(Уште една) среќна Нова за олигарсите

1157

Една шега на социјалните мрежи најдобро опишува како ни летна оваа година: јануари, февруари, ковид-19… и оп – Нова година! Од оваа перспектива е и смешно и жално кога ќе се сетиме што си посакувавме пред 12 месеци, а што излезе од тоа. Сега повеќе со страв отколку со радост гледаме на 2021 г.: таа не само што не ни ги остава на мир ни јануари и февруари, продолжуваме со коронавирусот, со задолжувањата и со сиромаштијата, која веќе нема да може да се покрива со никакви „пакетчиња“. Но најголемото „пакетче“ со наши пари го подарува Собранието, со еден не само олигархиски туку и приватен божем закон на газдата на ГАМА (и Телма). Народниот дом склучува зделка со приватна компанија небаре е актер на берза или бизнисмен, додека генералисимусот Таљат во празнично расположение само што не почнал со „чаше ломим, руке ми крваве…“. Полноќни теревенки, полупијани или полузаспани пратеници, забиваат уште еден клинец во ковчегот на парламентарната демократија и правната држава (ковчегот е толку добро закован и досега за да не излезат случајно на површина). Никогаш не сме имале држава позаробена во приватниот интерес на премиерот од Заевата – тој не само што ги пречекорува границите на правото туку и оние бедни марионети од пратеници ги користи како пазарџии, со закон да склучат зделка. Истата вечер, и (наводно) без да проба џоинт (можеби и ајварот не си го пробал), тој јавно ја промовира „тревата“ како врв на слободата. Картелите од Јужна Америка можат да му позавидат – тој сè прави „во согласност со устав и закон“.

Попусто зборуваат од говорница професорите по право, бидејќи во некоја идна „реформа на високото образование“ во Уставот ќе допишат дека Собранието е претприемач и застапник на владетелот, а не на народот. На Европа ѝ се прди за нашиов параспур завиен со чадот од марихуаната. Но затоа НАТО се усреќи со тоа што доби 30-та лилипутанска членка на линијата на фронтот. За овие на власт тоа е најголемото постигнување од Крушевската Република и АСНОМ до денес. И се разбира, тоа што среде пандемија останаа на тронот да ветуваат сенешто пред новинари, кои вљубено им трепкаат со очите додека ги интервјуираат. Ветуваат, замислете, дури и позајмени или донирани вакцини, толку се посветени на народот.
Ние возрасните сме станале зомби (истражувањата велат, Македонците не биле среќни, ама не биле ни несреќни), чекаме да ни пукне „филмот“, зашто без оглед колку лидерот на опозицијата верува во демократските методи, и тоа е бајка за големи деца. Но, што е со децата? Зарем ним не им припаѓа макар и привидот на време на бајки и подароци? И токму сега стигнуваат две вести: едната е онаа за која пишував минатата недела, бајката за интегралната интердисциплинарност во основното образование (потпрена од огромни кредити од Светска банка и други меѓународни извори); втората се однесува на НАТО, неоправдано запоставено поради коронавирусот. Точно, НАТО беше официјална (и неоспорувана) бајка со децении, па и од времето кога една невладина организација ги учеше децата да пеат „НАТО, НАТО, ти си наше злато“. По повод 70-годишниот роденден на Алијансата и во пресрет на официјалното членство, Министерството за одбрана заедно со Генералштабот, распиша конкурс за најдобар детски есеј на темата „Јас и НАТО“ (каква, би рекла емотивна, персонална врска!), кој се реализира преку училишниот систем. Пред неколку дена, на некаков форум на некаков институт, видни професори одлучиле дека треба да се ангажираат во борбата против „негативизмите и стереотипите за НАТО како агресор“. (Патем, значењето на зборот негативизам треба да се бара во психијатријата, бидејќи се однесува на ментално нарушување, па видете им го умот на промоторите). Разбравме и дека децата веќе неколку години учат за вредностите на НАТО во рамките на предметот Граѓанско образование! (Па, после се чудите зошто немале развиено критичко мислење!). Во статијата што известува за овој настан, цитирани се тројца универзитетски професори, но мене ми фати око следново: „За практични искуства во едукацијата за Северноатлантската алијанса на најмладите се осврна Весела Богдановиќ, одделенски наставник и дел од експертскиот тим на институтот ГАУС во повеќе проекти. Таа соопшти за проект од минатата година, кој резултирал со збирка од одговори на ученици од ОУ ’Кочо Рацин‘ во селото Ивањевци (некои и во форма на приказни и бајки) за тоа како настанало НАТО и која е неговата мисија, а во рамките на проектот биле креирани и едукативни игри на теми за Алијансата“. Го читам неколкупати и не можам да се свестам: прво, проектот го реализираат во селско училиште, веројатно затоа што на тие дечиња е најлесно да им се нуди кариера и развој во некоја од НАТО-мисиите. Така било отсекогаш, богатите никогаш не ги праќале децата во полиција или војска. Второ, за да биде иронијата поголема, името на училиштето е Кочо Рацин! И сега се чудам, како тие деца го одбележуваат патронатот, кога Рацин го симболизира сето она што е спротивно на НАТО. Неговите бели мугри се навестување и повик за ново утро, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви; борец за работнички права и против капитализмот и олигархијата, интернационалист кому цел свет братски му е… Зарем овие стихови можат да се заборават, особено кога се живеат и стемнети мугри: „Роди се човек – роб биди, роди се човек – скот умри; скотски цел живот работи за други, туѓи имоти. За туѓи бели дворови, копај си црни гробови!“.

