Трите северни црти на смртта

1031

Веќе од поодамна, драг читателу, во матичните и некои други идентитетски документи кај нас, на местото за идентификација на Македонците (родени, венчани, умрени итн.) има три црти како замена за идентитетот. Коси танки, кои јас и мојата генерација, покрај другите знаци, ги вежбавме на часовите по краснопис. Оти тогаш покрај етиката во духот на традиционалното домашно воспитание, децата во образовниот систем се воведуваа и во подрачјето на естетиката, на развивање на чувствата за Убавото. Спој на Убавото и Доброто како во античката формула на калокогатијата.
Сеедно. Но да не се оддалечиме од трите северни црти на македонската идентитетска смрт, драг читателу, кои смртоносниот Заев веројатно нив ги вежбал во некоја работилница на ѓаволот уште пред да се роди. Првин зошто северни? Затоа што тие се производ на северното, со северната придавка, идентитетско погубување на Македонците во Преспа 2018-та. Со тоа беше укинат нашиот пристап назад, а од него и напред во иднината на меморијата. Така. Оти сѐ што носи белег со генеричкото име Македонија како културно-цивилизациски имот сега од Евроамерика е префрлено во грчкиот катастар. Кај Грците. Главно античкиот македонски свет, а преостанатиот, средновековниот, но и понатаму до првите неколку децении на 20 век е префрлен во катастарот на енормно лакомите за туѓо благо – Бугарите. И тоа е блицкриг (blic krig) операцијата на обновениот европски фашизам, драг читателу, по која ние (прости ми на недоличниот израз) останавме со гол газ и со стапот в рака како аналогија на трите северни црти на смртта на нашиот генерички идентитет. Ако тоа, пак, сега, за разлика од нашиот обичен простосрдечен народ со јак идентитетски инстинкт, не го разбираат многу наши високопарни интелектуалци, тоа е нивен проблем. Нивен проблем е што не знаат да ги распознаваат знаците на изворниот идентитет.

Што не знаат што е тоа симбол и какво значење има тој како складиште/ризница на меморијата во значење на невестински ковчег со свадбен чеиз за најубавиот чин на животот важен не само за индивидуата туку и за нејзиниот колектив. Народот. Племето. Па, така, за многумина од нив и симболот на шеснаесетзрачното сонце од Кутлеш (тие по грчки го викаат од Вергина) е чир, некој вид диво месо што итно треба да се отстрани од нашиот идентитетски организам, кој и така е масакриран во Преспа и сведен на ништо. Сега на три смртоносни северни црти. А зошто се бара да се отстрани тоа сонце и фрли на ѓубриштето на историјата со име Заборав? Само затоа што тоа изгрева од Античка Македонија од која се срамат нашите високопарни постмодерни интелектуалци заглавени во мочуриштата на Бодријаровите симулакруми. А, богами, и во мочуриштата зад Карпатите од кои никако не можат да се извлечат.
Па покрај сонцето, тука е и иронијата, божем како некој вид „интелектуална трезвеност“ (В.Х. Одн) со Александар Македонски како Аце Големиот, што личи повеќе на интелектуална спрдарија, отколку на трезвена „иронија“. Да. Ама сепак тука не се толку едноставни работите, драг читателу. Не се, затоа што симболите не се празни тропалки за подбишега. Тие се како еден вид (Никола Тесла би се сложил со нас) електрични столбови и жици на далноводот за пренос на струјата на генеричкиот идентитет на огромни далечини. Така е и со симболот. Во случајот анатемисаното од високата интелектуална елита кутлешко шеснаесетзрачно сонце, симболот на Античките Македонци, на нивното знаме и штитови со кои војувале од Пела до Хималаите и египетските пирамиди да го обединат културолошки, а не како денешниот Запад колонијалистички, робовладетелски, светот. И што? Смешно ли е тоа? Оти симболите што се полни со идентитетска меморија се архетипови, далновод што ја пренесува идентитетската струја во битието и свеста на поколенијата на едно племе не толку на просторна, туку пред сѐ на временска далечина што се колне во вечноста.

