Триесет години независност – одликувања за првоборците

543

Бујар Османи, министерот за надворешни работи, е првата личност од власта на која ѝ текна дека годинава се одбележува триесетгодишнината од независноста на Република Македонија и три години од постоењето на Северна, истата Македонија но под друго официјално име. Првото одбележување е јубилејно, второто се слави секојдневно. Како гест на благодарност за учество и помош во општествено-политичките процеси од 1991-та до денес, Османи донесе одлука да им врачи признанија на 30 странски државјани, високи функционери од САД, ЕУ, НАТО, државници, дипломати, разузнавачи и познавачи на нашата држава и регионот, живи или преселени на оној свет.
На тој список се најдоа 30 странски личности, главно познати кај нас. Нема овде да ги наведуваме по име и презиме, но важно е да се наведе дека им се оддава признание за оставениот белег во консолидација на македонската самостојност, за поддршката и помошта во заокружување на евроатлантската перспектива, како и зацврстувањето на мултиетничката, мултикултурната и мултиконфесионалната кохезија на нашата држава и општество. Нема што, убаво стокмено соопштение, пристојно образложено, иако не сите упатени во оваа држава имаат добро мислење како за изборот на личностите, така и за нивниот придонес. Но прашање е дали може некој да му го оспори на министерот и личното чувство за нивното учество, како и внесената нагласка на гледањата и ставовите на неговата партија кон тие селектирани личности, пријатели на Македонија, според критериумот на Османи.

Денот на независноста на Република Македонија, 8 Септември, секогаш е можен повод за навраќање на тој датум и за неговото значење. Од таа 1991 г., врват 30 години во кои се случија низа настани. Што очекувани, што во тоа време незамисливи процеси што државата ја носеа кон едно друго време, кон 21 првиот век. Низ нив Македонија се промени политички и конституциски, но во основа остана заостаната земја, држава со мнозинство сиромашни граѓани. Сите сцили и харибди ги совладуваа луѓе меѓу кои има десетици што не се меѓу живите, десетици што направија успешни политички кариери и стотици што се заборавени, не им се споменуваат ни името ни презимето. Ништо не е за изненадување. Како што се сака да се заборават или избришат мошне значајни настани од подалечното, така не им се посветува внимание ниту на оние историски денови и личности од поблиското минато. Традицијата на заборавање и игнорирање, дури и негирање на сопственото политичко минато, како да е вградена во темелите на македонскиот народ, чија држава и ден-денес броди низ бурни води и не се знае дали како таква ќе стигне до брегот или ќе протоне во нечии длабочини.
Министерот Османи ги посочи странците. Време е некој да ги посочи домашните учесници, оние што во првите редови ги пробиваа патеките што водеа кон независноста, а на кои не им е оддадено никакво официјално државно признание, не им е укажана ни најмала чест, во живо или посмртно. Тука пред сѐ се имињата на пратениците од составот на првото повеќепартиско Собрание на Република Македонија, конституирано на 8 јануари 1991. Вреди да се повтори повеќепати: тој собраниски состав, формално и практично е историскиот состав на Собранието на Македонија, не само како прв повеќепартиски по број туку и по она што го реализира во исклучително сложени југословенски и меѓународни околности и во скромни домашни услови.