Во тоа нивно божем прогресивно Граѓанско образование наместо за мир, ненасилство, толеранција и човекови права, на децата им се поттура НАТО! Нормализацијата на милитаризмот беше присутна и во преостанатите земји од поранешниот Источен блок. Оние на Запад не ни посветуваат внимание на оваа тема, имале 70 години да ја интернализираат/одомаќинат, а и сега повеќе се грижат за своите војници и контрактори отколку за НАТО. Дури и САД калкулираат со тоа колку им е потребна Алијансата, но својата армија ја глорифицираат како што ѝ доликува на империја. Трамп аболира воени злосторници од Блеквотерс за масакр врз цивили, но Асанж (ќе) умира в затвор затоа што ги докажа злосторствата на НАТО-војниците по светот. Брилијантната професорка Мерје Кус од Канада луцидно и храбро го деконструира митот за космополитскиот милитаризам, и за НАТО како сила на Доброто. Ние такви професор(к)и немаме ни мировните студии… Општествените текови (глобални и национални) не се обѕираат на измислени празници и календари. Редно е да кажеме дека дури и времето на бајките за возрасни е минато: урнат е митот за слободниот пазар и благосостојбата, демократијата умира дополнително замолчена со корона-кризата, мирот и безбедноста имаат само орвелијанско значење на немир и војна. Во бајките на Грим и на Андерсен (меѓу другите) се наоѓаат не само стравотни сцени и пораки (впрочем и Библијата изобилува со слични), кои, ете, биле одраз на времето во кое живееле. Нашите деца растат со модерните бајки на НАТО и Војна на ѕвездите. Бајката за Божиќ е одамна извалкана, можеби најмногу со извртување на изворната порака за новородениот Исус и неговата мисија за социјална правда, а потоа претворена во практика на дарување и собирање милостина. Ова е време кога богатите си ја плакнат совеста со донирање нешто ситно за сиромашните (како во приказната за богатиот што му купил кило џигер на сиромавиот, па го шетал наоколу за да ја истакне својата добродушност). Во учењето на Исус, вклучувајќи и за Божиќ, лежи длабоко закопана порака за револуционерна промена на системот, особено на неправична дистрибуција на добрата. Една духовита, но длабоко сериозна статија пишува за „Класната борба на Северниот Пол“ (па ме потсети на Севернава и на Северноатлантската алијанса). Поентата е во дисциплинаторната и комерцијална природа на Божиќ/Нова година, на митот и верскиот сјај на Дедо Мраз (Свети Никола), кој ги наградува (само) добрите деца (од добри семејства), а во чии работилници работат т.н. елфови (мали вредни човечиња чиј труд се експлоатира и без кои мистер Крингл би бил обичен работник, а не задоволен дебелко). Сите западни земји за миг ги попуштија здравствените мерки „за да го спасат Божиќ“ (т.е. енормното трошење пари за т.н. економија на подароци). Нашиве „татковци на градовите“ не дозволија да им пропаднат договорените тендери за прескапо украсување на (инаку запустени, валкани и полураспаднати) градови. Град Скопје (без трошка срам) пишува: „Деновите се исполнети со претпразнична радост и еуфорија, вечерите поминати во кругот на најблиските служат да нѐ потсетат што е тоа што е најважно, а улиците на градот блескаат посјајно од кога било.“ В година ќе блескаат уште повеќе, колку посиромашни и поапокалиптична годината, толку поблескави! Инцидентот со „бентлито“ на плоштадот (со смешната казна) е најдобар опис на општествената и морална беда, на класната поделба и на божемниот етнички соживот. (Со половина милион евра помош е украсен тенк!) Уште посоодветна слика што ја обележува оваа година е онаа за чадорот за заштита од фекалии во болничкиот тоалет. Ете, имаме чадор и „чадор“. Сè е по таман! Сега уште да му ја честитаме 2021 година на газдата на Топ тема, да се задолжиме за уште еден експеримент со образованието и можеме спокојно да го славиме НАТО (за таму сме веќе задолжени). А овие деца, резервната армија на трудот од една вуко***ина ќе ги враќа долговите и грабежот на овие неранимајковци – ако не си заминат навреме.