Сто дена што ќе треба да се преживеат

365

Следејќи го изборот на Владата, има моменти на кои човек може да се насмее или, можеби, да заплаче. Со „топ-шоп“ влада и „дормео“ опозиција, власта и опозицијата го прават вообичаеното забавно шоу на досетливости, а не како да сме среде најжестока криза, по независноста и грчкото ембарго. Не само ние, целиот свет веројатно е во најголемата здравствена и економска криза од седумдесеттите години од минатиот век. Германија, на пример, ќе има економски пад поголем од тој во финансиската криза од 2008 година, пад што нема да биде надоместен со растот во 2021 година, односно ќе се постигне претпандемиското ниво дури во 2022 година. И власта и опозицијата како да не ги разбираат или доживуваат шоковите, и здравствени и економски, што ги донесе корона-пандемијата, за што коментирав во „Село гори баба се чешла“.

Дополнително, како да не разбираат дека короната го забрза крајот на еден политички модел, генерално патрон-клиентелистички модел. Жестоката криза ги исцрпува можностите за задолжување за финансирање на неспособниот клиентелизам или го забрза грчкото сценарио во Македонија! Македонија го удвои задолжувањето, генерално за непродуктивни работи, а не за капитални инвестиции, на пример во енергетиката, но понатамошно задолжување е неизвесно поради глобалната рецесија.
Има два слоја на неразбирање или игнорирање на промените што се случија во Македонија оваа 2020 година. Првото, дека има општо разочарување од правење политика како вообичаено, што резултира во лоши резултати на изборите и за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ, и значаен подем на протестно гласање со влезот на Левица во парламентот. Второто, дека здравствената и економската криза се најголеми кризи по грчкото ембарго во 1990-тите.

И можеби во заднината – ЕУ-интеграциите како да ги губат привлечноста и мотивирањето. И поради општата разочараност и поради кризата, дискусиите дали оваа Влада ќе трае четири години поради тесното парламентарно мнозинство се далечни, прашањето е како да се преживеат следните 100 дена! И власта и опозицијата мораат да реагираат соодветно. Кои се клучните предизвици?
За власта трите клучни предизвици се: економијата, образованието и здравството. Во сенка на кризата се владеењето на правото и јавната администрација, кои ќе испливаат или не на површината, во зависност како ќе бидат првите три прашања. И, секако, прашањето кој ќе го плати сето тоа – финансии.
Економијата се соочува со криза што расте и се продлабочува. Ефектите на претходните економски пакети, како ваучерите и субвенциите за плати, имаа краткотраен ефект и голем е предизвикот како понатаму. Дали ќе се поддржи вработеност или невработеност? Како да се поддржат најпогодените сектори, како угостителство, и поврзаните со нив? Како сето тоа да се финансира? Фатмир Битиќи, новиот заменик-премиер за економија, ќе има огромен предизвик, во кој ќе му помогне неговото искуство со стопанските комори, граѓанското општество и со ЕУ-фондови.

Првиот голем тест веќе се одвива – кризата во лозарството и винарството поради големите резерви на вино од претходната берба. Дополнителен предизвик ќе биде усогласувањето со министерствата за економија и финансии, кои ги водат кадри на ДУИ.
Образованието, односно начинот на одвивање на наставата во услови на пандемија, целосно ги подели граѓаните на два табора за директна настава и онлајн настава, и таа поделба не е по партиски линии. Тоа што поделбата е на други интереси, а не партиски, значи дека ова прашање не ќе може да се управува со вообичаените ПР-стратегии за топ-шоп и дормео, туку засегнатите граѓани ќе очекуваат аргументи и дела! Мила Царовска е млада амбициозна политичарка, со потекло во граѓанското општество и искуство во социјални иновации, но таа нема да има ниту 100 дена, ќе има од 30 до шеесет дена, да се покаже или да изгори. Ако научила нешто откако изгоре како техничка вицепремиерка за економија во услови на корона-криза, ќе ѝ помогне да ги преброди овие критични денови.

Во здравството, главниот предизвик ќе биде можен есенски раст на короната, но уште повеќе ќе биде третманот на другите болни, кои се одлагаа неколку месеци, но не трпат повеќе одлагање. Значи, ќе треба и капацитет за корона и за редовни третмани. Венко Филипче во ова влегува со релативно голема доверба од граѓаните и веројатно ќе има поголем кредит.
Притворот во охридскиот случај и рушењето на дивоградбата кај „Мавровка“, приоритетот и начинот на кој се справува власта, ќе бидат првите тестови за владеењето на правото. Јавната администрација може да стане приоритет овие 100 дена само ако има буџетски дефицит, инаку веројатно ќе дојде на ред во 2021 година. И за сето ова треба финансии, и можеби е добро што тоа го раководи Фатмир Бесими, со своето искуство во економија и Народна банка.
Долга листа за СДСМ и власта, но има што може и ВМРО-ДПМНЕ да направи. Најавите за протести од септември се грешка! Сега ВМРО-ДПМНЕ треба да нуди решенија, а не протести. И да нема основен политички ферплеј за 100 дена влада без критика, грешка ќе биде да се предизвика политичка криза во услови кога има здравствена и економска криза. На Македонија не ѝ треба тоа. Ќе има време за политички предизвици, ете локалните избори се следната, 2021 година.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #Ковид-19 #TooManyToFail