Што одлуки донесоа тие пратеници само за една година? Вреди да се набројат неколку темелни. Само 13 дена по конституирањето, на 25 јануари Собранието ја усвои Декларацијата за независност. Во април беше усвоен уставен амандман за бришење на одредницата „социјалистичка“, со што, преку тој единствен збор, се смени општественото уредување на државата. Тој ден, таа одлука, навидум идеолошка, практично го означи крајот на социјализмот и почетокот на капитализмот. Заврши една ера, почна нова. Новиот назив, новото, име гласеше „Република Македонија“, без никакви политичко-општествени или географски додавки и одземки, без загради, цртички, ѕвездички или други интерпункциски знаци.
На 6 август, Собранието со акламација донесе одлука за распишување референдум за осамостојување, кој се одржа на 8 септември. Референдумот заврши убедливо успешно, иако самото прашање го доби ореолот на добро смислена мамка, но не и прелага. На 17 ноември, по долги и мачни дискусии, го усвои првиот Устав на новоконституираната Република, а свечено го прогласи три дена подоцна. Меѓу тие три дена ја донесе и Декларацијата за меѓународно признавање на Македонија како суверена и независна држава.
Пратениците, низ крајно спротивставени дебати, низ отворени навредливи кавги, често на работ на прекини или прекинувани седници, само за една година донесоа неброени акти, со кои се зацврстуваа легалитетот и легитимитетот на државата, низ разни законски решенија и прописи се настојуваше да јакне идентитетот на македонскиот народ. Во национален занес, тогашните пратеници беа убедени дека тој идентитет се цементира, дека Македонија се потврдува и утврдува како домицилна држава на македонскиот народ и другите етнички заедници.

Првите пратеници не се првите мачиња тукутака да се фрлат и заборават. Гледано од денешен аспект, веќе не е важно на која партија ѝ припаѓале, кои биле, што биле, чии биле, какви биле, што доблести немале, а маани имале. Без разлика на тие разлики, пратениците, сите 120 од тој состав, во живо или постхумно, заслужуваат некакво државно признание што може да им се додели по повод 30-годишнината. Некој мора да го стори тоа, дали претседателот на државата, на Владата, или самото Собрание, зависи кој колку и за што е надлежен. Кога може Бујар да одликува странци, зошто да не може Пендаровски да одликува домашни, заслужено и историски оправдано.
Истиот предлог важи и за министрите на првата некомунистичка влада на Република Македонија. Неспорно е дека нејзините членови работеа со елан, понекогаш со претерана егзалтација, понекогаш со страв од неизвесноста што ја ширеа високи воени лица, тајни соработници на КОС и слабо контролирани делови од македонската полиција, но покажаа храброст во донесувањето одлуки што ја оформуваа конституцијата на суверената држава, го трансформираа, колку што можеа, економскиот систем, ги зачуваа безбедноста и мирот кога тој беше на граница да се претвори во незапирлив оган.
Се разбира дека не може да се исклучат заслугите и на поединци. Секако, на врвот на оваа пирамида засекогаш ќе остане името на првиот претседател на независна, самостојна Република Македонија, Киро Глигоров, чии заслуги, со сите негови наводни грешки и недоследности, сепак, се најголеми. Не е моја задача или обврска да наведувам имиња, да правам дополнителна, лична или пристрасна ранг-листа на заслужни, од Глигоров надолу или за некој над него. Но, сепак, не би требало без признание да останат Стојан Андов, првиот претседател на Собранието, Никола Кљусев, првиот претседател на Владата, Љупчо Георгиевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Гошев, претседател на СКМ- ПДП, Киро Поповски (постхумно) на социјалистите, Невзат Халили и Абдурахман Алити од ПДП, Бранко Црвенковски од СДСМ, Васил Тупурковски, Фаик Абди, претседател на ПЦЕР, и редица други личности што имаат голем придонес Македонија да се осамостои во мир, без крв и без страдања и без изгубени животи. Без разлика кој какво мислење има за секого поединечно, историски факт е дека тие заедно со пратениците и министрите се првоборците на македонското ново државотворно конституирање.

Заборавањето, потценувањето, елиминирањето, неспоменувањето или бришењето на имињата на носителите на независноста не само што ќе биде историска измама пред нас сѐ уште живи и здрави, туку ќе остави и длабоки траги и место за несогласувања и кавги меѓу идните генерации Македонци. Белите листови за осамостојувањето чекаат да се напишат, објективно и непристрасно, да бидат прилог на залагањата за вистина, за сплотеност, за слога и единство, за чесност, за напредок на државата воопшто. Без нив ќе се повторува неслогата, долго ќе живеат последиците од раздорот, онакви какви што сѐ уште живеат од поделбите од деновите на осамостојувањето.

[email protected]