Стоење пред великата порта

584

„Од не знам, не видех и не чујах, нема поарно“. Ова е еднo од малкуте напатствија за употреба на она што се нарекува живот што сум ги добил од мојата баба, Ана Гајдарова, родена Божијанова. Таа имаше само љубов за нас и за живот во нас. Немаше совети. Но имаше идеи за тоа како се живее животот. Животот во страв, во подаништво и во слугување. Така преживеале. Од кукушки бежанци за животот – во струмички бегалци од животот.
Што е ова сега? Зошто го правам ова? Зошто пишувам колумни? Зошто едноставно не си молчам? Зошто не си ја гледам мојата работа, како што најчесто ме советуваат и други луѓе со чесна намера? И најголем дел од нив се добронамерни кон мене, тие навистина ме почитуваат. Да си ја гледам мојата работа!? Добро, што е мојата работа? Сигурно дека нема што да се мистифицира тука? Знам што работам, тоа секако. Иако не можам самиот да определам како работам и дали таа работа е добра или лоша, успешна или неуспешна, возвишена или ниска, корисна или некорисна за некој друг, но на почетокот и на крајот од сѐ за самиот мене и за моите најблиски. Секако, има луѓе што ќе ги определат тие вредности на еден, а други пак на друг начин. Тоа така си било, така е и така ќе биде. Но што работам јас? Некои ми велат дека ова не е мојата работа, туку работа на политиката. Дека мојата работа е уметноста. Дали политиката е работа на уметноста? Дали политиката е работа на филмот, на театарот и на телевизијата, на пример?
Ова прашање не е реторичко и не се однесува на мојата професија, не само на неа, туку на мене како човек, барем во оној дел што сѐ уште може да се нарече човечки. И не е ова прашање од денес. Многупати сум кажувал, а и пишувал за таа состојба на сомнежи во себеси и во смислата на тоа што се прави, воопшто, а го запишал Григор Прличев во неговата „Автобиографија“, кога живеел во прогонство во Солун.

Нема како да не ја разбереме духовната состојба и на Крсте Мисирков со најреторичкото прашање во историјата на постоењето на овој народ и на оваа земја: Шчо напраивме? И шчо треба да се праи за потака? Прво, секој од нас мора да си одговори на личното прашање: Шчо правам јас? Оти, извинете, ако не сте си одговориле на тоа прашање, тогаш тешко вам, тешко на тие околу вас и на светот во вас. Тешко нам. Затоа, да не му берам гајле на турскиот цар, си има тој велик везир одговорен за неговите гајлиња, јас до везирот. Ама кој е мојот везир? Каде е мојот везир? Имам ли јас везир? М? Што значи тоа да го бараш твојот везир? Што значи да имаш идеја за постоењето на твојот везир? Каква е потребата од тоа да имаш свој везир? И што е тоа везирство? Постоењето на везир е факт за постоењето на подаништво. Моето постоење наспроти постоењето на везирот означува мое служење нему. Зошто јас му служам некому? Дали јас ѝ служам на уметноста или на политиката, можеби? Да му се служи некому или на нешто, тоа робување ли е? Или срамота? Долна работа?!
Не знам, можеби ова се облици на човечки немир, на несигурност во своето постоење, во самиот себеси. Прличев тоа го сметал за лична слабост. Немам никакви дилеми во тоа. Тој прифатил дека немањето одговори на тие прашања е негов личен пораз пред оние на кои тој им ги поставувал прашањата. Дваесет години подоцна, откако се прашал шчо напраивме, Крсте Мисирков не само што ќе престане да се прашува туку и ќе се одрече од фактот дека некогаш воопшто се прашувал што и да е прашално во животот, а тоа прашање, пак, поврзано со одговорите што ги барале Македонија и Македонците го истерал од својата глава како да не постоеле ниту прашањето ниту одговорите што за првпат во нашата историја некој ги дал, и сите, ама сите до еден биле точни.
Сто и деветнаесет години подоцна, тие прашања сѐ уште се поставуваат, значи нема како да не се добри прашања. И повеќе од столетие тие одговори си се потврдуваат, значи нема како да не се точни. Го запознав неговиот правнук, Борис Мисирков, и само за тие прашања зборувавме, а и двајцата сме филмаџии, имаме за што друго да зборуваме, нели? Времето, драги мои, е најрелевантниот фактор што потврдува или одрекува дали некое прашање требало да се постави и дали одговорот на тоа прашање бил точен или не. Времето, драги мои, е сѐ. Времето, драги мои, е мојот везир, само времето, никој друг. Јас сум поданик на времето во кое живеам. Секако дека времето е нешто објективно, реално, нешто што постои како факт на кој сум потчинет, што повторно означува определен вид ропство, подаништво, слугување.
Режисерот Владо Цветановски со сета негова комплексно кревка природа определи дека режијата и режисерот се слуги на настанот. Им го кажувам ова на моите студенти како идеја за тоа што е нашата професија и што во суштина работиме ние. Ние им слугуваме на настаните од нашиот живот. Вим Вендерс во неговата книга „Логика на лицата“ тврди дека не постои неполитички филм на овој свет.

