Улогата на психологијата во информатичката технологија

361

Зарем не знаеме дека дигиталните алатки денес направија регрес на способностите, па многу деца не знаат основни математички процеси (делење, множење). Ниту ние, како возрасни, немаме во меморијата ниту еден телефонски број, адреса. Затоа секого го фаќа вистинска паника кога ќе го загуби мобилниот телефон, зашто таму е запишано сѐ што е за паметење. Колку артифициелната интелигенција помага, а колку му прави штета на хуманиот развој?

Информатичката технологија е термин што многупати погрешно се употребува зашто подразбира скоро сѐ каде што се користат компјутерите. Вклучува телекомуникации, широк ранг медиуми (Фејсбук, блогови, Инстаграм), неколку вида компјутери и нивни апликации. Од друга страна, психологијата е дисциплина што има полза од информатичката технологија заради можноста за поопсежни истражувања или давање инструкции. Пократко кажано, има многу области во психологијата каде што компјутерите се неопходни. Но која е, всушност, улогата на психологијата во современата компјутерска револуција?

Факт е дека психологијата е доста интересно и привлечно поле за студентите, но и за широката публика зашто дава можности да се навлезе во длабочините на сопствената душа, мислењето, емоциите, вештините… Исто така, со психологијата како занает полесно се наоѓа работно место. Од друга страна, во денешно време, без компјутери нема достапност до широки знаења, новости, откритија. Исто така, преку Интернет е можна широка комуникација со голем број стручни лица, независно од физичката дистанца. Компјутерската писменост им помага на истражувачите лесно решавање статистички задачи, апликации и влез во бази на податоци, помош во решавање многу проблеми. Техничката точност, педагошката подготвеност, интегративната флексибилност и цикличното подобрување се најбитните критериуми што ги поседува информатичката технологија, а ѝ овозможуваат на психологијата високи стандарди за евалуација.

Од друга страна, когнитивната наука (како дел од психологијата) е водечка сила токму на револуцијата во информатичката технологија. Когнитивната наука обезбедува научна база за развој на информатичката технологија токму преку студијата за „интелигентно однесување“. Всушност, разбирањето на когницијата и функционирањето на интелигенцијата како хумано достигнување, обезбедува основа за развој на интелигентни машини и комуникациски системи. Затоа, психолозите им се неопходни на инженерите за да ја идентификуваат динамиката на интеракцијата човек/компјутер и да помогнат во развојот на системи на инструкции, помеѓу другото. Компјутерите, од своја страна, овозможуваат поголема креативност кај корисниците, обезбедуваат мотивираност, истражувачки дух, и конечно – забава. Компјутерската писменост, од своја страна на психолозите им обезбедува доверба во нивните сопствени вештини, губење на стравовите, можност за решавање проблеми.
Заради тоа, во модерново време терминот психоинформатика станува синоним на заедништво помеѓу психологијата и компјутерската наука.

Традиционално, во психологијата постоеја два фундаментални начини за собирање податоци: преку експерименти и со интервју. Компјутерската наука овозможува сосема нови методи за процена на однесувањето, на една поширока основа и со можност за лонгитудинално следење (во тек на долг временски период), со можна споредба на резултати добиени преку самоописните техники, имплементирање алгоритми и анализа на големи податоци. Тоа дозволува анализа на варијабли како што се лични карактеристики (екстраверзија/интроверзија), склоности (во политиката на пример), когнитивни функции (на пр. стареење), како и однесување (активен стил, хазардерство и сл.) и тоа на илјадници испитаници од што резултираат таканаречени – големи податоци (бази на податоци).

Индустријата, од своја страна, произведува сѐ посилни технолошки алатки, кои стануваат неопходни во секојдневното живеење. На пример, паметните телефони обезбедуваат постојана поврзаност насекаде и со кого било, што го менува квалитетот на животот, но и сторирање податоци, експериментирање итн. Преку електричните сензори е овозможено евалуирање на срцевиот ритам, кожната спроводливост, мозочната активност, мускулната напнатост итн. Сензорите денес се евтини, апликабилни и добиените податоци можат да се пренесуваат преку мобилните телефони. На пример, во Кина во едно развиено училиште кај учениците од основно одделение се поставуваат такви сензори на главата, кои го одредуваат степенот на концентрација кај корисникот, преку застапеноста на мозочните бранови. Со тоа, учителот може да го стимулира или обратно, да го укори ученикот дека не внимава доволно. Етичките дилеми во овој пример самите се поставуваат!

Интеракцијата мозок/компјутер денес овозможува голема помош за луѓето што се неподвижни, немаат говор или имаат други неволји, за да постигнат одредени цели. Со помош на роботи се вршат операции, разни домашни работи, се учат деца со аутизам итн. Со тоа, психоинформатиката станува дисциплина што ги користи алатките и техниките од компјутерската наука за да се подобрат собирањето, организацијата и синтезата на психолошките податоци. Како и секаде, неопходни се мултидисциплинарен приод и соработка. Ниту една наука денес не може да оди напред без знаења од информатиката, а и обратно: без знаења од невронауката, компјутерската наука не би се развила во толкава мера како досега.

Сепак, се поставува едно големо етичко прашање: колку е сево ова што го наведовме добро или не за хуманиот род. Дали употребата на овие технологии (иако несомнено се корисни) нѐ доведува до отуѓување, злоупотреба, разгорување на агресијата и насилството и до дехуманизирање. Колку користењето на електрониката влијае да се намалат хуманите потенцијали? Зарем не знаеме дека дигиталните алатки денес направија регрес на способностите, па многу деца не знаат основни математички процеси (делење, множење). Ниту ние, како возрасни, немаме во меморијата ниту еден телефонски број, адреса. Затоа секого го фаќа вистинска паника кога ќе го загуби мобилниот телефон, зашто таму е запишано сѐ што е за паметење. Колку артифициелната интелигенција помага, а колку му прави штета на хуманиот развој?
Да не зборувам за емоциите, кои несомнено се најмногу погодени со технологијата. Зарем една насмевка, топол збор, стисок на раката не се побитни од сите информации што ги добиваме со компјутерите? Ова се моите дилеми и прашања на кои секој од читателите треба самиот да најде одговор.