Сѐ е исто само се разликуваат потписниците

1621

Финансиската поддршка на Македонското за земјоделство последните пет години се движи околу 6,2 милијарди денари. Поделени се мислењата кај стручната јавност дека земјоделството не остварува соодветни резултати на оваа релативно висока поддршка, а како причина се наведува лоша аграрна политика. Денешната власт до вчера силно го напаѓаше трошењето за средствата за директна поддршка на земјоделството особено во однос на структурата и висината на средствата.

Интересно е дека висината на финансиските средства е зголемена во 2018 година во однос на 2017 година за 92,6 милиони денари (1,5 милион евра) и со нешто понеповолна структура на планирање средства, што не е во согласност со популистичките ветувања на денешната гарнитура на власта. Лошата и неповолна структура на годишните финансиски средства за поддршка на земјоделството почна уште во 2016 година, кога се влошија последните три години. Додека претходните две години (од последните пет) во 2014 и во 2015 над 82 отсто од годишната сума на поддршка се планирани за директна поддршка (на растителни и сточарски производи), во 2016 се планирани 47,6 проценти, во 2017 – 52,0 проценти и во 2018 година – 41,8 проценти. Притоа се применува системот за директна поддршка да се исплаќа во три години, односно под 50 отсто (во 2018 год. – 53,2 отсто) се планирани средства, „Заостанати обврски од програмите за финансиска поддршка во земјоделството од претходни години“ – 3.301 милијарди денари. Во програматаa не се предвидени средства за исплата во 2019 година, меѓутоа во главата 15 од програмата се планира за 22 броја „подмерки“ рокот за исплата да биде во 2019 година.

Покрај аномалијата, земјоделците за тековното производство да добиваат средства во три години и дел од тие средства наменети за поддршка на земјоделството да се исплаќаат за обесштетување како резултат на штета во земјоделството што е должност на осигурителни компании односно други средства, а не да се намалува поддршката на земјоделството. Оваа практика почна во 2016 година, кога за „помош на загуби од природни непогоди“ во 2015 година се одлеале 100 милиони денари плус 70 милиони денари за учество во осигурителни полиси. Во 2017 година за помош на загуби од невреме во 2016 година исто така се пренаменети истите суми, додека за 2018 година се планирани 200 милиони денари за штети во 2016 и 2017 година, плус 70 милиони денари за учество во осигурителни полиси. Ваквата практика покажува драстично опаѓање на бројот на земјоделци што го осигуруваат производството, бидејќи штетите ги санира Агенцијата за поддршка на земјоделството и рурален развој, по налог на извршната власт.

Дека денешната власт не внесува никакви промени во однос на политиките во земјоделството не е само иста висина на обемот и структурата на планираните средства за спроведување на аграрната политика туку и мерките се исти или некои полоши, како на пример: за растително производство во 2018 година се планирани 500 милиони денари помалку во однос на 2017 година, и наместо да ги зголеми планираните средства за сточарство (кое покажува повеќе години трендови на стагнација), средствата за сточарство исто така се намалени од 1,181 милијарда денари на 1,100 милијарда денари. Дека програмата за 2018 година е препишана од истата за во 2017 година, покажува употребата на нестручен израз „земјоделска обработлива површина“ што укажува на незнаење дека обработливата површина е дел од земјоделската, како што се и ливадите, лозјата итн.

Што се однесува до подмерките во растително производство, тие се по околу 20 на број (во двете програми), но е истоветна и подмерката со која во земја што не може да обезбеди доволно лебно жито и добиточна храна се стимулира со државни средства да се пренаменат површините под жита во површини за овошни и лозови насади, како и градинарски култури. Ваква ориентација е апсолутно погрешна, бидејќи во споредба со производството на жита, овоштарството има хиперпродукција на некои видови овошје (јаболка) со отежната реализација, грозјето во овие услови на земјоделците претставува проблем со исплатите, а градинарските култури (зеленчук) често остануваат на нива. Ваква штетна преориентација на асортиманот со помош на државни средства се прави кога во Македонија со тие пак и со повеќе средства треба да се стимулира ангажирање овошни и лозови насади на необработени ораници, кои се движат од 130 до 140 илјади ха.

Покрај оваа неразбирлива подмерка во растителното производство е направена сериозна разлика помеѓу нашето и европското земјоделство, кога покрај директната поддршка на поединечно производство по површина, претходната влада воведе дополнителна поддршка по килограм предадено производство со што се попречува слободното формирање на цените, се прелеваат средствата од Програмата за земјоделското производство кај прехранбената индустрија, а притоа земјоделците немаат полза, бидејќи секојпат откупувачите ја намалуваат откупната цена за износите на средства што земјоделецот ги добива по единица производство.

Истото тоа се однесува и кај подмерката во сточарството за предадено млеко. Не е јасно зошто во подмерките за растителното производство директно се поддржуваат производи што веќе ги нема на нашите ниви, како што се шеќерната репка, и памук или ги има на сосема ограничени површини, потоа. Зошто се поддржува производство на хмељ, леќа, кикиритки што нема економско значење, нема количества за статистичко регистрирање. Чудно е зошто дополнително се поддржува со финансиски средства производството на афион, зошто дополнително се поддржува производство на ориз, кое на производителите им создава проблем кај реализацијата. Треба да се стимулира промена на оризиштата во овошни насади, во интензивно производство на добиточна храна, бидејќи во глобални рамки оризиштата треба да се ограничуваат. Еден хектар под ориз троши 15 до 20 пати повеќе вода отколку еден хектар интензивен овоштарник. Македонија има само 0,23 ха обработлива површина по жител и увоз на храна за 633 милиони долари годишно, а поддржува на нивите да се одгледуваат шумски садници и шумски дрвја (пауловина, пинус, тука и др.) – апсолутно неразумно ако не се однесува на подигање необработени ораници.

Кај поддршката во сточарството не е јасно какво економско значење има одгледувањето ноеви, полжави, биволи и овчарски кучиња. И покрај релативно малите финансиски средства за поддршка на сточарството дел од истите тие се трошат за апсолутно неважни производства.
Интересно е како новата власт без никаква анализа за досегашниот систем на поддршка на земјоделството, а кој сериозно го напаѓаше, го прифати комплетно со голем број недостатоци и нерационално трошење на средства, и покрај тоа што има сериозни негативни трендови во развој на земјоделството и што генерално концептот отстапува од концептот на ЕУ за директна поддршка на земјоделското производство по единица капацитет.
Значи, содржините на програмите за 2017 и за 2018 година се исти, само што ги потпишале, со одобрение на Владата, различни функционери – Никола Тодоровски, како заменик-претседател на Владата и Зоран Заев, како претседател на Владата.

(Авторот е професор во пензија на Земјоделскиот факултет во Скопје)