет“ на периферија и им е забранет натпреварот меѓу народите, едноставно затоа што се сведени на идентитетско ништо, на живи мртовци што талкаат за потсмев изгубени во цивилизацијата. Ним им е одземена и угасната душата, она што кај архаичниот човек го сугерира и претставува Името. Со други зборови, исцицана е од нив и дадена на друг, да се кити со неа (пред сè на Грците и на Бугарите) целокупната историска и културно-цивилизациска меморија. Финалниот чин на таа садистичка операција на Вашингтон и Брисел, врховните архијереи на западната цивилизација денес, се случи во Преспа 2018. Преспа, идентитетската касапница, идентитетскиот колеж на цел еден народ однапред бележен како стока за клање и натоварен во вагоните на смртта. Македонците, новите по Хитлер, Евреи на Европа.

Така. Но, добро, постојат и други народи што имаат повеќе имиња, приговараш, драг читателу, и ги наведуваш Германците како пример: Германија, Дојчланд, Алеманија, а кај Србите и Немачка (преведено на македонски како Немтурија). Да. Добро, ама ни сега со северна, немаме како Германците и друго име, туку само едно, новокомпонираното, бидејќи ни е ставена строга цивилизациска забрана на изворното, сега дадено како името на Грците. А, пак, што се однесува до Германците и сличните на нив, тие може да имаат уште десетина други имиња, но важно е дека никој, како што е тоа случајот со нас, не го оспорува нивниот идентитет. Оти никој во Франција не вели дека Гете е Французин, како што велат на пример Бугарите за Гоце дека е Бугарин. Па, дури за неговиот чист како кристал македонски идентитет, парадоксално и шокантно за Македонците, така се изрази и македонскиот (северен) претседател Стево Пендаровски. Случај што заслужува една посебна психоаналитичка експертиза, во која треба да се открие аномалијата на тој потег и од индивидуален и од колективен аспект, како некој вид заболеност, тумор на македонското битие, кој треба да се отстрани, да се лекува, ама за тоа на Македонците, драг читателу, им се забранети и лекот и лекувањето. Освен, се разбира, лекот што го користат самите тие, а тоа се раните на Исус, на чија лековитост укажа прв старозаветниот Исаија, кога рече: „Оти Христос доби рани за ние да бидеме излекувани со нив.“ И тој лек на крајот ќе се покаже и ефикасен, но за тоа треба да се истрпи, а Македонците преполни до врв, и над него, со Трпевци и Трпани ќе истрпат.

Тоа. Туку, имплицитно, и изјавата на Пендаровски за Гоце како етнички Бугарин (Боже мил, како да се искаже сето ова?) сега го отвора пред нас, драг читателу, прашањето дали она што се случи во Преспа со Македонците е убиство или самоубиство. Наизглед едноставен, сепак одговорот на ова трауматично прашање како клатното на часовникот се ниша меѓу За и Против, Да и Не. Притоа, се разбира, ни едниот ни другиот одговор, убиство или самоубиство, не им одговара на „цивилизацијата“ и „цивилизаторите“ сега по извршеното злосторство во Преспа. За нив преименувањето е цивилизациски чин, со изговор за добрососедска соработка и поглед во иднината за доброто и среќата на преименуваниот, идентитетски настроен народ. Иднината со име ЕУ и НАТО. Со името, во случајот со Преспа, на македонските идентитетски џелати.
Јасно, на Македонците им е одземено Името за да се преведат во непостојно постоење, попонижувачко дури и од постоењето на животните, затоа што секое едно од нив, иако несвесно за тоа, стои цврсто и незаменливо со есенцијата на името на видот и карактерот во идентитет. Стои дури и во епицентарот на Божественото како негов знак. Тука Сатаната не замешал прсти, и Создателот си го чува имотот надвор од него. За разлика од чистата божествена природа на животните, човекот му се подал на темниот и голем дел од неговите нагони работат на неговиот енергетски погон. За жал.
Сега веќе сме во средиштето, значи, на темата смрт, драг читателу, тема над темите, како што е, впрочем, покрај неа, единствено таква тема и животот.

