Тревопасни кравички

766

Првото мое „истражувачко новинарство“ се случи едно лето, кога работев како хонорарец на „Нова Македонија“, во скопската рубрика, која тогаш ја водеше Ѓоко Поповски (брат на поетот Анте Поповски). Ме прати да избројам колку капаци за шахти недостигаат по цела Илинденска…

Станавме папагали што повторуваат бесмислици: алогизми. О, неиздржливи тавтологии на суетата! Слушам, на ТВ, сѐ почесто: „специјален стручњак“ или „експерт-специјалист“. Па, зар стручњак/експерт не е специјалист за нешто? Или: „политички аналитичар“, што се претставува различно од „политиколог“. Тоа искрено ме збунува, зашто јас не правам разлика меѓу „политички аналитичар“ и „политиколог“: зар политикологот не е по дефиниција политички аналитичар, и зар политичкиот аналитичар не треба да биде политиколог, за да може да анализира? Како во мојата струка: не може да биде книжевен критичар ако не е теоретичар и обратно. Можеби сум необразован, па не разбирам, ама имам чувство дека почнавме, во суетната желба да се китиме со титули, да ги претставуваме ИСТИТЕ нешта како наводно различни. Нека ми објасни некој што значи (преземено од западниот политички вокабулар) да се биде по титула „висок претставник на ЕУ“ и по што тоа се разликува од титулата „специјален претставник“. Што е „посилно“: „висок“ или „специјален“ претставник? Тешко дека има разлика во тоа, погледнато од гледна точка на семантиката, како наука за значењата. Тие две титули се смислени и претставени како различни само за да можат двајца да земаат плата за иста работа. И да го плашат народот со својата специјалност.

Тавтологиите, како и бинарните опозиции (на пример опозицијата „подобен/неподобен“) се карактеристични за тоталитарни средини што сакаат да се претстават како демократски. Од реторичка гледна точка, пак, тие се само расипништво со зборови, зашто ако се каже „дрвено дрво“, се постапува неекономично и инфлаторно: се користи „збор вишок“ за она што самото во себе го содржи квалитетот што му е припишан. Како и секое расипништво, така и ова, зборовново („празнословие“, според Библијата), кое го користиме за титулирање и самотитулирање – се должи на некоја страст, најчесто на суета и самољубие. Мора многу да се сака оној што себеси ќе се нарече „специјален експерт“. Или (што во последно време сè почесто се слуша) – „истражувачки новинар“. Нека е и западна „направија“, тој израз, семантички-логички гледано, му одговара на изразот „метално железо“. Или: „тревопасна крава“. Замислете кога една крава би се титулирала како „тревопасна“, за да се разликува од „обичната крава“, која, се разбира, е исто така тревопасна: барем јас не сум слушнал за месојадни крави.

Прво, не може да постои „неистражувачко“ новинарство, зашто вистинското новинарство по дефиниција е истражување, потрага, дури и детективска професија. Имам впечаток дека денес има млади новинари што сакаат да станат славни пред да станат новинари. Нападни некоја голема риба и оцрни ја, и веднаш стануваш славен истражувач-журналист. Веројатно желбата им е со оваа самотитулација да се дистанцираат од своите колеги што „не се истражувачки“. Тоа значи дека чувствуваат дека добар дел од новинарите се спуштиле под нивото на професијата и почнале само да остваруваат улога на обични мегафони на некоја политичка групација. Затоа сакаат да истакнат дека тие самите истражуваат и се сомневаат во она што ќе го добијат како „теледиригирана“ информација од власта или од некој поединец од власта. Нема ништо лошо во таа желба, зашто денес навистина има сè повеќе трубачи на партиски идеи меѓу новинарите. Но, сакајќи да се дистанцираат од нив, прават една невешта тавтологија, слична на онаа „истражувачки научник“. И прават неправда: зар еден столб на македонското новинарство како што е Ерол Ризаов не е истражувачки новинар? Зар тој или еден Манчо Митевски ќе можеа да напишат аналитички, дијагностички, па дури и ПРОГНОСТИЧКИ колумни (и за среќа, да ги објават во книга) ако немаа зад себе собрана документација, од лични и јавни извори, ако немаа свој личен, новинарски, истражувачки архив? Не сум ги слушнал за себе да кажат дека се ИСТРАЖУВАЧКИ НОВИНАРИ, зашто истражувањето е суштината на поимот „новинарство“, барем за нивната генерација и „школа“. Имав ретка чест да почнам со новинарство уште како незавршен гимназијалец, во „Студентски збор“, и токму луѓето од таа генерација да ми бидат идоли, а некои од нив и учители. Првото мое „истражувачко новинарство“ се случи едно лето, кога работев како хонорарец на „Нова Македонија“, во скопската рубрика, која тогаш ја водеше Ѓоко Поповски (брат на поетот Анте Поповски).

Ме прати да избројам колку капаци за шахти недостигаат по цела Илинденска, зашто имаше многу поплаки од граѓани што се повредиле: некој ги крадеше капаците, но јас не можев да откријам кој. Ме утеши фактот што тоа си е работа на полицијата, а не на истражувачки новинар. Мојот истражувачки дел се заврши со просто броење и навестување дека станува збор за кражба. Не жалам што броев цел ден за вест од пет реда. Долг е патот од обичен новинар што знае да напише вест до коментатор или колумнист, камоли аналитичар. Денес тој пат е скратен: се скокаат цели етапи, и затоа сите се „аналитичари“ и „специјалисти“. За жал, денешното истражувачко новинарство главно се сведува на гуглање, без лични извори. Понатаму, бидејќи главно етикетира и суди наместо да сенчи и дава претпоставки, нужно се потпира на трачот и јавниот дискурс на озборувањето. Како што е познато, трачот и озборувањето се најпримитивни форми на црно-бело етикетирање на нештата, што е спротивно на еден реалистички, објективен пристап кон стварноста. Ништо не е целосно црно, како што и ништо не е целосно бело; кој верува во спротивното, по уметничко убедување е романтичар и мелодраматичар, а по идеолошко – тоталитарец.

Кога ги споменав кравите, како пример за тавтологија, да кажам дека истражував доста за нив, за да не се провлече некоја месојадна меѓу тревопасните! И сепак, најдов една, и тоа во анегдота за легендарниот балкански комедиограф Бранислав Нушиќ, кој, очигледно, знаел доста за кравите. Изнервиран од агресивноста на една госпоѓа, во една пригода, тој извикал „Краво една!“ Жената го дала на суд. Нушиќ морал да се извини и да плати глоба. Но пред да се извини, го прашал судијата: „Дали е кривично дело да се каже на една госпоѓа дека е крава?“ Судијата рекол: „Се разбира дека е“. Потоа Нушиќ прашал: „А дали е кривично дело на крава да ѝ се каже дека е госпоѓа?“ Судијата рекол „Се разбира дека не“. На тоа Нушиќ се свртел кон госпоѓата и рекол „Тогаш најдлабоко ви се извинувам госпоѓо“, ја платил глобата и, додека сите во судницата се кикотеле, си заминал. Денес не би поминал без тужба за говор на омраза. Зашто за тоталитарците и духовитоста е омраза. Толку.