Турски мустаќ – асли мустаќ

820

Во времето кога во Турција се спроведувале најголемите реформи, политичките разлики мажите ги искажувале преку формата на мустаќите. Кемал Ататурк, таткото на сите Турци, одвреме-навреме ги бричел мустаќите за да покаже дека државата не зависи од тоа дали некој носи или не носи мустаќи. Сакал да каже дека државата зависи од главата, не од мустаќите

Најраширеното народно мислење за Турција, најпознатите симболи за тој народ, најчесто се идентификуваат со чајот, кафето, баклавата и машките мустаќи. Не дека помалку се познати султаните, беговите, јаничарите и ефенедиите, но тие се високи владетелски, историски, социјални, воени и статусни категории што не се олицетворение на народот. Има десетици вида чаеви, чај се пие насекаде во светот, но не се пие со таков лезет како меѓу Турците. Има стотици вида кафиња ама едно е надалеку прочуеното турско кафе, со многу шеќер или без едно зрно во него. Има голем број рецепти за баклава, ама една е турската баклава, за нејзиниот вкус најдалеку се знае. И мустаќите, прочуени се турските мустаќи, иако нема народ што нема мустаќлии. Кон овие симболи можно е да се додаде и тутунот, не толку заради него самиот, колку за да се каже поговорката, одомаќинета кај нас во Македонија, кога за некој страстен пушач се вели „пуши како Турчин“.

По овој асли туркофилски увод да кажеме нешто поконкретно за мустаќите. Во патописниот роман на Пауло Коелјо со наслов „Хипи“, објавен неодамна од издавачкиот центар „Три“, сретнав една мошне занимлива сторија поврзана со турските мустаќи, која писателот ја чул од некој стар човек на пропатувањето низ Истанбул. Нема овде да ви ја раскажувам содржината на романот, туку од него само како повод за подолга приказна, ќе го искористам делот во кој се опишува како мустаќите одиграле улога во еден дел на турската историја. И тоа не на онаа османлиската, отоманска, султанска, туку на поновата што се однесува на најголемата реформа изведена во таа некогаш голема и моќна империја.

Да не ја раскажуваме историјата, но да се послужиме со неа. Во 1923 година Турција ја прогласила републиката, со што бил означен крајот на царството и владеењето на султаните. Генералот Кемал Ататурк, кој застанал на чело на новата држава, почнал да спроведува експресни реформи за да ја модернизира заостаната држава. Како што секои новини имаат приврзаници и противници при нивното спроведување, така било и во Ататурково време. Едни биле за, други против, едни биле на страната на сојузниците од војната, за Британците и Французите, кои наметнувале свои решенија, други против нивното натамошно мешање во турската политика.

Поделбата меѓу турското население за и против реформите не била мала, особено била изразена во големите градови. Се стигнало дотаму што луѓето морале да се определуваат која страна ќе ја одберат. Бидејќи насекаде имало провокатори и шпиони, сѐ уште било матно време, и за да не се шират лажни вести за тоа кој за што е, било најдено решение мустаќите кај мажите да бидат некаков знак за распознавање. Според формата на мустаќите се знаело дали човекот што ги носи е за или против реформите што ги спроведувала државата. Тоа, се разбира, не бил некој договорно утврден код на највисоко ниво, не требало за таа кампања ангажирање голем број телали, туку таквиот начин на определба се раширил од уста на уста меѓу луѓето, како народна песна.

Приврзаниците на реформите и поддржувачи на власта носеле мустаќи во форма на буквата М, а противниците ги оставале да растат надолу, покрај усните, за да формираат еден вид превртена латинична буква U. Така луѓето се препознавале кој на која страна се наоѓа. Тие што немале никаков став не носеле мустаќи, но тоа не само што било срамно за семејството, туку таквите мажи биле изедначувани со жени по карактер. Од друга страна, не било непознато дека и многумина ќосави пресадувале мустаќи за да можат и тие на тој начин да ги искажат своите политички ставови.
А што правел, какви мустаќи носел Ататурк таткото на сите Турци? Тој одвреме-навреме ги бричел мустаќите за да ги збуни сите и да покаже дека државата не зависи од тоа дали некој носи или не носи мустаќи. Сакал да каже дека државата зависи од главата, не од мустаќите. Ете, тоа е делот што го опишува Коелјо во својот роман, а ние овде го раскажавме со свои зборови, ученички, што се вели.

Кемал Ататурк, битолскиот воен ученик и офицер, тој храбар генерал што се борел во Првата светска војна, ја запрел надворешната инвазија, станал претседател на државата, го укинал султанатот, го означил крајот на Отоманското Царство, ја прогласил Турција за република со народна власт и објавил одвојување на религијата од државата. Турција, длабоко финансиски заглавена и заостаната верска држава, станала секуларна, ги исфрлил оџите од политиката, го укинал носењето фереџе, немало веќе хареми, нешта за што многумина сметале дека е невозможно да се оствари. И што е уште позначајно одбил да потпише понижувачки мир со сојузниците, бил против секаков компромис што би ги нарушувал турскиот суверенитет, контролата на турските финансии и за протокот низ Босфорот. Ататурк ги извојувал, ги добил сите можни битки, освен со сопствената болест, наводно предизвикана од љубовта кон алкохолот.

Мустаќи се носеле отсекогаш, но оттогаш во Турција се зацврсти таа традиција, тој машки национален белег, и сега ретко се среќава Турчин да нема мустаќи. Истанбул, најголемиот турски град, освен по своите знаменитости, богатата култура и историја, од тоа време е познат како место каде што се вршат најголем број пресадувања мустаќи во светот. Тоа е составен дел од туристичката понуда на овој мегалополис, а се рекламира и со поговорките: „маж без мустаќи е исто како куќа без чардак“ и „турски мустаќ, асли мустаќ“.
Нема официјална приказна со цврсти докази од кога носењето мустаќи станало украсен дел на машкото лице, иако тие и брадата се врзани уште од првиот човек, кој најверојатно бил обраснат со влакна многу повеќе од денешниот. Нивното носење, влегување и излегување од мода имало цикличен карактер, како сите други трендови. Многу култури мустаќите ги сметаат за симбол на машкоста, во некои религии се доказ дека момчињата стануваат мажи и се способни за војска.

Гледано низ историјата, модата за носење мустаќи се менувала, некогаш била величана, некогаш забранувана на државно ниво. Некоја историчарка со име Викторија Шероу има направено книга со наслов „Енциклопедија на влакната“, каде што пишува дека носењето мустаќи и брада било многу популарно во Елада и во Античка Македонија. Брада и мустаќи едно време носел и Александар Македонски (Велики) додека сам не се избричил и на своите војници им забранил да носат брада. Објаснувањето зошто ја донел таа наредба е дека во многу случаи непријателот ги фаќал неговите војници за долгата брада и така ги совладувал. Малку смешно, но според историчарката, било вистинито.