Ум и/или срце?

1322

Ако науката ја лишиш од срце, од страст, од емпатија, од желба да разоткриеш што се случува зад сцената, во темнината, дури и со ризик (не нужно по животот, ама за позицијата на „објективен научник“ што одозгора гледа на жртвите и мудрува за да објави влијателна книга) – тогаш, чуму наука?!

Мислев дека сум видела сѐ кога станува збор за меѓународни конференции од највисок ранг. Но Вроцлав ме демантира: на „поиндустриска“ („конфекциска“) конференција не сум учествувала. За следење на над 1.000 панел-дискусии (плус други формати на средби), со веројатно околу 3,000 учесници, беше измислена посебна апликација за мобилен телефон. Европскиот конзорциум за политички истражувања (ECPR) навистина има сенс за духот на времето (на турбо-капитализмот). За „научниот бизнис“ зборува и висината на котизацијата (такса за учество, за која за возврат добивате смешна торбичка со тефтер, програма и каталози за штандовите на најголемите издавачки куќи). Со оние скромни 500 евра што ми следуваат еднаш годишно од факултетот, ваквите конференции се „научна фантазија“. Но пред поканата да склопиме панел за Преспанскиот договор, не издржа срце јуначко. Иако професор кому ниту патувања му требаат ниту научни „рецки“ во сивито, решив дека морам да стигнам како знам и умеам. Знаев дека е тоа ретка можност да презентирам критичка („еретичка“) верзија на општоприфатената теза за чудото вредно за Нобелова награда. Со грант што ги покри оние 380 долари за котизацијата и годишниот бонус од факултетот, но и со одврзано ќесе – успеав. (Веќе започна пријавувањето за идната година, но во Тулуз котизацијата е двојно повисока!). Како стареам така сфаќам дека конференции се организираат за профит (покрај кариерите на оние што можат да си го дозволат ова) и за наука заради наука. Слично е и со врвните списанија со „фактор на влијание“: ќерка ми (професорка по биохемија во Отава) ми кажува дека за објавување еден научен труд треба да плати 1.500-2.000 долари, а потоа и да плати пристап до списанието; претприемачите во науката наплаќаат од оние што творат (без пари), а потоа им го продаваат назад нивниот производ. Капитализмот во науката е посебна тема. Науката има смисла ако почива на етички принципи и како е поврзана со подобрување на животот, хуманизмот и со откривање на вистината, особено кога е непријатна и завиена во обланди. (Некои мислат дека ова не важи за егзактните/природните и техничките науки, но јас не се согласувам со тоа – бидејќи секој научник има морална обврска да се бори неговите откритија да бидат во функција на развојот на човештвото, а не неговото уништување.)

А преспанското „чудо“ ниту го подобри животот (напротив!), ниту пак доживува ригорозна научна процена. Напротив, науката се стави во служба на (домашната и меѓународната) политика. За повисоко добро, велат… (Некои наши професори по право јавно заговараат употреба на „серевномакедонски“ како придавка, зашто ќе сме „морале да се навикнеме“! А по факултетите студентите се изложени на притисоци да го употребуваат новото име, исто како и првачињата кога ги тераат да пишуваат за нивната сакана татковина Северна Македонија). Покрај ваквата емпирија, не е чудо што текстот за Вроцлав, наместо вообичаените 10-15 страници достигна цели 40 (и сѐ уште не е довршен). Другите учесници доставија недовршени скици, но секој со својот ум! Ама и срце… Е, кај срцето (поточно, страста и посветеноста) во науката ми е проблемот! И во текстот и во презентацијата признав дека сум „виновна“ што настапувам како некој што, и да сака, не може да биде апсолутно објективен додека на живо (in vivo), без анестезија, сѐ уште минува низ процесот на болна имплементација на нешто што е донесено насила и на криминален начин. Во текстот имам над сто фусноти со докази/факти/аргументи – од страв дека ќе мислат дека измислувам… Попусто! Во дискусијата млада жена од ЕУ ми кажа дека сум зборувала премногу „емотивно“ и дека тоа не ѝ звучело доволно научно (претпоставувам сакала квантитативни анализи и табели). Јас, пак, не можев да си верувам на ушите додека слушав презентација што ги споредуваше парламентарните расправи во Грција и Македонија при ратификацијата, односно менувањето на Уставот. Како да вреднуваш „објективно“ искази на луѓе што лажат, кои се марионети или уценети, додека вистинската „расправа“ (т.е. пазарот) се одвива зад сцената, под притисок на странците?! Тој текст најверојатно ќе биде објавен во списание со „фактор на влијание“, а мојот дефинитивно ќе биде отфрлен како „субјективен“. Тоа подоцна ми го потврди колега Германец, член на редакциски одбор на такво списание што се занимава со регионални прашања. Тој, откако ја слушна презентацијата на Јутјуб, ми рече дека не разбира како тоа сакам пак да завладее груевизмот, ме нарече националист и антиевропски елемент. Што да му кажеш на човек што верува дека е објективен и прагматичен верник на неолибералната ЕУтопија?

