Тврдината Европа и Лезбос

1172

Би рекле, одличен термин за една згодна колумна по повод 8 Март. Но за мрчатор(к)и како мене, овој ден одамна изгубил секаква смисла – освен историска. Ни коронавирус ни апокалипсата нема да ги запре иницијативите за „дружење“ со/на колешките од разни институции, мини-екскурзиите, кавалерските гестови на (мажите) шефови/раководители, па ни оние патетични слики по училиштата што сведочат сѐ освен одбележување на денот посветен на женските права и еманципација. По социјалните мрежи се шири невкусна шега, според која оригинално било планирано Денот на жената да биде на 6 март, но откако заклучиле дека на жените им се потребни два дена за да се дотераат, одлуката паднала за 8 март. Какво подбивање за сите жени што животот го дале и даваат во битката за економска, социјална и политичка еманципација! И така, нешто повеќе од еден век подоцна, „празникот“ напредуваше така што 90 отсто од луѓето мислат дека тоа е празник на жената сфатена како сопруга, мајка, сестра, свекрва, колешка, баба, љубовница – но не како човечко суштество што сѐ уште е предмет на дискриминација и чија еманципација е доведена во прашање, меѓу другото, и поради „програмираното“ однесување (и) на другите жени. Во денешни услови, да славиш 8 Март значи дека си останала (доброволно?) нееманципирана и дека „паѓаш“ на евтини финти, цвеќенца и честитки (обично електронски генерирани), без самосвест за себеси и за положбата на жените во општеството. А борбата? Секој ден е борба…

Деновиве, додека најактуелни се вестите од турско-грчката граница (а додека стигнат овде веќе се надуени како балон пред распрснување, полн со гнев, гној и ксенофобија), на ум ми паѓаат Сафо и Урсула фон дер Лајен. Она што ги поврзува двете не е само полот туку повеќе локацијата – Лезбос! Не знам дали денешните деца воопшто учат за Сафо, позната како „десеттата муза“ и Поетесата (во време кога Хомер бил познат како Поетот) – со голема буква. Сафо е позната по својата прекрасна љубовна поезија и наводно „проблематичната“ сексуалност (но овде не е ни место ни време за расправа за она што го нарекуваат „Големото прашање за Сафо“), а Урсула е првата жена претседателка на Европската комисија во време кога за ЕУ (онаа што доби Нобелова награда за мир) се зборува како за Венера, поради нејзината (наводно „мека“ нормативна/вредносна моќ). Ако за Сафо можеме да зборуваме како за предвесник на женската еманципација, Урсула ја покажува другата крајност: на тоа како женската еманципација може да го изгуби своето значење во свет што е длабоко милитаризиран. А и целата медиумска „аура“ околу Лезбос е навистина тажна (иако некои мои грчки пријатели се толку критични кон политиката на нивната држава, што сметаат дека и локалните жители се одраз на општата националистичка и ксенофобна популација). Иако Нобеловата награда за мир одамна го изгуби своето значење (особено откако меѓу добитниците се појавија „чудни ѕверки“, а и меѓу номинираните – најновата вест е дека и НАТО е еден од нив за оваа година), вреди да се освежи сеќавањето дека жителите на Лезбос покажаа невидена човечност и солидарност за време на кризата од 2015 година со отворање на своите домови и срца за бегалците што стигнуваа не неговите брегови, поради што беа номинирани за Нобел. Нештата се сменија: Лезбос заборавен и од Атина, и од Брисел и од бога, приклештен во сиромаштија, а бегалскиот камп Мориа стана олицетворение на пеколот на земјата за околу 20.000 заробени очајници. На островот повеќе му прилега името Лимбо. Сцената што прикажа гневна толпа на која не ѝ се дозволува пристан на гумен чамец полн со жени и деца беше мачна за гледање, исто како и употребата на харпуни за одвраќање на чамците, погибијата на уште едно дете… Зрак надеж беше одговорот на локалните жители кон двајца неофашисти што дојдоа за да им „помогнат“ да се справат со бегалците: ги истепаа и избркаа од островот!

Но да не се залажуваме, Фон дер Лејден ја пофали Грција нарекувајќи ја „штит“, и посегна по ќесето пари како помош на земјата. Тоа е како кога богати и немарни родители им даваат на децата џепарлак само да им се тргнат од пред очите и да си уживаат во својот мир. Впрочем, така постапува и со Турција веќе четири години… Геополитичката игра на Ердоган дури и не беше тешко да се предвиди, но ЕУ не само што е повторно неподготвена за она што беше темпирана бомба и поле на очај во вид на кампови туку сега отворено ги милитаризира своите граници. Тврдината Европа е стара фраза, само што јазовите околу тврдината сега се подлабоки и во водата пливаат „крокодили“ со свастики на кожата или во умот. Почнувајќи од Грција, па и Бугарија, па до „Австро-Унгарија“, се создава гето – засега сѐ уште во апстрактна форма, но доволно е да се видат паниката во Брисел и растечката ксенофобија, за да се сфати дека нова „воена краина“ е во настанување. Наместо да го упристојат Орбан, тие се орбанизираа – и покрај боцкавата жица, сега на невооружени луѓе користат и гумени куршуми, забранети со меѓународното право. Се „вадат“ дека мораат така да постапат поради притисокот што доаѓа од нивната внатрешна опозиција, која е крајно десничарска и неонацистичка. Фактите зборуваат дека Грција и Бугарија, па ако затреба и ние ќе се вброиме во оние што ќе бидат фалени поради употреба на сила со полиција и војска за да се запрат бегалските бранови. Да биде иронијата поголема, комесар за ресорот „промовирање на европскиот начин на живот“ е Грк! И Грција го брани со сила пред која сите го вртат погледот на другата страна, па и ја фалат.
Можеби експертите и „експертите“ се веќе накострешени и подготвени да ми делат лекции за нелегалната миграција, за разликите во правниот статус и заштита на бегалците и мигрантите, за тоа дека овие вториве доаѓале од Авганистан и Супсахарска Африка итн. Искрено, воопшто не ми е грижа! Меѓународното право е мртво (покој на душата), вклучувајќи ги и Даблинската и другите европски конвенции; некако лицемерно е да се повикувате на него само тогаш кога ќе ви чукнат на врата оние за уништувањето на чии домови и земји сте виновни вие (т.е. Западот). Второ, и сиромаштијата е насилство, еднакво како и војната. Зошто би ги делеле тие што бегаат од глад, болести, банди и силувања од оние што бегаат од бомби? Затоа што САД потпиша договор за капитулација со талибанците и сега сѐ е во ред со најсиромашната земја на светот (уште во далечната 2001 година, кога ја нападнаа спротивно на меѓународното право)? И Ирак бил безбеден? И Иран врз кој применуваат нехумани санкции поради кои не може да се справи со вирусот? Вие би седеле во таква земја?

Па, младите ни бегаат и од земјата за која велат дека „блеска“! Некој ја турнал главата в песок толку длабоко и упорно што кога му излегла гледа во сопствениот задник! Да имаа малку ум балканските вождови, од ЕУ или без ЕУ, ќе се координираа меѓу себе, ќе создадеа заедничка процедура и стратегија – и ќе ги пропуштеа мигрантите кон север и запад. Но вазали (кон германскиот капитал, главно) какви што се, тие се поподготвени да си докупат жица, пендреци и гумени куршуми, па и шатори ако треба.

Минатата недела, за време на предавањата, сосема случајно сфатив дека студентите од втора година не го знаат значењето на зборот ксенофобија (од старогрчки ксенос – странец и фобос – страв). Се разбира, кај добар дел од младите, ама и повозрасните ксенофобијата, веќе се всадила во главата. Медиумите помагаат во ширење сензационалистички и панични вести за наводна „инвазија“, а локални „комесари за чување на нашиот начин на живот“ се регрутираат дури и со пораки од ТВ-екраните!

Сите во одбрана и заштита! Народни милиции, спонтани групи, сето тоа се „крокодилите“ во јазовите пред Тврдината Европа. И вие ми зборувате за почеток на преговори и за влез во ЕУ? Маркон беше преплашен од Албанците во октомври, и не го криеше тоа, но сега ќе му се допаднат со „новата методологија“, со која ќе им даде задача да му го чуваат Париз од наезда на несакани луѓе. Балканот (западен или инаков) повторно како да ја дoбива улогата на „чувар на портите на христијанството“ (Antemurale Christianitatis), бранители на Европа од инвазијата на иноверците – и што е најстрашно, мнозина се гордеат со тоа. Можеби една од најсоодветните констатации што сум ги чула деновиве гласи: во контекст на политичкиот пристап, сѐ помала е разликата меѓу еден бегалец и коронавирусот: се преземаат мерки да се држат што подалеку и нѐ советуваат да си ги миеме рацете. Останува уште да се измисли сапунот со кој би се измила таквата срамота.“ Европа би платила некој друг да ја врши валканата работа, а за жал кандидати има многу.