Улогата на угледните семејства во пропаста на Македонија

Како стареам, така сѐ понепријатно се чувствувам во кожата на универзитетски професор, сталеж што, нели, по дефиниција би требало да припаѓа во угледните/почитувани кругови на едно општество. Можеби поради годините, а можеби и поради скандалозната стварност во која сѐ потешко се снаоѓам, сѐ ме враќа назад. Кога гледам кој/кои/ влегува/ат во „угледните семејства“ и кругови, ме фаќа нелагодност, па и срам. Си велам, мене не ми е местото тука, не припаѓам на оваа „елита“, ниту пак сакам да бидам дел од неа. Размислувам за побрзо заминување во пензија само за да не сведочам за новата генерација „наши деца“ што се намножиле, а кои се водени од салиеризам, конформизам и опортунизам. Фотелјите се најважни, звањата (не)заслужени со одење прекутрупа, по пократкиот пат, кој не бара многу напор, ама дава какви-такви резултати (т.е. бодови, а не нужно вредни научни достигања). И сите се среќни додека некој не почне да бранува и да ја разголува сликата на лажен (интелектуален) елитизам.

Идентитетските/социјални корени се длабоки, негибнати – од она далечно време кога и дете на работник можеше да се издигне само со сопствен труд и да успее доколку има квалитети, и тоа не само до Табановце, туку многу подалеку. Оној „лошиот социјализам“ (некои други го нарекуваат дури и тоталитаризам) овозможуваше социјална мобилност, а децата на работниците се натпреваруваа во (горе-долу) фер натпревар со другите. Без тоа, и јас денес немаше да бидам меѓу „угледните“. Не, не велам дека тогаш немаше црвена буржоазија и династии, особено во некои струки, или дека нејзините деца не минуваа по полесниот пат. Тие имаа можности да патуваат не само на Запад туку дури до Бали и Малдиви, се образоваа ако не на елитни универзитети, тогаш барем во Загреб или во Љубљана, живееја во посебни населби, нивните родители беа „угледни“ или како членови на партијата или поради повисокиот социјален сталеж.
Децата на црвената буржоазија станаа првите капиталисти, носители на криминалната приватизација, оние што дефинитивно ја запечатија судбината на пролетерите. Потоа се намножија разни шпекуланти, шверцери, команданти, тајкуни и олигарси во брак со политички семејства што се збогатија низ „демократијата“.

Под привидот на плурализам, или дури и политичка конкуренција, всушност, се создаде елита на моќни/недопирливи луѓе, кои во свои раце држат огромен удел од богатството, привилегиите и моќта. Нема тука остра поделба на „фамилијата“ и „семејството“ (на Груевски или Заев), туку флуктуирачка група во која (како што вели народот) врана на врана очи не вади. Кога некој случајно (или од потреба) ќе залута во тие кругови (како Катица или Боки Тредичи), можете да се обложите дека ќе заврши како што заврши: разголен, разгаќен и осуден (дури и кога парите ги нема – што не е чудно, бидејќи парите се токму таму каде што обично и биваат).
Ќе речете, па социјалното раслојување и длабокиот јаз на социјалната нееднаквост се константа во човековата историја. Зарем во САД или другите западни општества е поарно? Не е поинакво, но овде е побрутално. Зошто?

Поради специфичниот карактер на елитите на светската/европската периферија. Овие се компрадорски елити. Но, најпрво да се потсетиме на потеклото на поимот „елита“ од латинскиот eligere, што значи селектирање или сортирање (во посебни категории). Познатите речници ќе ви го објаснат поимот како ознака за мала група моќни луѓе што се „најдобри или најмоќни“ во однос на сите други. Пред многу години, Рајт Милс го објасни и начинот на кој тие функционираат: „се прифаќаат едни други, се разбираат меѓусебно, склучуваат бракови од тој круг и обично работат и размислуваат, ако не заедно, тогаш барем слично“. Овие елити ја имаат не само економската моќ и можност да ја определуваат социјалната позиција на „масите“/мнозинството што не е дел на „кремот“, туку уште поважно, тие ги детерминираат сфаќањата за тоа што е морално, праведно, прифатливо, носат закони (како еманација на нивниот интерес преточен во задолжителна норма) и командуваат со судскиот систем, а не подлежат на него.
Угледните семејства во Македонија (па и во регионот) не чекаат некој да им оддаде признание или да ги препознае, тие го користат тоа како штит, како симбол за својата недопирливост, го мавтаат пред медиуми, полиција, судови. Знаеш ли кој сум јас? Знаеш ли кои се моите родители? Знаеш ли која е мојата партија (која од мене направи „угледен член на општеството“)? Кога еднаш ќе станеш „угледен“, па тамам да си и последен дудук и со видливо отсуство на елементарна интелигенција, веќе си качен на безбеден воз, кој те вози во првата класа.