Многу одамна од Јохан Галтунг научив дека оној што се занимава со мировни студии мора еднакво да ги користи и рациото и срцето. Тоа на разни начини го кажуваа и други големи умови, а се разликуваа од класичната мисла (од Хобс и Кант до Ролс). Слично говореше и Хауард Зин, денес зборува и Јан Оберг. Ако науката ја лишиш од срце, од страст, од емпатија, од желба да разоткриеш што се случува зад сцената, во темнината, дури и со ризик (не нужно по животот, ама за позицијата на „објективен научник“ што одозгора гледа на жртвите и мудрува за да објави влијателна книга) – тогаш, чуму наука?! За да станеш професор што ќе ја репродуцира мантрата креирана во центрите на моќ? За Ганди еден од седумте најголеми гревови е токму наука без хуманост. Вистинскиот научник мора да ризикува, вклучувајќи и да ја изгуби (да му ја одземат) научната репутација. Несреќата на мојата генерација (но и на помладите) е што ни е одземено правото да бидеме субјекти/агенти и да размислуваме со своја глава, ами сме добри само како објекти што другите ги проучуваат како глувчиња во лабораторија – и, секако, ако ги фалиме експериментите и експериментаторите. Посведочив премногу умирања и раѓања на држави/општества (луѓе), а циклусот не е ни завршен. Чудно ли е што не можам да си го дозволам луксузот да стојам зад „велот на неемотивнo незнаење“ и објективно ја анализирам сопствената ампутација? Всушност, никогаш не сум ни можела (ниту смеела) да ја одделам научната работа од јавниот ангажман. Тие што ме прекоруваат дека сум субјективна, ги прекорувам дека се индиферентни или дека се профитери. Нашите (не)објавени трудови се многу повеќе од тоа: тие се крици, примери за очајничка битка против цензори што замолчуваат затоа што си се дрзнал неправдата да ја наречеш неправда!

Не само во феминизмот политичкото е лично и личното е политичко! Не можам да очекувам друг да се бори за нашите човекови права, но и за моето право да ја кажувам вистината наспроти онаа на глобалниот воено-индустриски-медиумски-академски комплекс (како што со право го нарекува Јан Оберг). Во заробен свет во кој некои наводно се борат со „фејк њуз“ (лажни вести), пред наши очи ја убиваат слободата на мислата и говорот во орвелијански стил. Нема (признаена) наука што не е впрегната во јаремот на моќта. Вистинските трагачи по вистината и прогресот имаат обврска да се дистанцираат од узансите на својата „елитна каста“ и да се „хуманизираат“, да не дозволат операција на отворено срце за да се затвори умот.

Моето последно искуство е „бабица“ на одлуката текстот да прерасне во книга. Ќе биде неконвенционална, револуционерна на свој начин, спој на умот и срцето, на јавното добро и личната болка, и ќе направи на политичарите и колегите да им се крева косата на главата. Нештата во науката одат кон полошо и во развиените земји, конкуренцијата е бескрупулозна, низ академските коридори шетаат духови на ментални болести, самоубиства или политичка коректност (не знаеш која смрт е полоша). Науката е слуга на политиката, а кетманизмот не е рецепт за преживување туку општоприфатена форма на политичка коректност. Одамна не верувам во моќта и смислата на „чисто академски трудови“, кои се прескапи и со премногу мал импакт врз стварноста. Треба да се биде хроничар на времето во кое ненормалното се прикажува како нормално, па уште и научно се легитимира. Нема да биде Травничка, ама може да биде „Преспанска хроника“. Академскиот брод „Баунти“ е зрел за бунт! На германскиот колега му кажав дека воопшто не ми е грижа ако ме сметаат за отпадник и за субјективна. Посубјективни се оние што со очи ширум затворени возвишуваат неправди и за кои сто стапа по туѓ грб не само што не болат туку се и корисни.