Триесет години независна Македонија, и покрај сѐ!

299

Но во најновата епизода на „Најдолгиот пат“, не е Бугарија главниот проблем. Македонија нема само поголеми проблеми со соседите отколку другите. Македонија има уште еден проблем што го загрозува развојот, кој го загрозува подобриот живот повеќе отколку кај другите – корупцијата

Триесет години независна Македонија е повод за рефлексија на поминатиот пат од страна на политичари, јавни личности, аналитичари, граѓани… многу пригодни текстови, изјави и повеќето започнуваат со каде сме денес, што постигнавме, кои се дострелите. Прашања на кои тешко може да се одговори, ако нема јасно дефинирани очекувања. Како сведок на постигнувањето на независноста, очекувањата не беа многу јасни, од тие на Љубчо Георгиевски за македонска фудбалска репрезентација и македонски пари, патем нешто што Шкотска го има без независност, до пошироко дефинираните да бидеме самостојни, сами да одлучуваме за нашата судбина и да постигнеме подобар живот.
Сонот за македонска фудбалска репрезентација и македонски пари се оствари, но дали постигнавме подобар живот. На ова прашање одговори понуди „Фајненс тинк“ низ неколку анализи за БДП, невработеноста, платите, нешта што можат да бидат показател за подобар живот. Анализирајќи го седумдесетгодишниот прогрес на државите од поранешна СФРЈ од 1951 г., па досега, најголем прогрес има Словенија, а најголем регрес има Косово. Македонија и тогаш во 1951 година и сега е единствено подобра од Косово. Иако Србија е единствена што во 1951 г. била над просекот, а сега е под просекот, сепак најголемо зголемување на регресот има кај Македонија. Нејасно е дали ЕУ влијаела на добрите резултати на Словенија и на Хрватска, бидејќи тие секако биле подобри и пред ЕУ. Заостанувањето не е само во оваа споредба. Во 1992 година, Македонија имала споредлив БДП по жител со Летонија, Полска, Романија и Казахстан, кои сега имаат трипати повисоко ниво.

А Албанија, Грузија и Туркменистан, кои тогаш имале трипати пониско, се изедначиле со нас. Сите овие земји имале раст од трипати, додека ние сме имале раст во тој период од 60 проценти. Оваа споредба може и да не е фер, бидејќи иако сите овие земји се посткомунистички, некои се членки, а некои не се членки на ЕУ, сепак повеќето имаат излез на море или се богати со енергенти.
Кај невработеноста, работите се малку подобри, и таа е намалена од 21,7 процент во 1998 година на 15,9 проценти сега, или сега имаме иста невработеност како во 1966 година. Имаме слична невработеност како Црна Гора и Босна и Херцеговина, а подобри сме само од Косово. Просечните плати во 2021 година се намалиле во однос на тие во 1987 година споредено со Словенија, и повторно Македонија е подобра само од Косово. Но разликите не се зголемиле само меѓу богатата Словенија и сиромашната Македонија, тие разлики меѓу богатите и сиромашните се уште поголеми внатре. Македонија има висок џини-коефициент што укажува на зголемување на нееднаквоста. Тоа се отсликува и во секторите. Доколку во 1981 година од дванаесет сектори, две третини имале плати над просекот, сега во 2021 година само финансиите (банкарство и осигурување) и здравство и социјална заштита се над просекот. Значајни сектори, како индустрија, земјоделство, угостителство, сега заостануваат повеќе зад просекот отколку во 1981 година. Дел од тоа може да се објасни со новите сектори, како информатика и комуникации, кои ги немало во 1981 година и го подигаат просекот, но сепак станува јасно раслојувањето и по сектори. Сето тоа води до уназадување на индексот за човеков развој, кој одразува повеќе показатели од очекуван животен век, образование, здравство и сл. и Македонија е некои дваесет места пониско на глобално ниво сега отколку пред 30 години.

Сево ова говори за подобар живот за некои, но не за сите граѓани. Дали е тоа така зашто станавме капиталисти наместо социјалисти или, пак, такви се глобалните трендови за нееднаквост. Но тоа не може да го објасни заостанувањето во однос на други (посткомунистички) земји. Сепак има одредени објективни оправдувања. Пред девет години, за нашата 21. годишнина, посветив два написа „21. Ден на независноста“ и „Најдолгиот пат“. Тогаш напишав дека Македонија во независноста помина тројна транзиција: од федерална единица во независна држава; од авторитарен систем во демократија и од планско стопанство во пазарна економија. Но тоа можеби не може да биде оправдување, бидејќи повеќето погореспомнати земји ги имаат поминато истите транзиции. Но ние ги преживеавме и 1999 година и над 300.000 бегалци од Косово или околу 15 проценти од вкупната популација. И, да, имавме внатрешен конфликт во 2001 година. Нешто што го немаа Летонија и Романија, а го имаа некои од земјите на поранешна СФРЈ, кои заостануваат слично како нас. Но како да се споредува војната во БиХ со таа кај нас. Во споредба со другите, веројатно само ние, можеби и БиХ, имаме соседи како Грција и Бугарија, кои нѐ оспоруваат, што секако го плаќаме со развојна цена. Да, плативме висока цена за нашето право да бидеме дел од независните нации, да бидеме дел од 193-те членки на Обединетите нации (ОН). Нашиот пат во независноста, наликува на „Најдолгиот пат“, но и покрај сѐ, истрајуваме!

Но во најновата епизода на „Најдолгиот пат“, не е Бугарија главниот проблем. Македонија нема само поголеми проблеми со соседите отколку другите. Македонија има уште еден проблем што го загрозува развојот, кој го загрозува подобриот живот повеќе отколку кај другите – корупцијата. Невладеење на правото, корупција во врвот, хибриден кон авторитарен режим, патрон-клиентелистички систем што фаворизира послушност и неспособност наместо професионалност и компетентност, тоа е главниот проблем зошто не се изборивме за подобар живот. И во тој показател, трагично заостануваме и зад БиХ, Албанија и Косово, а сме подобри од споредуваните земји од Туркменистан. Без зборови. Борбата што ќе ни ја одреди судбината е борбата против корупцијата, и мораме да ја избориме!

***
Честит Ден на независноста! Да е вековита Македонија!

#30годиниНезависнаМакедонија #30МК

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek