Улогата на карминот во политиката

1408

Празникот 8 Март е зад нас, можев лесно да го прескокнам. Решив прашањето да го држам отворено, бидејќи евидентно борбата ќе биде долга и тешка… На самиот ден, Заев упати коректно писмо, составено од пиар-службата (со ен-џи-о-овски јазик), во кое порача дека се залага за еднаквост на жените, нивна економска еманципација и вклучување во политиката. Но веќе наредниот ден ги извади на марш само членките на СДСМ, донесени со автобуси од цела Македонија, за божем да честита празник, а всушност да му направи промоција на кандидатот за претседател. Така, оснажувањето на жените се злоупотреби за партиски и предизборни цели. Измисли и нов збор (како што му прилега на стрина на плот): завидлизам.

Настрана севернојазичните акробации, ќе потсетам на два примера што најдобро ја покажуваат патријархалната ментална матрица на овој човек. Зборувајќи за личниот живот и за семејниот бизнис, во интервју кажа дека штом дома се отвори разговор за фирмите, жените ја напуштаат собата за да си ја гледаат својата работа. Толку од економското оснажување на жените во семејството Заеви (иако формално премиеров ни е сиромав како црквен глушец). Вториот пример е споредбата на промената на името со мажачка на неговата ќерка во богата фамилија (битно е да се омажиш, и тоа во богата фамилија, па секоја цена е прифатлива). Освен партиската поделба и на 8 Март, генерално посведочивме уште еден банален начин на празнување (шопинг-тури во Солун или кафеани). Неколку вредни настани попусто се обидоа да ги разбијат сивилото и неразбирањето на овој ден. Амстердам го одбележа денот со изложување гигантски дојки во каналот заради десексуализација на овој дел од женското тело, кај нас симболиката би била инаква, партиска. Сѐ додека се превидува длабоката суштина на 8 Март како ден на кој се оддава почит за борбата за женска еманципација и се детектираат сегашните проблеми, овој „празник“ не заслужува особено внимание. Либералната, па и комерцијална сенка ја фрлаат на маргините еманципаторската, онаа врзана за слободата на секое човечко суштество.

А што има да се прославува во една од најсиромашните и најпатријархалните земји? Бројките зборуваат сами: само 18 отсто од жените поседуваат имот, само 4 министерки во влада со 25 министри (и во очекување на уште еден), само 8 именувани жени на јавни функции од вкупно 68, (благодарение на законската квота) 38 отсто пратенички, но само 6 жени градоначалнички (од 80 општини), јазот во платите е близу 20 отсто, секоја трета жена е жртва на семејно насилство… Порасната во духот на женската еманципација и без никакви комплекси, во годината во која го очекувам 60-от роденден, како да се враќам на абецедата на нешто научено од дете. За жал, борбата се одвива во стилот „два чекора напред, три назад“. Иако македонското оро е поинакво, со можеби мало одење нанапред (но, сепак се движи), борбата за женските права е со малку посложени (па и монтипајтоновски) „чекори“.

Претседателските избори се конкретен тест за третманот на жените во политиката. Уште при најавата, а особено по појавата на професорката Силјановска како кандидатка, се покажа грдото лице на мизогинијата, и кај конзервативците и кај прогресивците, и кај мажите и кај жените, и кај младите и кај старите. Едните со потсмев, ги коментираа(т) изгледот и возраста, барајќи „вистинска жена“ (прикажувајќи ја Колинда, и тоа во бикини, како прототип) наспроти „баба на нацијата“. (Тој инфантилен повик за татко/мајка на нацијата е посебен проблем што зборува за политичката култура). Прогресивните, божем згрозени, ама по минута-две го додадоа фаталното „но“… Нивните замерки се (наводно) идеолошки, академски, етички, а се сведуваат на: „па што дека е жена, не гласам по родова основа“. Сета хипокризија се покажа во ТВ-настапот на жена што спојува неколку идентитети (филозофка/феминистка/професорка по родови студии): најнапред зборуваше за тоа колку е тешко, ако не и невозможно за жена во политиката да најде соодветен наратив, рамка за својот политички профил (ќе ѝ замерат ако е млада или стара, убава или грда, висока или ниска) – за веднаш потоа да се демантира на најнеочекуван начин (за феминистка). Жена што никогаш не водела сметка за својот изглед (таа има свој стил, кежуал, не е малограѓанка, ги надминала стереотипите за тоа како треба да изгледа „вистинска“ жена) ѝ забележа на кандидатката дека за разлика од порано се појавила без кармин и ѓердани. Тоа го оцени како политичка итроштина и „масло“ за да ја „продадат“ како скромна „мајка на нацијата“. Да не зборуваше за стереотипи, ова ќе беше смешно и забавно, зашто заклучокот беше избрзан: веќе наредниот ден Силјановска се појави со својот вообичаен изглед, и со кармин и со ѓердан. „Девојчињата се натпреваруваат, а жените се оснажуваат (си помагаат)“, гласи една изрека. Ние сме во фаза на инфантилизам.