Па така, драги наши велеучени, до нашата колективна свест и битие по жиците на тој далновод и е пренесена струјата што извира од генезата и, несвесно, ги напојува нив. И тоа не е езотерија, па не мора на помош да ги викаме мадам Блавацка, Ѓурџиев, Рудолф Штајнер или некои други парапсихолошки ѕвезди.
Па зарем е случајно што тој симбол, шеснаесетзрачното сонце, го гледаме денес во сите македонски цркви, од најстарите до најновите, почнувајќи од вратата, па преку припратата, втиснат на штитовите на светите воини што го чуваат храмот, до олтарната резба, иконите и фреските. Па го наоѓаме и во археолошките локалитети кај нас, на чаши, обредни садови и надгробни плочи. И случајно ли е, инцидентно ли е тоа, драг читателу. Сѐ е тоа света идентитетска содржина втисната во симболот, за што беше длабоко свесен Пулески, мијачкиот гениј, ѕидар, печалбар, лингвист, национален реформатор, борец со сабја и со перо, подобар и од Хајне, уште пред две столетија, а денес ние од МАНУ и Универзитетот, постмодерни интелектуалци, со презир кон исконот и изворот не сме свесни за тоа.
Тоа е и таква е вистината, драг читателу, а ти гледам со право прашуваш, префрлајќи ја темата на друга страна, зошто ако нам симболот на шеснаесетзрачното сонце сосила ни го отимаат и крадат Грците, аналогна на тоа е и ситуацијата сега со Гоце и Бугарите. Едноставно, за да го збогатат својот идентитет, ако е, и според нив, тој во кусок, дефицитарен. Оттука, и за тоа, почнува кражбата на симболите, кои по дефиниција се носители на света идентитетска содржина.

Друга работа е, пак, што тие во модерното време на „еднодимензионалниот човек“ (Маркузе) на материјалниот профит ја осакатуваат и десакрализираат неа, како што е тоа парадигматичен случај со симболот-мит на Нарцис сведен на пејоративниот поим нарцизам, за што е можеби најмногу заслужен Фројд. А Нарцис, како што мисли и Вајлд, не е самозаљубеник во својот физички, во својот духовен лик. Вирот во кој се огледува, па и се потопува тој е само метафора на неговото битие. Ништо друго. Доволно. Симболите во нивната изворна сакрална смисла, за разлика од Фројд, многу поубаво ги разбира неговиот ингениозен ученик Јунг, кој, самиот протестант, во еден есеј на таа тема жестоко ги критикува протестантите за нивната иконокластичка религиозна филозофија и ништење на симболите. Затоа што тие, заедно со Лутер, ги сведоа протестанските цркви само на голи ѕидови без икони и фрески, укинувајќи го притоа и култот на светците, како и симболизмот на многу обредни церемонии карактеристични за мистицизмот на католицизмот и православието. Така ја исфрлија од употреба и класичната литургија, misa solemnis, и наместо неа богослужбите ги проследуваат со рок-музика. Клучни за нив се Исус и молитвата. Дури и Богородица, на која католиците ѝ обраќаат енормно внимание тие ја држат во заднина.

Е, сега, тука не сакам да повлечам црта на аналогија, драг читателу, дека ние, православни, сме попоетични од протестантите во однос на, пред сѐ, светата содржина во симболите, кои за разлика од нив, рационалисти, ги има во барокно изобилство кај нас. Не. Напротив. Ние ги испразнивме нив од светото и ги секуларизиравме докрај. Ги соголивме со ирониски и саркастичен пароксизам, покажувајќи на тој начин колку е сиромашно нашето индивидуално и колективно битие за кое дури и немаме свест. Елементарна. А камоли, како што би рекол Јунг, натсвест, трансцеденталниот кат на психата. Примерот со шеснаесетзрачното сонце како еден од темелните архетипови на нашата колективна генеза и меморија, а потоа и иронизацијата од понизок вид со Александар Македонски (Аце Големиот) исто така архетимпален симбол за нас, кои сега ги фрламе на ѓубриште во нашата обесветена свест и душа, го дава на показ тоа.
Така. И токму, покрај другото, и затоа дојдовме, драг читателу, до трите северни црти на смртта на политичкото чудо и чудовиште од Муртино како замена за целокупната наша укината меморија и идентитет со преименувањето во Преспа, модерната идентитетска касапница на Европа. Кој Македонец не го сфаќа тоа, и не е Македонец. И, ништо не сфаќа. Попусто ќе му ја препорачуваме „Славјаномакедонската историја“ на Пулески, кој треба да ни е денес идентитетски ориентир и светилник. Оти иако е од пред две столетија, тој ни најмалку не е архаичен во однос на темата на идентитетот како антрополошка димензија и од еден филозофски аспект на феноменот поврзан со опстојбата на личното и колективното битие кај секој еден поединец и народ. Пулески пред две столетија нѐ потсети на она што не го знаеме, за жал, сега ние, имено дека името е стожерниот идентитет на еден народ околу кое е собран и опстојува тој.

