Тито, Кинезите и ние Македонците

1940

Настани, симболи, алузии

Денес кога и државата и историчарите мијат раце од својата историја и од своето минато, вреди да се потсетиме на некои датуми и личности што оставиле забележителни траги меѓу македонскиот народ и Македонците. Во славните и просперитетни времиња на растењето и зреењето на мојата генерација, во поранешна Југославија, на 25 мај секоја година се одбележуваа два празника – едниот, роденденот на претседателот, другарот Тито, а другиот како умешно покритие на првиот, Денот на младоста. Јосип Броз воопшто не беше роден на тој датум, но спојувањето со Денот на младите го амортизираше фактот за идолатрискиот однос кон омилениот државен и партиски, комунистички водач, беше некаква добро смислена камуфлажа за култот на Титовата личност.

И сега, за да не се разбереме погрешно, особено со оние што бараат влакно во јајцето, ќе кажам дека поводот за овој текст не е ниту 25 мај, ниту за Тито во минатото како европски лидер, не е некој југоносталгичен ламент, туку е за Тито во иднината. Не за самиот Тито, туку за работи што се врзуваат за неговото име, што се случуваат токму сега и ќе се случуваат и во иднина. Не кај нас, се разбира, туку на друго место, во Хрватска.

Ако Тито е незаслужено подзаборавен или намерно бришен од македонската национална и политичка историја, како и од колективната народна меморија, тој не е заборавен од Кинезите. Токму така, од Кинезите. Една кинеска компанија под име „Зонгја недвижнини“ за околу 2 милиони евра го купи официјално од хрватската држава комплексот на бившата Политичка школа во Кумровец, родното место на Јосип Броз, распространет на 27 илјади квадратни метри. Пред Кинезите за комплексот наводно била заинтересирана самата Европска Унија, некои западни земји, а голем интерес покажувале и турски бизнисмени. За сите нив маршалот сѐ уште е интересен бренд, име и историја што може и натаму да привлекуваат внимание во светот.

Во портфолиото на компанијата што ќе го гради Титовиот центар стои дека опфаќа околу 20.000 (и со букви – дваесет илјади) фирми, банки, трговски центри, градежни и туристички компании во кои работат неколку милиони Кинези. Ако се знае дека зад секој потег и секоја голема инвестиција на кинеските компании во странство стои моќниот ЦК на Комунистичката партија, треба да се верува дека овој потфат не е само некакво оддолжување кон политиката на Тито и тогашното југословенско-кинеско пријателство, туку има и подлабока идеолошко-партиска подлога. Таа треба да покаже дека комунизмот не е сосема изумрен во Европа. Но и бизнис, се разбира, по кинескиот модел: ем комунизам како политички систем, ем капиталистички пари за негова поддршка.

Според договорот со хрватската влада, склучен пред дваесетина дена, сега запуштениот и руиниран објект, едно време и хотел со име „Загорје“ кинеската компанија има намера да го прави Титоленд, спомен-парк во чест на комунистичкиот југословенски лидер, модерен туристички, хотелски, конгресен, културен и забавен центар. Титовата родна куќа со познатиот споменик, сега музеј, ќе биде центарот на збиднувањата што ќе опфаќаат, меѓу другото, и нагласени моменти од Титовиот живот и дело. Според предвидувањата, очекуваат околу милион туристи годишно, бизнис што освен спомени и историја, ќе носи и обилни приходи. Дури и по четири децении од неговата смрт во Кумровец често може да се видат Титови следбеници и почитувачи од Словенија и од Босна и Херцеговина, а не се ретки и групни посети од многу градови од другите бившојугословенски републики и странци, чиј вкупен број годишно изнесува околу 50 илјади. Да повторам, сега Кумровец и спомен-домот на Тито ги посетуваат околу 50 илјади годишно, Кинезите планираат тој број да го зголемат до милион.

Од идеолошки аспект е најинтересна Титовата кумровечка политичка школа, а од градежено-архитектонски нејзината преубава зграда од околу 7 илјади квадратни метри, која со години зјае празна и речиси уништена. Била дадена во функција во 1981 и користена до 1990 година. Тој бил еден од најдобро опремените објекти во тогашната држава, со конгресни сали, амфитеатри, со 145 еднокреветни соби, со простории за разни намени, амбуланта, спортска сала, дури и со атомско засолниште. Политичката школа во Кумровец во тие години беше формирана за инстант образување и создавање потенцијални комунистички функционери, кои се оспособуваа за некои идни високи партиски и државни позиции. Таму беа испраќани надежни и подобни кадри од сите републики, а неретко имало и странци. Многумина од посетителите направија солидни кариери во комунизмот – социјализмот, но и подоцнежни кариери во своите независни републики по распадот на Југославија.

Кумровечката школа ја отшколуваа и стотици „перспективни“ младинци од Македонија, не само од Скопје, туку и од другите градови. Тие списоци сигурно ги има во архивата на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија, документи што се чуваат во Државниот архив на Северна Република Македонија. Историски гледано, помина многу краток период од тогашен Кумровец до сегашна Северна Македонија, време во кое никој не можеше да замисли дека е можен распад на големата држава, а уште помалку дека Македонија ќе го промени своето име. Од бившите македонски ученици најпознато е името на Ѓорге Иванов, досегашниот претседател на Република Македонија. Интересно е што денес некои од школниците се гордеат што ја посетувале школата, други се кријат и се срамат од неа.

Во досегашната, самостојна Република Македонија името и делото на Тито полека полека гаснеа, се покриваа со сенките на заборавот или доживуваа критики. Од Бугарите и од Грците, и порано и сега, на Тито му се припишува создавањето на Република Македонија и признавањето на посебноста на македонската нација, нарекувајќи ја „вештачка Титова творба“. Бугарите и Грците, немајќи цврсти историски документи за македонската национална борба, упорно го наметнуваат тој став, заборавајќи дека нивните високи политичари, своевремено, се тресеа од страв што ќе каже Тито. А тој, при секој говор посветен на македонското прашање повторуваше дека Македонците се самобитен народ, дека не се Срби, Бугари или Грци и дека самите се избориле за создавање сопствена држава.

Навистина е многу глупаво да се тврди дека Тито создал една нација што зреела со векови, како што е уште глупаво да се тврди дека Тито нема заслуги за создавање на државата и за подигнување и зацврстување на националната свест кај Македонците како посебен народ. И Броз не го направи тоа од некои сентиментални причини или лични симпатии, туку тој е оној што го осозна историскиот процес на градење на македонизмот и го призна континуитетот на борбата за самостојна држава на тој народ.
Не знам точно кога, која година, но сигурен сум дека Владата на Република Македонија и Собранието, имаат донесено одлука во Скопје да се подигне соодветен споменик на Тито. Таа одлука не е реализирана, неа ја покри големата сенка на Александар Македонски кому од ВМРО-ДПМНЕ му подигаа споменици во сите градови. И нив сега ќе ги следи судбината на Тито: или ќе бидат тргани од местата каде што се поставени или ќе ги фаќа прашината на заборавот. Значи и Александар немаше долга возобновена новомакедонска кариера. Така што државата, освен актуелните функционери што имаат третман на јунаци, нема свои херои и дејци од минатото што го спојуваат мнозинството. Со сета почит кон благородниот обид од Мајка Тереза да се направи македонски национален светец или деец, па дури и туристичка атракција, не дава плод, не фаќа место ниту во историјата ниту во колективната меморија.