Од сопствено искуство знам дека често најголеми непријатели на жените се токму жените. „Мачоизмот“ и „супериорноста“ на машкиот поглед на светот завладеале и со жените, кои различните од себе ги гледаат низ нишан и ги стрелаат со „машки аргументи“, па зборуваат за изглед, старост, тежина, климактериум, сексуални фрустрации, статус на баба и што ли уште не – како нешто недозволиво за жена што претендира (со ум и храброст) да води држава. Мизогинијата не е исклучив домен на мажите, туку е општествен синдром со кој треба да се справиме отворено, и без селективен пристап, но и со деконструкција на селективниот феминизам, кој или е дискриминирачки кон неистомисленичките или сосема ги лишува од нивната женска суштина. Женската еманципација е слобода да се биде жена, а не да се приспособува кон нормите наметнати од машкиот свет. Токму по ова прашање, од феминистките би се очекувала барем солидарност, зашто Силјановска може и од брзање или случајно да го заборави карминот, или да облече фармерки наместо женствена облека (умот и интегритетот секогаш ги носи во себе), но машките кандидати го немаат тој проблем. Замислете колку време ним им е потребно за да се подготват за пред јавност! Популарна емисија направи личен портрет на кандидатката, (не)намерно спинувајќи дел од приказната како го сретнала сопругот, па момчето се претвори во маж, односно се инсинуира пикантерија каде што не постоела (а со намера оваа „лоша“ порака да одбие дел од патријархалната јавност).
Во 21 век жената се третира како „очајна домаќинка“, и тешко неа ако не е (среќно) омажена, ако не е мајка, ако е разведена или вдовица… Друг пример е говорот во врска со законот за абортус на една активистка во Собранието. Таа (со право) го осуди мешањето на верските заедници, но изрече и една глупост (за некоја што е либерална, агностик или можеби атеист): Господ ѝ бил најголемиот непријател на жената! Еден духовит човек на тоа интелигентно одговори со прашање: а што ако Господ е жена? Му велам: ако е Господ жена, тогаш тоа ќе ја потврди тезата дека жената на жената ѝ е волчица! Вториот дел од говорот беше за тоа кој смее да дискутира за законот: само жените и експертите, и никој друг! Повторно нонсенс и дискриминација, бидејќи битката за женската еманципација не е ничиј монопол, а за женските права се бореле и се борат и мажите.

Еманципацијата е родово неутрална; таа е првенствено човечка, па дури потоа родово сензитивна. Ако 8 Март и воопшто има смисла, тоа е преиспитувањето на нашата општествена и политичка зрелост. Жените, како и мажите, се различни: секој/а заслужува и фер шанса и однос, и еднакви можности. Но ако континуирано се промовира нееднаквоста по однос на пол (па и возраст), тоа е структурално насилство. Ако жената се подложува на „инквизиторски“ третман за збор, зашто се дрзнала да се замеша во „машките работи“ (како политиката или бизнисот), и се изложува на линч или ругање (заборавила да стави кармин!), тогаш зборуваме и за културно насилство. За жал, многу жени страдаат и од физичко насилство.

Постојат и голем број инспиративни примери на силни жени, кои останале жени додека се борат за човечки правдини дури и во Македонија: некои се невидливи, ама оставаат белег во средините во кои дејствуваат. Такви ретко ќе најдете меѓу феминистките што од тоа си направиле добро платена професија.

За крај ќе цитирам фејсбук-објава што ми се допадна (авторка е дрска и вредна млада жена): „Размислувам за денешниов ден и сфаќам дека сум окружена со прекрасни, силни, умни жени, со истенчена смисла за хумор, фантастичен глас, лидерски способности; талентирани, романтични, добри мајки, домаќинки, чистачки, готвачки, шофери, љубовници. Вешти жени. Вештерки. Дека треба да имаш ’муда‘ за да си силен е сосема погрешно. Тие се меки, нежни, лесно ранливи. Вагина треба! Чуда може да издржи. Среќен да ни е денов!“ Ако ни се посреќи, идната година ќе ја дочекаме со жена-претседател на Македонија, која ќе биде шеф на државата без да биде Марс, ами ќе остане Венера, која со ум ќе турка клади и со збор ќе отвора врати, и тоа таму каде што мажите се поклонуваат пред боговите на Моќта, Парите и Силата. Македонија, политиката и Јустиција се во женски род!