Трамп е готов, да живее трампизмот

384

На овие избори не само што се мобилизираа упорните поддржувачи на Трамп туку се прошири гласачката база, на изненадување на демократите, меѓу жените, белите гласачи со факултет и латиногласачите во Флорида и во Рио Гранде државите

Во насушна потреба од бегство од коронавирусот и повторното разочарување од ЕУ-преговорите, многумина во земјата со зголемен интерес ги следеа изборите во САД и поради зголеменото внимание првпат стануваат свесни за комплексноста на американскиот изборен систем, одраз на комплексноста на американскиот политички систем.
За разликата меѓу популарното гласање и изборниот колеџ, стана јасно на претходните избори, кога Хилари Клинтон победи во популарното гласање или вкупниот број гласови, но Трамп победи во сојузните држави, кои му обезбедија мнозинство во изборниот колеџ, кој го сочинуваат електори еднакви на бројот на конгресмени плус сенатори од секоја држава. За да се разбере изборниот колеџ, кој постои од основањето на САД, треба да се знае дека тој е компромис помеѓу популарното гласање за претседател на САД и изборот во Конгресот, поради стравувањето дека помногубројните држави ќе доминираат во изборот наспроти помалобројните. Зошто ова стана актуелно во 2016 година? Затоа што се очекуваше победа на Хилари Клинтон и таа победи со речиси три милиони гласа повеќе, но не беше избрана за претседателка. И затоа што во постоењето на САД само петпати се случило победникот во популарното гласање да не победи на изборите, од кои двапати во овој век, во скорото минато 2016 година и 2000 година (Ал Гор против Буш), а другите биле во 19 век.

На овие избори дознавме дека изборите во САД не завршуваат со недели по изборниот ден. Нешто што е практика на сите избори досега, затоа што во некои држави како Алјаска таков е законот (десет дена се чекаат гласањата во отсуство) или затоа што имаат практика на бавно броење, како државите околу Големи Езера. Зошто првпат дознаваме за тоа? Поради тоа што тие држави и тие гласови станаа важни за одредување на победникот. Сите избори е истата ситуација, но овие избори беа тесни и оспорувани од Трамп, уште пред да се случат. Во САД победникот го прогласуваат медиумите, односно од нив ангажираните истражувачко-аналитичарски агенции. Така, според Фокс, во Аризона победник е Џо Бајден, а Си-ен-ен на 10 ноември и по 98 отсто пребројани гласови нема прогласено победник, затоа што Бајден води со 0,4 процентни поени. Калифорнија или Арканзас можеби ги бројат гласовите неколку дена, но разликата меѓу кандидатите е толку голема па се прогласени победниците уште на денот на изборите. На 10 ноември уште во десет држави не се доброени гласовите, но победник не е прогласен во четири држави каде што иако има еден или два проценти непреброени гласови, разликата меѓу Бајден и Трамп е многу мала.
Доколку сѐ уште се бројат гласови, зошто Трамп е готов? Да, Трамп прави очајни напори за оспорување на резултатите, но прашање е дали тоа се само маневри за преговарање на посттрумп-периодот, односно обезбедување амнестија за себе и семејството од можни многубројни обвиненија. И да, готов е затоа што републиканците дигаат или ќе дигнат раце од него.

Фокс ги прогласи изборите во Аризона за завршени, веќе најмалку пет републикански сенатори се спремни да ги потврдат резултатите. Високите функционери како Мајк Помпео, сѐ уште се лојални, но има низа оставки во Јавното обвинителство и во Пентагон. Ако републиканците го пуштат Трамп низ вода, зошто најавија собирање на 60 милиони долари за можните тужби за изборниот процес? Тие тужби не се наменети за спасување на Трамп, туку за консолидација на трампизмот.
Всушност, изборите во 2020 година се разочарување за демократите, а поттик на републиканците. Зошто? Сите прогнози беа дека Трамп нема да обезбеди победа, бидејќи имаше ниска доверба од четириесетина проценти, и затоа што анкетите укажуваа на солидно водство на Бајден. Но победата на Бајден е недоволно убедлива, а републиканците имаат шанса да го задржат водството во Сенатот, го намалија демократското мнозинство во Конгресот, и по овој мандат на Трамп ја потврдија доминацијата во Врховниот суд. На овие избори не само што се мобилизираа упорните поддржувачи на Трамп туку се прошири гласачката база, на изненадување на демократите, меѓу жените, белите гласачи со факултет и латиногласачите во Флорида и во Рио Гранде државите. Да, да, на перципираната поддршка од „ред нек“ или бели мажи без факултет, на работничката класа (Регановите демократи) и на „лутиот бел маж“ како што Трамп во 2016 година изјави, Трамп им се обрати токму на тие што ја донесоа неговата победа со „заборавените мажи и жени нема никогаш повеќе да бидат заборавени“, добиени се нови гласачи. И тоа со Трамп, кој има историја на злоупотреба и навредување жени и малцинства.

Доколку ги погледнете изборите, победата на демократите е базирана на малцинствата („обоените“) и жените. Републиканците победуваат во сите други демографски групи: мажи, бели, вклучувајќи и бели жени, и убедливо меѓу бели мажи. На пример, ако гласаат само бели мажи, демократите би победиле само во две држави на Западниот брег. Во 2024 година со засилена „антиестаблишмент“ реторика против Бајден, кој цел живот е сенатор, и чиј избор ќе се оспорува колку што може подолго да се одржи поларизацијата, а со кандидат што нема да биде Трамп и нема да биде толку иритирачки за малцинствата и жените, трампизмот веројатно ја трасира можната победа на републиканците во 2024 година.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek