Умислени либерали и бугарски летоци

2462

Тука ќе посочам на можната причина за причините на изборниот дебакл, илузијата во која живеат добар дел од раководството и симпатизерите на СДСМ, дека се најпаметни, најубави, сѐ нај, а всушност дека се авторитарни самобендисани арогантни неработници умислени либерали

Изборите поминаа, а повеќе провладини коментатори се натпреваруваат кој повеќе ќе го релативизира поразот што го доживеа СДСМ, и донекаде ДУИ, пред сѐ во Полошкиот Регион. Те не биле ВМРО-ДПМНЕ подобри, СДСМ-гласачите останале дома и слично. Но и немаа многу време за анализи бидејќи мораа брзо да преминат на фалење на Зоран Заев за неговата доблест да поднесе оставка, како единствен лидер што поднел оставка поради избори на локално ниво, што не е така, бидејќи оставките на Бранко Црвенковски (2013 година) и на Никола Груевски (2017 година) беа по порази на локални избори. Па за еден ден се прави салтомортале и од пофалби за оставката почнува да се прави контекст против оставката, како оставки на премиер не се прават за пораз на локални избори. И да, ЕУ е крива за сѐ, ако не верувате, ете, и германски ФАЦ така пишува. Дури и главниот анкетар на СДСМ, кој предвидуваше победа во Карпош на Душко Весковски во првиот круг и водство на Петре Шилегов од над осум процентни поени пред Данела Арсовска, само ќе изјави дека никој не можел да го предвиди тоа и толку, а најмалку три други агенции предвидуваа победа на ВМРО-ДПМНЕ.

Нема да анализирам зошто СДСМ загуби на изборите, доволно за тоа пишував во „Време на избори, време на одговорност“ и „Гејм оувер“. Тука ќе посочам на можната причина за причините на изборниот дебакл, илузијата во која живеат добар дел од раководството и симпатизерите на СДСМ, дека се најпаметни, најубави, сѐ нај, а всушност дека се авторитарни самобендисани арогантни неработници умислени либерали. Жалам за оваа генерализација, поради исклучоците што ги има во СДСМ, но е неопходна за презентација на поентата.
Да тргнам од последното, умислени либерали, а всушност ксенофоби, кои научиле политичка коректност за да им се допаднат на умерените граѓани, граѓанското општество и Западот. А под малку притисок, и ако се изгребе површината, заборавете на „едно општество за сите“, ќе пронајдете скриена омраза. Илустрации има колку сакате. Да, да, има парада на гордоста и Боки 13 е омилен лик, за по првата криза, да стане „педер“ што сака да ја сруши Владата. Паднал режимот, медиумите се слободни, ама тие што критикуваат се „исфрустрирани“ новинари. Умислените либерали аплаудираа на одлуката на Владата да се прифатат бегалци од Авганистан, што е исправен чекор, но премолчија одлука на Владата на неколку дена пред вториот круг да ја прекине градбата на центар за странци во Бардовци, Карпош. Одлуката за да му се помогне на кандидатот на СДСМ во Карпош, ја соопшти најголемиот ЕУ-фил министер, министерот за правда Бојан Маричиќ! Кое е твоето вистинско лице Бојан Маричиќ? Да, СДСМ многу храбро го избра Мухамед Зекири, а потоа и Фатмир Битиќи во најтесното раководство, но тоа не значи дека е ослободен од своите почетни фобии: албанофобијата и бугарофобијата!

За триесет години, СДСМ кога и да се нашол под притисок на ВМРО-ДПМНЕ се враќа на својата оригинална или почетна матрица „ВМРО-Бугари“, каде што, секако, ова Бугари нема убаво значење на пријатели и браќа!

Од каде сега бугарофобија, та нели Зоран Заев го постигна Договорот за добрососедство со Бугарија, та нели Бугарите ни се пријатели и браќа? Сето тоа се декларативни залагања, во реалноста на првиот притисок, зорт од губење на изборите во Скопје си ги „покажа рокчињата“, ја покажа затскриената бугарофобија. За триесет години, СДСМ кога и да се нашол под притисок на ВМРО-ДПМНЕ се враќа на својата оригинална или почетна матрица „ВМРО-Бугари“, каде што, секако, ова Бугари нема убаво значење на пријатели и браќа! Почна со фамозните „бугарски летоци“, летоци на бугарски јазик растурани во Скопје и во Охрид, меѓу двата круга на првите парламентарни избори. Имаше едни избори каде што Љубчо Георгиевски беше претставен како кандидат за Благоевград. Или на протестите на СДСМ против преименувањето улици во Скопје во 2012 година се извикуваше „Бугари, Бугари“, а преименувањето вклучуваше историски лица за кои сега се пенавиме да докажеме дека се македонски херои. И да, лично Зоран Заев на локалните избори во 2013 година истакна пост на Фејсбук и постави голем банер на „Глобал“ во Струмица, со натпис „Струмица не е Благоевград!“
СДСМ мораше да си ги „покаже рокчињата“ и со негативната кампања со „бугарски кмет“ против Данела Арсовска. Кога дел од луѓето внатре во СДСМ и нивни симпатизери реагираа дека тоа не е во согласност со „едно општество за сите“, негативната кампања се трансформира во нешто друго. Но тоа не сметаше поранешен генерален секретар на СДСМ, министер на СДСМ и поранешен амбасадор на Македонија во Софија, да развива конспиративни теории дека Данела Арсовска е подметната на ВМРО-ДПМНЕ од странски служби, каде што еден од аргументите е дека Данела Арсовска е член на Надзорен одбор на Капитал банка, која замислете 98 отсто е во бугарска сопственост. Ауу. Како да е во комитет на КГБ или БНД.

А член на Надзорен одбор на банка може да се стане само со согласност на Народната банка на Македонија, така што тоа членство не само што не е тајно туку е со согласност на Народната банка! И сопственоста била на Бугари, замислете. Како што е на најмалку уште две банки, Уни банка и ЦКП, а сите банки освен Комерцијална, Стопанска банка Битола и неколку мали банки имаат доминантни странски сопственици. Луѓето што работат за тие банки се грчки, австриски, словенечки шпиони? Инаку, една од поплаките на Бугарија е дека бугарските фирми, посебно банките се изложени на притисок и нерамен терен за работа. И така за голи теснопартиски интереси на СДСМ ќе се надградува неоправданото вето на Бугарија.
Уште многу останува за умислената либералност, како дел од самобендисаната ароганција. За неработници, доволно е напишано. Е таа е сликата што СДСМ не сака да ја погледне во огледалото, т.е. анкетите.

#Избори2021
Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek