Тиранија на моментот

494

Живееме во општество во кое со луда брзина сѐ си стои на место. Ова е парафраза на норвешкиот антрополог Томас Ериксен, автор на книгата „Тиранија на моментот“, а изгледа како да е парабола на нашата стварност, во која сѐ повеќе забрзуваме, а никако да се помрднеме. Секако, Ериксен не пишува за Македонија и нејзиниот лет во место, туку за феноменот на современото општество, кое непрестајно забрзува, во ритамот на капиталистичкото крешендо, натрупувајќи едновремено вишок од сѐ и сешто, од информации до производи, а на штета на слободното и забавено време, толку неопходни за зачувување на целовитоста на семејството, идентитетот и културната автентичност.

Технолошкиот развој, од индустриската револуција до денес (или последните двесте години), е време кога брзината станува модерна. А модерното располага со центрипетална сила, да привлече и зароби во својот вртеж. Наспроти сите очекувања и надежи, не само што е неопипливо заштеденото време како резултат на зголемената продуктивност на трудот, туку го имаме сѐ помалку, што дополнително ја забрзува трката по дополнително време. Мигот, единственото време што човек го живее, станува нешто апстрактно во бескрајната низа на временски отсечки, во кои мигот станал само подготовка на следниот, посветен на сé повеќе работи што треба да се завршат што поскоро.

А „кога времето станува искинато на доволно ситни парчиња, тоа престанува да постои.“ Со него и мигот. Целата понова историја на времето е историја на експоненцијално забрзување и трка, која се сведува во натрупување на повеќе од сѐ и сешто и во сѐ пократко време. За култот на економскиот раст имено, нужно е зголеменото производство, кое, пак, е можно само со зголемената потрошувачка, за која капиталот е незаситно „гладен“ и забрзано „војува“ на светскиот пазар, за секој дополнителен потрошувач, за секоја дополнителна парична единица и за секој негов слободен миг!

Еднодимензионалниот човек – потрошувач на Маркузе, е „најдобриот“ можен човек за капиталистичкиот поредок, од двете страни на производната лента, како неуморен произведувач и потрошувач во бескрајните редици на маркетите, како на подвижна фабричка лента. Капитализмот едноставно е вљубен во количеството и моментот – сѐ, овде и сега!

Но, каква е врската на македонското општество и тиранијата на моментот и (неодвоиво) инстант капитализмот? Безмалку, секаква.
Капитализмот и неговите попатни ефекти, како и штрковите, не ги (пре)познаваат националните граници кои со леснотија ги преминуваат. Или едноставно (и поточно), не им е грижа за нив. Капитализмот создава забрзано општество, а забрзаното општество создава забрзан човек, што пак е еднакво на збунет човек. Од екраните секојдневно не затрупуваат дождови од (неповрзани) информации од кои како од дрвја не можеме да ја видиме шумата. Вишокот информации ја намалуваат способноста да се воочи целината, всушност, со колку повеќе информации сме затрупани, толку ни е потешко да ја воочиме целината, а со неа и вистината.

Така и способноста на размислување (и критика) на сето постојно полека се убива во корист на способноста да се види и чуе, да се помириса, вкуси и допре – цела „оргија на сетилата што е слабо погодна за интелектуалност“, да парафразирам една мисла на светскиот истражувач на мирот и конфликтите, Јохан Галтунг (еден од потписниците на отвореното писмо, со кое многу реномирани професори, уметници и интелектуалци од светот се солидаризираа со критиката на спогодбата од Нивици и нејзината штетност за Македонија).

Проблемот не е во забрзувањето на она што е корисно да се направи побрзо, во чија предност уживаме како никогаш претходно во историјата. Но сѐ она што може да се забрза и да се направи побрзо го загрозува и она што може (но често и мора) да се направи забавено. Не можете да го прочитате Толстој или Достоевски набрзина. Ниту пак можете да прочитате песна набрзина, всушност, не можете да прочитате ниту хаику-песна набрзина. Големите дела бараат често големи години и бавна мисла (еден од водечките брендови на сетилното брендирање, „Кока-Кола“, во една од своите почетни кампањи (пред повеќе од сто години), ја носи токму рекламната порака за дејствувањето против „бавноста на мислата“, ете, колку ѝ е неопходна брзината на потрошувачката).

Не постои набрзина созреано вино, пиво или, пак, сирење. Уште помалку љубов. „Инстант“ љубовта подлежи на инаква категоризација, а инстант производот на инаква валоризација. Најпосле, не можете набрзина да напишете устав, ниту прекуноќ да го смените. Брзината само навидум ги поедноставува нештата. Од друга страна, сијамскиот брат на брзината е заборавот. Еден друг потписник на отвореното писмо, чешкиот писател Милан Кундера, ќе забележи дека степенот на брзина е правопропорционален со јачината на заборавот.

Македонија, на патот до ЕУ, наместо да врви по трнливиот пат (оној на внатрешната преобразба), е „влечена“ на крстопат да одбере меѓу него и патот каде што дува „демонот на брзината“ (да се послужам со синтагма на Кундера во еден инаков контекст) и брзиот заборав на сѐ она што таа како држава и народ претставува(ла), сугерирајќи го се разбира, вториот. Брзината има цел да ги поедностави нештата.
Кундера дава една инаква размисла за нашата епоха, која „го забрзува чекорот бидејќи… се чувствува уморна од себе; згадена од себе; сака да го дувне малото треперливо пламенче на помнењето“. Секако, ова е извадено од контекст, но можно ли е толку иронично да соодветствува на нашиот општествен контекст, поточно на оној што забрзано се сугерира, а најмногу од најмалку засегнатите страни?

Но одбројува времето за мојата колумна, (тиранијата на) моментот ме притиска да ја испорачам навреме. Секој од нас гледа во некаков бројчаник во текот на денот, неретко и во сонот. Од неодамна, пак, гледаме и во оној поставен на Триумфалната порта, која наводно го брои враќањето на „украдените народни пари“ во буџетот, односно кај народот. Овде се присетувам на прекрасните стихови на Јехуда Амихаи, кој вели: „…Како што времето не е во часовниците / така љубовта не е во телата – / тие само покажуваат љубов…“ Нешто ми вели дека и бројчаникот само покажува „враќање“ на украденото на народот, до некое ново „позајмување“ од народот. Нешто ми вели дека бројчаникот има уште една функција, да ја одврати бавната мисла од размислата за претстојниот референдум, но и од неуспехот на сите досегашни власти да го испорачаат ветеното и да почнат да чекорот по трнливиот пат, што еднаш, сепак, ќе мораме сами да го изодиме!

На крстопат сме сами да ги вградиме дефектите од спогодбата во Нивици, во Уставот. Се плашам дека тоа ќе нѐ урне во провалија од каде што никакво центрифугално забрзување не ќе нѐ извади.

Чешката пиварница „Бадвајзер Будвар“, производител на познатиот бренд „Бадвајзер“, е во долгогодишен спор со американскиот „Анхојзер Буш“, производител на истоимениот бренд (економски џин во споредба со првата и најголем производител на пиво во светот!) околу името на брендот „Бадвајзер“. И покрај сите напори на „џинот“, другата страна го задржува името на брендот на европска почва (американската пиварница го губи последниот спор во Европскиот суд за правда пред десетина години). „Бадвајзер Будвар“ и денес го произведува истоименото пиво „бавно“ и истото претставува национална гордост во Чешка. Се работи сепак, „само“ за пиво.
Уште една тиранија на моментот надвиснува над нас речиси од осамостојувањето, моментот на влезот во ЕУ и НАТО, тиранијата на „условен“ живот. Живеејќи за тој момент, времето на повеќе генерации се искина на ситни парчиња и се изгуби неповратно. Него не може да го изброи ниеден бројчаник на Триумфалната порта, ниту портата може да означува триумф кога под неа „маршираат“ поразени граѓани.
Ќе ја завршам колумната со цитат од Ериксен: „Тиранијата на моментот може да се победи само ако општеството воведе сопирачки како составен дел на својата структура“. Време за обмислување и преиспитување. Забавено време, сега! Триесетти септември е веќе (пре)доцна.

(Авторот е магистер по мир и развој и поет)