Сѐ е исто, само него го нема

1366

Во корупцискиот скандал има вмешаност на политика, бизнис, правосудство, најмалку специјалното јавно обвинителство, медиуми, новинарски бардови, сите елементи на „заробена држава“, а само него, Никола Груевски, го нема

Барајќи зборови за опис на актуелната политичка и општествена состојба, поврзана со корупцискиот скандал, низ мислите ми помина „сѐ е исто, само него го нема“. Во корупцискиот скандал има вмешаност на политика, бизнис, правосудство, најмалку специјалното јавно обвинителство, медиуми, новинарски бардови, сите елементи на „заробена држава“, а само него, Никола Груевски, го нема. И да, имињата на институциите, медиумите, актерите не се истите како од негово време, но улогите се истите. Со проверка на тезата и повеќе анализа, може да се заклучи дека во одредена мера ова е преостра теза, бидејќи Македонија не е авторитарна држава, но, од друга страна, може и да е премека, бидејќи се случува колапс на битни институции.

На крајот на 2017 година во „Меѓу ’опортунистичка’ и ’реформска’ држава“ коментирав стратегија за земјава на владина институција на Швајцарија, која прогнозира дека Македонија ќе се развива како „опортунистичка“ држава, меѓу опциите за „авторитарна“ држава и „реформска“ држава. Меѓу другите работи, „опортунистичка“ држава подразбира реформски процес воден однадвор (меѓународна заедница, ЕУ), што во политиката би значело ексклузивна коалициска влада, очекувања за партиска лојалност, додека во институциите ќе се задржи неформална контрола на Собранието и судството, ќе има површни, но не и суштински реформи и зголемена бирократија. Во економијата ќе се задржи државното влијание, а ќе се промовираат одредени реформи. Ќе има ограничена слобода на изразување, со некои независни медиуми. Сегашната состојба одговара на овој опис. И да, ова е подобро од „авторитарна“ држава, ама е многу под очекувањата за „реформска“ држава со вистинско, автентично, реформско движење.

Оцената можеби е премека, бидејќи повторно на површина испливува хибридната, полуавторитарна политичка култура, кога се очекуваа спротивни трендови. Оцената е премека, бидејќи се случува колапс на битни институции. Прво, се случува колапс на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Ова е многу потешко за нашето општество, бидејќи СЈО требаше да биде проверка и баланс на сваровски-судството. Надежта вградена во СЈО резултира со двојна поголема доверба во СЈО отколку во јавното обвинителство. И за многу краток период надежта заглави во отсуство на резултати и сомнежи за голем корупциски скандал. Лекот за сваровски-судството се претвори во отров за владеење на правото.

Случајот откри затајување на еден куп други институции, со откривањето на начинот на работа на Меѓународниот сојуз. Конкретно, договорот на Меѓународниот сојуз со ГП „Пелистер“, каде што сојузот ќе издејствува одредени работи од државни институции, во повеќе нормални држави би се сметал најмалку за случај на недозволено лобирање или корупција. А пак трансферот преку авторска агенција на физичко лице, во најмал случај би се третирал како перење пари или затајување на данок. Трансфер на таков износ на пари како авторски или консултантски услуги ги вклучил црвените светилки во многу државни институции за борба против перење пари и затајување данок. Единствена причина зошто немало и сѐ уште нема никаква акција од нивна страна, на пример финансиска контрола во ГП „Пелистер“, е најверојатно поради партизираноста на овие институции.

Во еден момент ме понесе и мислата дека во колапс се и медиумите како „чувари“, но тоа е неосновано, бидејќи случајот е откриен од страна на медиуми. Тоа што е во колапс е значајна група на новинари, новинарски бардови, кои својот авторитет и кредибилитет ги потрошија во овој корупциски скандал. Некои од нив бидејќи работеа за 1ТВ, а други затоа што потпишуваат класични ПР-текстови во одбрана на СЈО и Владата, како да се нивни. Тие што работеа за 1ТВ можеби не знаеле за корупциското однесување на сопственикот на 1ТВ, но и тоа ги доведува во прашање нивните истражувачки капацитети. Но, секако, знаеле за исплатите на плати и хонорари во готовина, што е спротивно на законите. Се чини, овој скандал е крај на еден медиумски период од независноста досега, во кој носечки новинарски имиња изгореа. Новите новинарски ѕвезди се наѕираат, и има надеж дека медиумите можат да ја исполнат својата улога на проверки.

Донекаде жално дејствуваат и граѓанското општество и многуте организации и платформи за борба против корупција. Некако затекнати, дезориентирани. И да, не се очекуваат акции за линч, бидејќи судството е тоа што суди, мора да се очекува реакција за начинот на работа на Меѓународниот сојуз. Нереагирањето на тоа само ќе ја продлабочи јавната перцепција за граѓанското општество како перач на пари.
Затоа овој корупциски скандал не е обичен скандал, туку на испит е целиот систем за борба против корупцијата, судството, како и медиумите и граѓанското општество. Нерешавањето на овој случај ќе ја турне Македонија во колапс на довербата во државата и институциите.

***

Само што го завршив написот, пред праќање за објавување, ја прочитав веста за приведување на Катица Јанева. Единствен можен чекор за излегување од целосен колапс.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mk @sklek