Таблоидизација на јавниот дискурс

193

Медиумите се процес и алатки што технолошки и содржински се условени од т.н. дневна ажурност, но истовремено и од степенот и нивото на општествено-историскиот контекст, глобалниот подем и економскиот развој.
Либерализацијата на овој важен и деликатен дел на општествената стварност кај нас не беше резултат на осмислена медиумска политика, туку повеќе на хаотично развивање на медиумската дејност.
Во практиката ова значеше не само недостиг од цврсти изградени критериуми за влез на сериозни и професионални конкуренти на пазарот туку и препуштање на медиумскиот бизнис на моќници и други поединци што поради различни мотиви имаа амбиција само да станат сопственици на медиуми и да ги користат медиумите за влијание, интерес, даночни и ини малверзации. Погледнато од правен аспект, можеме кратко да констатираме дека е востановено и имаме добро, прецизно и консеквентно медиумско законодавство. Но, од друга страна, конфузна медиумска сцена, полоша од кога било. Многу од големиот број законски подобрувања не се применуваат во практика, најчесто пред сѐ поради немање политичка волја.
Новото законодавство создаде претпоставки и овозможи два клучни лоста. Најпрвин се озакони излегување на државата од медиумите, а втората важна претпоставка е т.н. проектно финансирање на медиумите во јавниот интерес, дејноста што се толкува и практикува на најразлични начини и сѐ уште никако да заживее во целост.

Преголемата конкуренција на пазарот, наместо нови вредности, влијаеше врз континуираното опаѓање на квалитетот и жанровската разновидност на програмата што ја емитуваат концесионерите: „Многу радиодифузери и финансиски и политички го злоупотребуваат медиумскиот простор и непречено и неконтролирано увезуваат и емитуваат големи количества странска програма, неадекватни содржини, од турбофолк, порнографија, до говор на омраза…“
Првпат усвоивме каталог на јавните интереси, во кој секако спаѓаат објективно и непристрасно информирање, потикнување на духот на толеранција, развиток на демократијата во општеството и почитување на човечките права. Првпат имаме и закон за јавниот медиумски сервис, што е придобивка сама по себе, но и понатаму останува дилемата колку програмите, особено информативниот сектор, на националните концесионери одговараат на идејата на јавен медиумски сервис
Во турбулентна и медиумски конфузна сфера, често истакнати новинари ја преземаат функцијата на институциите. И наместо да следат, анализираат и информираат објективно, ја заменија професијата со пропаганда. Обвинуваат, судат, пресудуваат и осудуваат по кратка постапка. Слободно ем демократски. По евроатлантски и белосветски стандарди. Многу врвни професионални пера и лица во потрага по повеќе пари се помамија и разотидоа. Многу од нив запловија во политички води и вирови и одново ја одбраа улогата на општествено-политички работници. Со тоа прашањето за смислата за местото и улогата на дејноста дополнително се закомплицира, поради што тешко може да се дојде до адекватен одговор и логичен заклучок.
Интерактивните онлајн платформи ги наметнаа навиките информативните содржини да се преплетуваат во комуникација со другите луѓе. Коментирањето, споделувањето, критикувањето, исмејувањето, тролањето, лајкањето, блокирањето, подучувањето, извртувањето, стануваат норма при (или по) информирањето.
Следствено, процесот на создавање на јавното мислење сега е децентрализиран и дифузиран, така што освен традиционалните масовни медиуми, сега во креирањето на јавното мислење се вклучуваат разни нови форми и платформи на електронска и мобилна комуникација, интернетот, социјалните мрежи и сл.

Сето тоа резултира со своевидна таблоидизација на јавниот дискурс, при што медиумите што произведуваат сериозни содржини стануваат излишни и непотребни. Јавниот дијалог во општеството замира, на цена и значење се оние субјекти што спинуваат и манипулираат. Нема вистинска расправа, ниту дебата, туку расправања без крај, навреди, подметнувања. Но медиумите не можат да бидат подобри од општеството, во кое долг период имаме силна матица на негативен јавен дискурс, зад кој стојат сили што својата положба ја темелат токму на таквиот дискурс и не сакаат да го менуваат.
На многу „медиумски дејци“ застанати на работ и загледани во бездната на сопствениот редукционизам и материјализам не им останува многу простор за пронаоѓање адекватни одговори за прашање за смислата. Како последици од долготрајната политичка криза и натегања, голем дел од општеството е девастиран, а во него и медиумите, кои се на работ на пропаста. Но медиумите не се фабрика, туку само алат и ако не постои желба тие да се поинакви, тие тоа нема ни да бидат. Во фаза се на летаргија, која е дел од светскиот тренд.

Ако во минатото знаевме дека таму негде во светот функционираат некои подобри правила, тоа денес не е така. Духот на импровизации, спинови, манипулации и политички волунтаризам е уште еден чекор во стрмоглавиот од надолу во медиумската сфера. Таблоидизацијата зема замав и е засилена и во светските центри.
Но, за волја на вистината, не е ништо поинаку и во белиот свет. Вербалната војна меѓу медиумските џинови Си-ен-ен и Русија денес, која произлезе од кризата во Украина, Сирија, Египет, Либија…, сѐ уште еден доказ дека демократските проповеди од големиот Запад и белиот свет се само обична пропаганда. На нивната слика дека западните и другите медиуми се суперсовршени веќе речиси никој не се воодушевува. Луѓето јасно согледуваат во кој свет живеат.