Трет пакет, мерки или трикови

На помалку добрата страна, пакетот иако е како да го направила ВМРО-ДПМНЕ (платежни картички, купувајте македонски производи, летувајте во Македонија), има многу малку мерки, а многу трикови и пакетот е ненавремен и недоволен, бидејќи најголемиот дел мерки се среднорочни и развојни, пакетот е неспроведлив и политички и технички, а во делови и јавно-здравствено и фискално ризичен

Деновиве премиерот Оливер Спасовски го претстави третиот пакет на економски мерки во контекст на ковид-19, за да се зголеми потрошувачката, за поддршка на економијата и земјоделството, како поттик на здравството, иако оваа мерка не е економска. Третиот пакет на мерки веднаш наиде на критики, и од лево и од десно, и експерти, и објективни и субјективни критики, но сепак заслужува дополнителна анализа и коментари, дали станува збор за мерки или за пиар-трикови? Пред тоа, краток осврт на првиот и вториот пакет економски мерки во вредност од 200 милиони или 250 милиони евра, кои во основа се состоеја од кредити од македонската развојна банка (МБРП) и субвенции за плати од 14.500 денари за погодените фирми, за месеците април и мај.

За тоа повеќе коментирав во „Премногу за да пропаднат, дали?“ и „Економски мерки без мерки“. Но деновиве доста агресивно Владата декларира дека „беа навремени и сериозни мерки за спас на работните места“. И, секако, притоа без сериозна поткрепа. За навременоста, додека Германија ги исплати средствата веќе во март, а САД во април, во Македонија средствата за субвенции на платите се исплатија меѓу 15 и 20 мај. За сериозноста, со мерката се покриваат меѓу 30 и 50 проценти од платите во фирмите, во сектори што се затворени со одлука на Владата, а секако, покрај платите, има и други трошоци (кирии, камати, комуналии). На моделот на фирми со чија работа сум запознаен субвенцијата не надминува 30 проценти од вкупните трошоци, додека другите се на сметка на работодавците или работниците (намалени плати).

Да повторам, за фирми затворени со наредба на Владата. Тоа е на микрониво, на макро за сериозноста Владата треба покрај бројот на фирми што се пријавиле, а тој е околу 5.000 фирми, да објави и колку работници биле поддржани и колку изнесува вкупната поддршка за април. Само тврдења поткрепени со бројки може да бидат сериозни.
За (не)сериозноста на првите пакети, коментар за една од мерките – одложување на извршувањето. Навидум мерката за одложување на извршувањето, или суспензија на извршителите требаше да ги заштити погодените фирми и граѓани од притисокот на долговите. Но таа мерка само внесе хаос во плаќањата, односно неплаќање, а тие од кои требаше да заштити извршувањето – комуналните фирми (струја, телефон, вода), секако, имаат поедноставен механизам – исклучување на корисникот. Фирмите тоа ги остави на удар на исклучување, а истовремено без можност на присилна наплата на сопствените побарувања.

Без оцена на првите пакети, влегуваме во третиот пакет. Третиот пакет во основа се состои од три групи: субвенции за потрошувачка и социјален пакет, поддршка на економијата и поддршка на земјоделството. На добрата страна неколку работи, пакетот го промовира премиерот Оливер Спасовски, што ја поправи грешката на партиска промоција на претходните пакети, направени се консултации со засегнати страни и има одлука дека ќе се поддржат невработените. Незадоволство на комори, синдикати, и покрај консултациите, секогаш ќе има, бидејќи ресурсите се ограничени, а потребите се големи и различни.

На помалку добрата страна, пакетот иако е како да го направила ВМРО-ДПМНЕ (платежни картички, купувајте македонски производи, летувајте во Македонија), има многу малку мерки, а многу трикови и пакетот е ненавремен и недоволен, бидејќи најголемиот дел мерки се среднорочни и развојни, пакетот е неспроведлив и политички и технички, а во делови и јавно-здравствено и фискално ризичен.

Зошто пакетот е недоволен? Најголемиот дел мерки, и тоа особено вториот и третиот дел, се среднорочни мерки во три години, кои се дел од развојното планирање, веќе планирани проекти на Фондот за иновации, Агенцијата за вработување и Министерството за земјоделство. Една мерка во земјоделството е 70 проценти од вкупниот трет пакет од 355 милиони евра – мерката за окрупнување на земјоделски површини е 250 милиони евра во три години. Класичен трик на вклучување среднорочни проекти во итен пакет.

Одлична илустрација за мерка што ја таргетира кризата, но е недоволна и ненавремена е мерката во земјоделството за дестилат од вишоците за вино. Поради неработењето на угостителство има голем глобален пад на потрошувачката на вино и вишоци во винарниците. Само во Македонија има непродадени меѓу 40 и 70 милиони литри во резерва, што ја прави бербата од 2020 година целосно неизвесна. Едно од решенијата е вишокот на помалку квалитетно вино да се дестилира во алкохол, кој би бил откупен за стоковни резерви или употребен за производи за дезинфекција.

Мерката предвидува во три години износ од 3,5 милиони евра, а ќе почне да се спроведува од септември. И недоволно и ненавремено, бидејќи вишоците се многу поголеми, а спроведувањето во септември е предоцна, бидејќи бербата ќе биде при крај, а танковите во винарниците нема да бидат испразнети и нема да можат да прифатат нови количества. Нема да има ниту извоз на винско грозје кај соседите, бидејќи и таму има вишоци вино.
А за угостителството, кое е клучно како дистрибутивен канал за многу сектори, како за винарниците, нема предвидено мерки.

Пакетот е политички неспроведлив, бидејќи кога и да има избори летово, не ќе може да се спроведе пред избори, а по избори веројатно ќе треба да се свика Собранието и формира Влада. Технички, спроведливоста е под знак прашалник, бидејќи е предвидена платежна картичка, а и купувањето македонски производи е можно само ако во фискалните сметки тие се одвоени, што ќе бара репрограмирање на инвентарите и фискалните. Мерката за викенд без ДДВ е јавно-здравствено и фискално ризична.

И на крајот за контрадикторните политички пораки. Нина Ангеловска, министерка за финансии, правда намалување на платите во јавната администрација, поради неработење и немање каде да се потрошат парите!? Доколку е точно дека мал дел од администрацијата е преработена, а 80 проценти од администрацијата не работи, тоа не може да биде одговорност на администрацијата туку на лошо раководење од директори и министри. Зошто за лоши резултати од работа пред се одговорни тие што раководат. Ако е за неработење, законот предвидува исплата на плата за принуден одмор во случај на виша сила во износ од 50 проценти. Така што има законска мерка за сите тие што се на принуден одмор. Но тие што работат од дома, не може да бидат казнети.

Изјавата дека нема каде да ги потрошат е контрадикторна на целиот трет пакет, чија прва цела е зголемување на потрошувачката – како да се зголеми потрошувачка ако граѓаните нема каде да ги потрошат парите? И како ќе се зголеми потрошувачката со намалени плати на администрацијата? Има достапни мерки, и Владата не смее да ја казнува целата јавна администрација. А ако буџетот е празен, прво да се отпуштат тие што не одат на работа, па да бидат на принуден одмор тие што поради кризата не работат, па на крајот да им се намалат платите на сите, ама тогаш да се каже дека нема пари, а не дека нема кај да се потрошат! Многумина повеќе ќе ценат искрена комуникација, отколку пиар-трикови!

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #Covid-19 #Ковид-19 #SARS-CoV-2 #coronavirus #TooManyToFail