Тупурковски, Малески и Глигоров за името

1545

Историјата може да нѐ лаже нас, но не можеме ние да ја лажеме историјата. Оваа фраза е само вовед во една полуполемика меѓу двајца своевремено влијателни и угледни политичари, поврзана со првите години на осамостојувањето на Македонија, со битката за нејзиното меѓународно признавање, преговорите за името, како и за настаните и личностите што беа на врвот од кадровската пирамида.
Пред извесно време Васил Тупурковски, професор, доктор по меѓународно право, извесен период најголемата македонска политичка надеж, сега смирен пензионер, имаше подолго интервју, во две продолженија, во емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5. Набргу по интервјуто, со текст под наслов „Волшебните моменти да се реши името во 1992 година“ се јави Денко Малески, министер за надворешни работи во тоа време, сега дневно активен, крајно проамерикански настроен коментатор аналитичар.

Како и кај секој човек, така и кај Тупурковски, има нешто што го „јаде“ од минатото, од животот, од кариерата, дилемите што направил, што можел, а не направил или го направил она што мислел дека никако не смеел да го направи. Црната дамка, неговите кариерни петна се врзани како со распадот, уште повеќе со неговата улога во првите години од независна Македонија. Она од што носи рани, од што најверојатно сѐ уште чувствува болка, се токму тие години кога беше изгасната неговата ѕвезда високо вивната на небото. Но и Малески, најверојатно, боледува од истите болки, зашто и неговата кариера заврши неславно, потопена во морето подоцнежни бурни настани низ кои се заборавија или се избришаа заслугите што му припаѓаа за првата македонска самостојна дипломатска офанзива, предводена од Глигоров, но во Денкова практична реализација.

Опширно, елоквентно, како што знае тој, Тупурковски говореше за причините за крвавиот распад на Југославија, за неговата улога во настаните, но и за учеството во македонските работи, тогаш во својство на специјален пратеник на претседателот Глигоров. Конкретно и директно и во оваа пригода ги повтори неговите стари, добро познати, две потпорни тези. Едната е дека Република Македонија доцнела во постапките за меѓународно признавање, а втората дека не реагирала во вистински момент за да ги искористи поволните шанси за промена на името со додавка, без посериозни последици, какви што се денес. Притоа, мудро вината ја префрла врз претседателот Киро Глигоров, кој бил колеблив, нерешителен и не ги земал предвид поволните околности. Најконкретно, претседателот не ги сфатил на вистински начин пораките за името од австрискиот министер за надворешни работи Алојз Мок, кои му ги пренел Тупурковски во Скопје, а биле од македонска корист. Тоа било повод против него да биде организирана медиумска хајка за велепредавство на националните интереси и отстранување од политичката сцена.

Малески во најголем дел ги побива Цилевите факти и изнесува други, поинакви. Тој, на свој, елегантен, мек начин, ги оспорува мислењата што ги изрекол Тупурковски, се разбира, со извесна доза професионален анимозитет, познат уште од нивните истовремени колегијални денови на Правниот факултет во Скопје.
Говорејќи за сите теми, Тупурковски, не како оправдување туку како искрена исповед, кажа дека никогаш не бил лажго и авантурист. Најверојатно има вистина во тоа тврдење, но таквото мислење преовладуваше доминантно во редовите на политичкиот естаблишмент. Уште како југословенски високопозициониран функционер, колку и да имаше симпатии меѓу граѓаните, беше цел на критика меѓу македонските политичари, а по осамостојувањето потајно го решетеа оние што во него гледаа конкуренција за високите државни позиции, понесени од надежта дека еден ден ќе го зафатат местото претседател на државата, на веќе стариот Глигоров. Во јавноста како такви предничеа Стојан Андов и Петар Гошев, првиот посочуван како директен елиминатор на Цилевата кариера поради спомнатиот предлог на Мок за името. Секако, не се исклучуваат и други, кои на висините на Тупурковски гледаа или со завист или со презир, а коиндицираат со Цилевата дисквалификација и елиминација од сѐ уште недооформената државотворна, водечка кадровска гарнитура.

Без намера да ги спорам презентираните сознанија и факти, по мое мислење и едниот и другиот не ги земаат предвид клучните фактори – времето и народот. Не посочуваат дека тоа беше време кога Македонија, како нова самостојна држава, беше исклучително слаба, ранлива, дезорганизирана, крајно осиромашена, тешко приспособлива за премин од еден во друг општествен систем, неподготвена од мирен социјализам да влезе во неизвесен капитализам, од еднопартиски тром во бурен, но дезориентиран повеќепартиски систем.

Но од друга страна, како духовна компензација, меѓу народот експресно оживеа, силно се разви, нов импулс на јакнење на македонскиот национален идентитет. Насекаде лебдеше националниот занес што го носи духот на слободата, тоа беше период не само на надеж туку и на национална гордост да се биде признаен Македонец, свој на своето, и да се држи високо на пиедесталот тоа достигнување. Тие години на паролата – „името не го даваме“, речиси деведесет отсто од граѓаните (Македонците) беа против каква било промена и секоја поинаква постапка можеше да доведе до граѓански бунт со крвави последици, за што отворено се закануваше не само ВМРО-ДПМНЕ. Слична беше ситуација и во Грција, каде што на митинзите против Скопје, одржувани во Солун и во Атина, учествуваа милиони Грци, речиси цела Грција тоа лето беше на нозе. Обостраниот огнен набој сам по себе говори дека тогашните раководства на двете земји ќе си ја ставеа главата во торба само ако помислеа да постигнат каков било договор, кој не би бил соодветен на масовното народно расположение. Во тој револуционерен, но бескрвен преод, државата Македонија и нејзиното име, наместо признаен успешен продукт, станаа светски проблем, најмалку по своја вина. Покрај другите отворени прашања, името стана скапоцениот клуч со кој ќе се испишува не само нејзината туку и вкупната иднина на Балканот.

Во изминатите безмалку триесет години нема власт, претседател на држава или на влада, министер за надворешни работи или за евроинтеграции, кој не бил вклучен, не разговарал или не преговарал за името, помалку јавно, повеќе тајно, во тој сложен, комплициран, митско-епски процес. На сите, уште од првиот ден им било познато дека спорот не може да се реши без додавка. Тогаш гледан само како билатерален спор, а не како услов за прием во НАТО или во ЕУ, зашто тие две асоцијации уште беа во сферата на научната фантастика. Сигналите за доаѓањето на Американците во земјата македонска и за нивната водечка чизма на овој балкански терен, стигнаа подоцна. Несомнено, барем во првите години, до атентатот, главниот, речиси неприкосновен збор го водеше претседателот Глигоров, кој не газеше на гнила штица, кој за секое решение прво преспиваше па потоа реагираше, за кого може да се рече дека повеќе беше претпазлив отколку нерешителен.

Што беше клучниот проблем во маратонот за името, барем според она што останало во моето сеќавање. Значи, македонската страна беше помирена со ставање додавка, во игра беа и горна и долна и северна и Вардарска Македонија, во разни варијанти, со смешни предлози за напред пред името, назад зад името, во средина, со точка, со запирка или во заграда, иако предлогот Република Македонија (Скопје) беше оската околу која се вртеа другите имиња. Главниот проблем беше обемот на употребата на додавката, тоа беше нерешливиот Гордиев јазол. Чесно е да се каже дека ниту една гарнитура не беше против името за меѓународна употреба, но не прифаќаше ерга омнес, односно новото име да биде и за внатрешна употреба. На тој терен, на тој мегдан најмногу, најдолго, најупорно се кршеа копјата, додека дефинитивно не се премина на негово пресечување не со меч туку со пенкало.

За да се истрча тој маратон требаше време на зреење, минување низ долги етапи, фази и циклуси, за да се појави и клучниот џокер што многу подоцна го доби Македонија – членство во НАТО и влез во Европската Унија. Во годините што ги објаснуваат Тупурковски и Малески, тој адут беше далечен колку и месечината. Лесно е со денешен кантар да ги мериш тежините на минатото време, уште полесно да даваш судови кога е решен спорот за името на поранешната југословенска република Македонија, сега Северна. Нема ништо полесно одошто да се бараат грешки и грешници, забава за широките народни маси што си има долга македонска традиција.

[email protected]