А како се станува угледен во Македонија? Прво, треба да се види дека си „бањат“, дека си предаден на капитализмот, на НАТО и ЕУ, на странските инвеститори, на приватизацијата – и да плукаш по сопствените небањати сограѓани, кои немаат визија, ниту знаат тие што е тоа напредок и што е тоа Запад! А овие, кутрите, мислат дека во нив е вината затоа што не успеале во еден социјално неправеден систем, кој ти ги кине крилјата уште пред да проодиш. Па, затоа, огромниот социјален притисок, па дури и чувство на срам, кои прават да се прикажуваш подобро стоечки (во социјална смисла) од она што навистина си. Особено е срам да признаеш дека си сиромав, дека немаш, дека на детето нема да му направиш (полу)матурска забава, па се задолжуваш – токму кај тие што ти ја цицаат крвта и потта со памукче ти ја собираат.
Најтрагично во оваа игранка, во која сите како да се помириле со зададените социјални улоги, е што елитата дури не е ни национална, туку компрадорска. Како левичар, не мислам дека националната елита би била екскулпирана од гревот, бидејќи богатите на сиромавите не им веруваат, дури и ако говорат на ист јазик или му се молат на ист бог. Но компрадорската улога е погубна не само за сегашните експлоатирани генерации туку и за идните.

Компрадорските елити, а ги има од сите политички бои и со различни изборни слогани, е дел од средната или побогатата класа, која е во директен сојуз со странските центри на моќ, странските инвеститори, мултинационални корпорации, банкари и воени интереси.
Тие се измеќари што распродаваат сѐ што е вредност во општеството, почнувајќи од територија (за воени бази), име и уставен суверенитет, заради членство во воена алијанса, води и други ресурси, вклучувајќи ја и работната сила, која ја нудат/проституираат како макроа на странците. Измеќарите имаат и дисциплинаторна моќ, па во име на нивните господари (кои ги нарекуваат „сојузници“) држат камшик в рака: ако ги кажеш нештата како што се, ќе те обвинат за национализам или популизам, за реакционерност и деструктивност, или дури и за работење за некои туѓи (геополитички) центри на моќ. Овие етикети, а особено популизмот, се користат за прикривање на нивната однароденост.

Како жена во години, носталгијата ја третирам како интимна работа. Но знам дека е таа бесполезна за евентуално менување на стварноста, овде или глобално. Лично, можам тивко да се повлечам од „угледната“ и божем елитна средина во која работам, да се свртам кон некои други вредности и да го носам факелот на Едвард Саид, професор и активист што животот ги посвети и на науката и на активизмот и љубовта кон неговата Палестина и Блискиот Исток (а кој замина од светот без куќа, без кола, викендичка, уметнички предмети – а со 10.000 книги).
Но не можам да преболам што моите студенти ја немаат шансата што ја имав јас. Ги има брилијантни, ама сиромашни, без „врски“, без тато и мама да им отворат порти, па некои дури и не можат ни студиите да ги завршат од немаштина.

Местата што ги заслужуваат ги добиваат „деца од фамилии“, бидејќи од непотизам, кронизам и корупција (материјална и морална) ништо здраво не може да пркне, дури и во академската средина (или можеби и најмногу во неа), бидејќи се задушува од негативната селекција, а секој што стрчи не е „наш“ и треба да се поткастри; нашите фураат нагоре! Некои добро го сфаќаат тоа, па веднаш веднат ’рбет за да се вклопат. Заради сите оние што располагаат со блескави интелектуални способности, а кои не се мрзеливи или плашливи, останувам гласна заради младите што се идентификуваат како деца на транзицијата. Лева, лева, лева (пееше Мајаковски). Нема ништо лошо во тоа да бидеш дел на народот, од народот, за народот. Напротив! Особено кога не си од „угледна фамилија“.