И, како да ја дефинира таа филозофија во јанѕа пророчки тој, насетувајќи дека ќе се случи нешто страшно со него некое време по неговата смрт. И се случи. Се случи со Името, но и со преостанатите идентитетски знаци, кои не ги препознавме како галичкиот просветлен дух и ги фрливме на ѓубриштето на нашата несовест. Несвест. Тоа го направи со декрет политичкото чудо и чудовиште од Муртино со неговата ликвидаторска парламентарна камарила за која, за да се финализира нашата идентитетска смрт, се купија уште осуммина со гробарски лопати гробари од божемната опозиција. И така беа урнати столбовите и пресечени жиците на далноводот што нѐ напојуваше со идентитетска струја директно од динамото на генезата. Така и наеднаш паднавме во тотален идентитетски мрак. Дојдовме до дното без дно на трите северни црти на смртта што ни ги истетовира како лузни на битието темниот „наш“ владетел, господарот на нашите залутани души и на полињата со марихуана.
Тоа и така, драг читателу. Де профундис (De profundis). Така стојат работите со Името, Сонцето од Кутлеш, Аце Големиот и со сѐ друго што е белег, знак на нашата генеза и постоење. И сите го извршивме предавството, не само оној од Муртино и неговите црни ангели на смртта, оти немавме волја и сила да се спротивставиме, да ги обрнеме наопаку морињата и да ги потопиме и Муртино и Вашингтон и Брисел. Покажавме малодушност и кукавичлук дека немаме макар и минимален нагон за постоење. А тоа претпоставува и за самопочит.

Никогаш не видовме од кај извира нашето неколкумилениумско Име, да го спознаеме неговиот континуитет со кој не може да се пофали ни едно друго име од колонијалистичките нации што нѐ ликвидираа на Вавилонската блудница. А за тоа е најголем и неподмитлив сведок Библијата, која нашите екстраинтелектуалци што се гордеат со својот атеизам и докторски титули не ја ни допреле, а камоли прочитале и разбрале. Оти таа не е само религиозен, туку можеби уште повеќе антрополошки документ, и веројатно и најважен за западната цивилизација. Во неа како Виа Игнација (Via Egnatia), како златна жица нашето Име, почнувајќи од првите нејзини страници, од Јафет најмалиот син на Ное чија фиданка сме ние, тоа се спровира како буен поток низ Стариот, а потоа и низ Новиот завет, до неговите крајни брегови на кои испловува заедно со Господовиот пратеник во Македонија и Европа апостол Павле.
Знам дека на ова нашите велеучени интелектуалци, драг читателу, постмодернисти што не можат ни понадвор да одат без иронија, ќе ми се смеат и мене и тебе. Нека. Па затоа и ја дотеравме работата до оние три северни црти на смртта во крштелното и преостанатите идентитетски документи. Не само по заслуга на оној од Муртино, туку и по наша заслуга. Трите северни црти на смртта со кои се има намера да се обезличат идентитетски и идните поколенија на овој народ што се зачнуваат сега и по столетија во бакнежот на македонските љубовници. Но, дај Боже тоа да не се случи! Ние знаеме дека како коцкарот и Ти имаш АС во ракавот.

Боже, една голема катастрофа со нов потоп, или оган што ќе го очисти овој свет од злото и ќе го извлечеш како во примерот со АСНОМ повторно од неа нашето Име, и повторно ќе го собереш, како што велеше Пулески, како во сопствен дом и црква народот на столченото племе околу стожерот на Името, бришејќи ги оние три северни црти на смртта, ама со нив и сите изроди што работеа на нив од Муртино до Брисел. Вашингтон, Софија, Атина, Тирана и назад. Сите погубни по нас платформи и платформисти.
Може беше премногу депресивна, траурна оваа колумна, драг читателу, за што ти се извинувам, но не сакав да те залажувам со лажна светлина, како што нѐ залажуваат изродите на трите северни црти на смртта, биле владини или невладини. Оти тоа е, всушност, светлината со која, ако не си знаел, се служи Сатаната. До следната наша средба голем, и поголем од голем поздрав. Никогаш не се двојам од тебе како во тагата, исто така и во нерамната борба што нѐ очекува.