Дека сите филмови се политички. А најмногу оние што не се. Настаните омеѓени во политичкото време се општата форма на човечкото живеење што ние го познаваме и нарекуваме цивилизација. Од Перикле, преку Аврелиј, па до Бизмарк. Воопшто, учествувањето на тие настани од животот е исто така избор, состојба на одлука дали ќе се учествува во настаните на времето и како ќе се учествува. Човечкиот живот како дел од општото време и општите настани на овој свет, на овој космос, на оваа идеја за постоењето е приредба во форма на забава, веселба, крштевка, свршувачка, свадба и погребение. И секој од нас има определена слободна волја да избере, доколку му е дадено да избере на кој настан ќе учествува и како што. Изборот е слободен и неограничен. Може да изберете да учествувате на погреб и дури да изберете да бидете мртовецот на тој настан. Но има милијарди луѓе на оваа планета што немаат право на избор, и јас жалам за нив и нивната состојба и во најголема мера моето учество на настаните од животот им е посветено на оние што немаат право на избор. Јас сум нивниот самоизбор, доколку самоизберат да ме изберат, секако. Но ги сожалувам тие што имаат право и можат да изберат, а не учествуваат во најголемиот настан на времето – животот. Каква трагедија. Иако и ова е релативна работа, затоа што изборот да не живееш е исто така избор на слободниот човек и јас го почитувам тоа. Немам ништо против тие што решиле да не бидат дел од настанот на животот.
Драги мои, јас сум уметник и мојот настан е мојот живот, а вие што сте избрале да бидете учесници и творци на настаните, вас, драги мои, ве имам за единствената смисла да се учествува во тој настан. Без вас, без оние што ме прашувате зошто го правам ова, и потоа го вреднувате, определувате, го споделувате како исправно и неисправно, како горе или долу, како лево или десно, како добро и лошо, како убаво и грдо, како корисно и некорисно, како возвишено и ниско, вам, драги мои, ви го должам моето подаништво. Јас сум вашиот слуга, а вие моите везири. Веќе споменатиот Вим Вендерс исто така тврди дека оние филмови што раскажуваат за оние што го живеат животот изолирано во својот живот, без интерес да учествуваат во општиот, во заедничкиот живот, и воопшто не им е гајле за животот надвор од нивниот живот, се најполитичките филмови на светот. Неговите филмови, како што знаете, главно се приказни за луѓе што патуваат некаде. Тој во неговите филмови зборува за патувањето низ животот. Еден од нив дури и до „Крајот на светот“.

Овој, наш ориентален дел од Виа Егнација, патот до султанот, води преку портите на везирите, нема како тоа да не сме го разбрале досега, по сѐ што видовме на овие настани од нашиот живот. За да се стигне до честитиот цар, кој ќе ги даде одговорите на сите ваши прашања, треба да се помине преку везирите, од помалите, па до великиот везир. Има ли смисла да се прави тоа? Не знам. Но ако сте тргнале кон честитиот цар и сте во потрага по одговорот, што на крајот од ова патување кон смислата на животот го има само тој, тогаш големите и малите, ниските и високите порти на везирите се неминовност што треба да се премине. Ама како? Не знам. Е тоа, не знам. Затоа ви го пишувам ова. За стравот од преминувањето од една во друга порта на животот. Стојам денеска пред една висока порта, на еден велик везир и се мислам што да направам. Да продолжам понатаму или да се враќам назад? Ова е тој момент, драги мои, кога треба да се извика, малку поинаку од Ефто во „Лет во место“: „Да му е.ам мамата на великиот везир и сета царска порта!“. Или, пак, не? Во секој случај, ете сум, пред портата. Шчо да правам сега? А некако, не ми се стои тукутака. А и не ми се враќа назад.
Баба ми Ана Гајдарова, родена Божијанова, определуваше уште едно правило за животот во строј. „Доброволно ни по мокрене да не се јавуваш. Стој си у редо. Ако ти са мокре, мокри у редо. Шо сакаш прај, само не изљеви ут редо“. Ми се чини доцна и за ова, јас сум одамна излезен од редот. Доброволно.

Авторот е режисер и универзитетски професор