Убиствена колумна

Ете, Зоќи Заев ќе ја мажи ќерката Македонија. Одлучил да ја дава за богат зет. Нормално дека тој одлучил, што има женска челад да се прашува? Тој ѝ избира зет, тој ѝ дава ново име и таа има да биде горда на тоа. Се зборува дека бидермаерот ќе го фаќаат сите оние силни феминистки, џендер-активисти и невладин сектор на копче, пресреќни затоа што конечно дојде живот за ќерките на кои татковци ќе им избираат маж. И тамам да напишам „џаст мерид“ кога рокна кумот, даде оставка

Јас сум сосема збунет. Откако дојде животов во Македонија, човек веќе не знае кого смее, а кого не смее да „убие“ на Фејсбук. Еве, на пример, ако напишеш дека треба да се „убие“ Мицковски тоа да ти било слобода на говор, симболика, метафора, море и метафизика и езотерија истовремено. Од друга страна, ако напишеш дека не е лошо да се „убие“ Тричковски, наеднаш станува збор за говор на омраза, закана, убиство во обид, море и геноцид, холокауст и егзодус истовремено, па се креваат обвиненија против човекот што го напишал тоа. Што е крајно збунувачки. Нормален човек, ако остана таков во државава, заклучува дека сигурно има некоја разлика помеѓу Мицковски и Тричковски штом дијаметрално спротивно се пристапува кон нивното „убиство“. Да не е така затоа што едниот е човек, а другиот канта од која излегуваат отпадоци, па логично е симболички да се „убива“ човек, но апсурдно е да тераш еколошка кампања „убивајќи“ канта што расфрла ѓубре и затоа го толерираш симболистот, ама го ставаш на обвинителна клупа оној што врши насилство врз државен имот. Вака веројатно би заклучил еден сосема обичен циничен Марсовец. Но, ова сигурно не е разумен одговор. Или, пак, океј е да се „убие“ Мицковски затоа што тој е едно суштество што паѓа на колена и се дрзнува да одговори на писма од американски „богови“, а грозоморен криминал е да се посака „смртта“ на Тричковски бидејќи тоа е само човек што се радува на убивањето македонски полицајци, па посакува уште многумина да загинат. Оти ова е свет нели, каде што посилниот го јаде послабиот, па во ред е да се „истреби“ некој што коленичи пред народ, а треба да се санкционира оној што му се „заканува“ на некој што сака да „истребува“, корне месо со клешта или „пука“ неистомисленици со снајпер. Како и да е, најголем проблем ќе има некој трет што одлучи на Фејсбук да го „убие“ Мицковски така што ќе го мава со главата на Тричковски.

Бррр, страв да те фати. Страв од толкаво количество безумност. Но, безумноста е нашето второ име изминатиов период. Тони Михајловски е обвинет поради текст на Фејсбук, затоа што му се заканувал на квазиновинарот Тричковски, инаку човек што ја „уби“ половина Македонија на истата социјална мрежа. Е, ама ЗНМ гледа проблем само кај актерот затоа што има различни политички светогледи од нив. Да беше безумноста бренд, ќе бевме светски лидери во извоз на идиотизам, апсурд и безумие.
Кога сме кај безумиево најдобар начин да се побегне од него е да се отиде на свадба. Ете, Зоќи Заев ќе ја мажи ќерката Македонија. Одлучил да ја дава за богат зет. Нормално дека тој одлучил, што има женска челад да се прашува? Тој ѝ избира зет, тој ѝ дава ново име и таа има да биде горда на тоа. Се зборува дека бидермаерот ќе го фаќаат сите оние силни феминистки, џендер-активисти и невладин сектор на копче, пресреќни затоа што конечно дојде живот за ќерките на кои татковци ќе им избираат маж.

И тамам да напишам „џаст мерид“ кога рокна кумот, даде оставка. Наеднаш сите оние сватови, золви, баџанаци и балдази почнаа шуш-буш дека кумот и таткото на невестата ја финансирале свадбата од црни фондови. И свадбата пукна. Но, таткото на невестата е упорен деспот, па одлучи да прејде на планот В. Да, да, убаво прочитавте, се активира планот В, затоа што плановите А и Б, рокнаа. Планот А беше ќерката доброволно да се мажи, но таа му акна сериозна референдумска шамарчина на таткото. Планот Б го заеба кумот и затоа се преоѓа на трета варијанта, насилство. На сила ќе ја мажат ќерката. Штом треба да стане „Северна“, северенокорејски методи ќе се применат. А на ЕУ, НАТО и „длабоката држава“ севернокорејски методи им се мачкина кашлица. Они со севернокорејски методи, а папа Заев со балкански методи. Како што му кажа сватот Хан.

И сега, по свадба, тапани! Ушните тапанчиња ми ги пукнавте со муабетот дека ова бил најдобриот договор што Македонија можела да го добие. Нека е најдобриот, нека е подобар и од десетте Божји заповеди, нам не ни се допаѓа и на референдум ви кажавме фак оф.

Русјаков! – крикнува редакцијата – ти забранивме да ги искажуваш своите ставови по социјални мрежи.
Па, ова не е социјална мрежа.
Не смееш ни тука, во весников, да искажуваш свои ставови.
Океј! Драг Вес Мичел! Ај жити сè, фак оф!
Што се правиш ненормален? – вресна редакцијата.

Па ако не смеам свои ставови да изнесам, го пренесов ставот на професорката Ванковска. А по нејзиното „фак оф“ за Вес Мичел, пискотници се слушнаа од Бихаќка до Фејсбук. Крикна интелектуалната бижутерија, сите тие силни татини и мамини синови, нивната хистерија запенета од беснило ја надвика вревата од автомобили, бормашини и кич по ТВ-приемници. Лажната авангарда крена клада за професорката. Да помисли човек дека имотот им го зела, е до толку хистерично, папагалски распалија. Кутрите северни црпки, да знае Вес Мичел какви идолопоклоници има тука, ќе дојдеше своја религија да основа. Но еве, ќе се солидаризирам со хистеријата на интелектуалната бижутерија. Професорката Ванковска навистина малку претера. Да му се обратиш на оној насилник Вес Мичел со „драг“, навистина е без врска.

Да не ви е смешно? А за плачење е. Кругот на безумието се затвори. Веќе не знаеме каде е почетокот, а каде крајот. Само што си помислил дека се стремиме кон ЕУ, кон етички принципи и демократски вредности, кога од нивната централа ти јавуваат, користете балкански методи на присила, уцена и поткуп. Пред тоа самите ги покажаа своите „балкански методи“. Што нè тера да заклучиме дека тоа што тие го нарекуваат балкански методи, всушност се нивни методи. Затоа, мртви ладни избришаа две третини од нас, прогласувајќи дека победила едната третина што загуби. И математиката подготвени се да ја укинат ако таа оди спротивно на нивните налудничави планови. Што нѐ враќа на самиот почеток од колумнава. Ако напишам на Фејсбук дека сакам да ги „убијам“ лицемерството, двојните стандарди и желбата да се изврши идентитетски геноцид врз македонскиот народ, кои Европската Унија ги жнее низ Македонија, дали ќе биде тоа третирано како уметничка слобода и симболика или ќе завршам на суд, затоа што не се согласувам со нивните забегани светогледи?