Уста полна дренки

1130

Во природата на човекот е ако душата не му е просветЛена
(а не само просветена), да не му е баш најмило кога некој близок стекнува углед, чест или пари, а тој самиот – не

Ниедна институција нема да стане подобра додека во неа не влезат добри луѓе

Полесно е да тагуваш со пријателот над неговата несреќа, одошто да се радуваш на неговата среќа. Така вели Артур Шопенхауер. Така велат и светите светогорски отци. A имале длабок опит со сопствената душа. Така велат и многумина источни мудреци, кои се занимавале со човековите души. Во природата на човекот е ако душата не му е просветЛена (а не само просветена), да не му е баш најмило кога некој близок стекнува углед, чест или пари, а тој самиот – не. Тоа е онаа ситуација во која се најде и Салиери во прочуениот Форманов филм „Амадеус“, кога гледајќи како Господ го обдарува фриволниот Моцарт со раскошни дела, а него, работливиот – не, се праша: „Зошто нему, а не мене Господи?“ Така реагираме на туѓата среќа, ако носиме запуштена душа. Душа со една до две струни, како гусла или чифтелија, наместо харфа. Спротивно, никој (освен монасите) кога на блискиот ќе му се случи несреќа, не помислува: „Зашто нему, а не мене Господи?“ Кога денес некој така би помисли, би го сметале за луд. Човекот во суштина е егоистично суштество, велат Шопенхауер и светите отци.

Едно од најчестите лица на егоизмот е зависта. И, што е најстрашно: и просветената (образована) душа не е поштедена од егоизам и завист. Ниедно образование не се занимава со искоренување на егоизмот и зависта како составки на човековата душа, туку со стекнување знаења од најразлични науки. Со тие науки, наводно, образованието го оспособува човека да „биде употреблив“ за општеството. Го храни и подобрува неговиот интелект. Ама не и неговата душа. Затоа и мотото на овој серијал гласи: „Ниедна институција нема да стане подобра додека во неа не влезат добри луѓе“.

Ќе се обидам, во овој серијал, нешто што во сегашниов миг изгледа речиси невозможно: да пишувам колумни во кои ќе го нема општеството (или поточно – идеологијата), туку само човекот. При сегашното сфаќање на колумната тоа изгледа како обид однапред осуден на неуспех, барем ако се суди според критериумот „читаност“. Читаноста денес е, за жал, пред сè пазарен критериум, а јас имам доволно години за да не страдам за читаност. Веќе знам дека најпродаваното не е по дефиниција и најдобро, а најмалку – духовно највредно. Во спротивно, кондомите, кои се најпродаваната стока на планетава, би биле прогласени за тотем.
Ефектот од таа завист кога ближниот напредува а јас се чувствувам погодено, јас лично го викам „уста полна дренки“. Ќе добиете некоја награда, почест или номинација, како неодамна младите автори на филмот „Медена земја“, и ефектот „уста полна дренки“ почнува да функционира околу вас. Луѓето од истата фела ви честитаат со половина уста, како навистина да им се собрала устата по половина кило изедени дренки.

Се ракуваат како дланката да им е мистрија. Но тоа се уште и добри случаи: тие сепак имаат некаква јавна контрола и свесни се дека социјализацијата, како и она „културен и воспитан човек“ многу често подразбира да се прикриваат изворните чувства. Прикривањето на зависта подразбира: јавно да се честита (макар и со половина уста), а тајно, во мали групи да се зборува сè најлошо за оние на кои им е честитано. Но има и такви што не можат да се воздржат, па почнуваат да блујат насобрани жолчни киселини од дренките на зависта. Такви новинари, уметнички критичари и уметници што функционираат „на нервна база“ – имало и ќе има. Но сè потешко се воздржуваат, па блујат и почесто и поинтензивно, зашто поимите „медиум“ и „јавност“ доживеаја сериозна редефиниција во оваа технолошки еруптивна ера. Имено, видливо се помести границата меѓу поимите „јавно“ и „приватно“, така што сè повеќе приватното станува јавно: нема жолт печат без „ѕвезди“ што ја изложуваат пред сите не само својата интима туку и долната облека. Некако, она што порано се потиснуваше во зоната „приватно“ и се сметаше за знак на добро воспитание, сега се дава „на ачик“. Така и чувствата од типот „уста полна дренки“. На тоа, масло долеваат „приватните медиуми“: статусите на Фејсбук, кои иако се медиум, секогаш нудат отстапница од типот: „Тоа не е јавно, тоа ми е приватен статус, за мал круг луѓе“.
Не јас да добијам, туку друг да НЕ добие. Тоа ли е тркалото на злорадоста што го движи светот? Многумина се склони тоа тркало да го нарекуваат „македонско“, па таа особина да му ја припишуваат само на македонскиот народ, иако јас не верувам веќе во ниеден колективитет, најмалку во народ. Постои само поединец. И не сум убеден дека и „Запад“, каде сè почесто бегаме, а за кој сме сигурни дека објективно ги вреднува луѓето според нивните вредности, е поштеден од ефектот „уста полна дренки“. Па го видовме тоа токму врз примерот на Салиери од „Амадеус“: на Запад се случува тоа, во културна и цивилизирана Европа.

Е, токму тие две нешта – културата и цивилизираноста се она што ве заштитува од зависта таму, „на Запад“: и да не ве сакаат, и да ве мразат, и да ви завидуваат, и да велат „Господи, зашто нему а не мене“, сепак, поради културата и воспитаноста, нема да ви се одмаздуваат. А најмалку, пак, ќе ви се одмаздуваат користејќи ги системот и позициите на кои се наоѓаат. Кај нас, напротив, наместо култура и воспитаност, владее примитива: се оди дури дотаму што ако некој успеал во нешто што од политика нема ни „п“ (уметност, спорт, образование), а нужно живеел во време на владеење на одредена политичка гарнитура, неговиот успех се дискредитира како незаслужен, како производ на таа политичка гарнитура.
Тоа е класична примитива и сигурен знак за морално запуштен човек.

Таков што ја изгубил способноста за воодушевување: да се воодушевуваш на убавината, на знаењето, на спортскиот подвиг – тоа значи да му се воодушевуваш на другиот. И да копнееш и ти да го достигнеш, наместо да го урнисаш и убиеш. Ако го убиваш способниот, ја повторуваш приказната за непрепознавањето на Исус и неговото судење од страна на Пилат. Во крајна рака, секое воодушевување (дури и она на ѕвезденото небо, на планинскиот врв или на цветот) значи воодушевување од Творецот. А кој Нему не му се воодушевува, најмалку ќе му се воодушевува на човекот.

Затоа, луѓе со уста полна дренки, слушајте! Поарно устата да ви е полна со земја, одошто со дренки. Поарно мртов одошто во пеколот на зависта. Имате две патеки: едната е онаа на култивираниот „Запад“, и подразбира прикривање на зависта, а втората е темелно чистење на душата од завист, што подразбира да си ја вратите способноста за воодушевување. Тоа значи – враќање на мистеријата и тајната во вашите клиширани животи, запрашаност над почетоците на целата вселена, поставување прашања за смислата на човекот и потеклото на убавината. Тоа значи: читање. Читањето (како и слушањето музика или занимавањето со спорт) проверено ја враќа способноста за воодушевување. Не мислам тука само на читањето книги туку и на читањето луѓе, зашто и луѓето се книги, и тоа со божји белешки на маргините на нивните души. Ама ние слабо читаме книги, камоли луѓе. А најмалку ја читаме книгата на сопствената душа.