Оти, всушност, животот и смртта се неразделна целина. Јин и Јанг, речено со јазикот на Лао Це. Ама за да биде, пак, таа целина природна и хармонична, потребно е и едниот и другиот елемент во неа непречено да го врват својот пат. Да нема неприродна, насилничка интервенција во нивната врска. Се разбира, освен болеста, која пак се вклопува во природниот тек на нештата, што со други зборови значи дека насилничката интервенција во таа врска доаѓа од страна на човекот, и таа е груба, брутална. Таква, таа може да се именува само како насилничка смрт, насилничко прекинување на животот на некој, како што се случи тоа со Македонците во Преспа.
Е, сега, знам, ти ме прашуваш, драг читателу, а што е со самоубиството, другиот вид „насилничка“ смрт. Да, како што гледаш тука употребувам наводници за да ја означам разликата, оти ако е и таа насилничка, сепак не е зададена од друг, туку самоубиецот сам си пресудил себе. Според својата сопствена волја, во полето на слободата, а тоа е огромна разлика. Се разбира, пак, тука, сега во нашиот есеј, како што е тоа загатнато уште на почетокот, ние расправаме не само за смртта и типот на смртта (природно, убиство или самоубиство) на единката, туку и на цел еден колектив, па дури и цивилизација, за што убаво, поубаво од кој било друг филозоф, говори и Освалд Шпенглер во неговото генијално дело со, би рекол, пророчки и дијагностички наслов: „Пропаста на западот“. И, кога сме сега во темата на смртта на цели колективи, племиња и народи, онаа насилничката што е во нашиот фокус, таа, како што е тоа добро познато и од антрополошката литература, се реализира на два начина: на физички, со биолошка ликвидација, и идентитетски, со асимилација и акултурација на бележените, одземајќи им го нивниот идентитет со бришење и вглобувајќи ги нив целосно во сликата на идентитетот на ликвидаторот, кој почесто се нарекува дури и мисионер, цивилизатор и спасител.
Така. А постои и трет вид за уништување на еден народ, во кој се комбинираат физичкото и идентитетското убиство, како што се случувало тоа редовно во историјата кај Македонците. По Втората светска војна, таков е примерот со Македонците во Егејска и во Пиринска Македонија, кои едноставно се истопија таму, доведени до работ на исчезнување. А што се случи тука со нас, во Преспа? Нашата идентитетска ликвидација беше проектирана од „мајсторите на смртта“ (П. Целан), со двата метода на убиство: идентитетско, но и физичко (терористичката албанска 2001), кое сега е испланирано на подолг рок, доколку не им текне на ликвидаторите да го скратат со поперфидни, постапни притисоци што треба да заплашуваат и да ги изгонат Македонците од родните огништа, та сега и без фашистичките бомбардери на Черчил и Европа. Оти е пуштен, меѓу другото за таа намена, во тек и булдожерот на тиранската платформа што чисти сè пред себе.

Но сега, во случајот мора со Преспа, нас нè интересира, драг читателу, да се изјасниме дали станува збор за убиство или самоубиство на Македонците. Оти е создадена голема забуна околу тоа, иако работите се јасни. Преспа може да се толкува и како убиство и како самоубиство истовремено на „столченото племе“ (Б. Конески). Како убиство: со проектот за идентитетска ликвидација од страна на Вашингтон и Брисел, завиткан во „цивилизациска“ мисија, и како самоубиство (за пилатовско миење на рацете на „цивилизаторите“ од злосторството), перфидно смислено и наметнато на жртвата од нив. Тие го направија тоа со квислиншката влада на Заев и Димитров, кои срамниот ликвидаторски чин во Преспа го озаконија идиотски елегантно, само со еден потпис на она сатанистичко пенкало, на кое Заев му испеа химна како романтичарите на Сатаната. Чудниот „романтичар“ од Муртино. Со тој потпис на смртоносниот договор, Заев, Димитров и Сатаната само со еден потег го избришаа целокупниот генерички идентитет на Македонците, кој, според сведоштвото и на Библијата, има континуитет од неколку милениуми.
Кога, пак, станува воопшто збор за проблемот на самоубиството, сега ми доаѓа во мислите, драг читателу, она на Албер Ками дека тоа е најважниот проблем на филозофијата: „Да се умре доброволно, значи дека човекот речиси нагонски го почувствувал потсмешливото значење на тоа навистина отсуство на секоја подлабока причина да се живее, бесмислениот карактер на секојдневниот напор и бескорисноста на страдањето“ (во „Митот за Сизиф“). Уште Ками вели и дека самоубиството е некој вид „уметнички чин“ што се подготвува долго и длабоко кај оној што наумил да го стори тоа. Се разбира, тука францускиот филозоф (во една филозофска проекција за смислата и бесмислата на постоењето) зборува за самоубиството пред сè на индивидуата, на човекот како посебно битие меѓу битијата, создадено според образот на Бог. Зборува за физичкото самоубиство, кое сега во нашиот случај со Преспа го имплицира и идентитетското. Го имплицира, се разбира, покрај индивидуалното и колективното самоубиство на Човекот-Народ, поим што јас по аналогија го изведувам, драг читателу, од оној Човек-Човештво за кој говори Шлаермахер. Се разбира, во својата филозофска размисла Ками како егзистенцијалист, слично како и Киркегард, неговиот филозофски учител, поаѓа од основната теза на таа филозофија: имено, дека животот е парадокс, апсурд на кој треба да му се погледне право в очи за да се спознае истиот тој. Иако не и да се реши. Да се дијагностицира докрај, до најболната точка, но не и да се понуди лек за него.

По сè изнесено, драг читателу, дојдовме до есенцијалниот заклучок. Прво по однос на Името, дека неговата смена не е волја на македонскиот народ, како што е тоа кај монасите, примерот што го зедовме за споредба на тој план, или кај некои други иницијациски обреди во архаичните култури. Промената на името на Македонците не е извршена со слободна волја и, следствено на тоа, не е иницијациски чин на посветување, туку е нешто спротивно од тоа: десакрализација на сакралното. Промената е направена со груби притисоци, насилнички, и со тоа му е испумпана трансценденталната генеричка содржина нему како симбол на еден древен народ, негова генеза и знак на постоење. Тоа е обесветено од оние на кои ништо не им е свето освен материјалниот профит.
Тоа. И второ, повеќе од јасно е дека промената на Името со онаа смртоносна придавка северна е чин на идентитетско убиство, кое го има добро извежбано и усовршено западниот човек на капиталот со колонијалистичка нарав. Убиство однадвор, од Вашингтон и Брисел. Но тоа е истовремено и самоубиство, специјално македонски парадокс. Самоубиство затоа што за својот валкан чин Западот се послужи, како алатка за ликвидација на македонскиот идентитет, со Заев и Димитров, нивната квислиншка влада и парламент, и покрај референдумското изјаснување на Македонците против промена на Името.

(продолжува)