Средната класа на споредна траса

564

Во програмата на Социјалдемократскиот сојуз за изборите во 2016 година, како една од главните задачи на партијата, доколку дојде на власт, ќе биде мисијата за враќање на средната класа во македонското општество. Не само како економска туку и како политичка категорија, чие учество ќе се чувствува во одредувањето не само на генералната туку и на практичната политика на управувањето со државата. Водечките луѓе на партијата ги убедуваа граѓаните дека решавањето на економските и на социјалните проблеми се главните потреби на граѓаните и затоа ќе се посветат, повеќе од досега, на намалување на сиромаштијата и подобрување на стандардот на секој поединец.
Накратко: решавањето на економските и социјалните проблеми и вклучувањето на што поголем дел од граѓаните во носењето одлуки ќе биде една од нејзините главни задачи. Иако во неколку наврати таквите ветувања, од една или друга влада претрпуваа хаварија, сепак тоа остана неодминлив потпор во изборниот ангажман, посебно нагласен по 11-годишното непримерно владеење на ВМРО-ДПМНЕ со Никола Груевски на чело. Впрочем, врз таквите искуства СДСМ ја градеше својата стратегија за враќање и „освојување“ на средната класа, кога веќе ВМРО-ДПМНЕ им ги имаше земено работничката класа и селанството, како и администрацијата, своевремено главна база и носечки темели за функционирање на југословенскиот комунизам и социјализам.
Тој дел од програмата на партијата што беше објаснет на поголем број страници го водеше професорот Драган Тевдовски, кој година пред тоа ја доби наградата за најдобар научник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во областа на општествените науки, а на анкета на порталот „Факултети.мк“ беше избран за еден од наинспиративните професори во Македонија. Со таа економска програма на овој стручњак по математика и статистика, СДСМ победи со тесна разлика, Тевдовски стана и министер за финансии во Владата на Зоран Заев. Министеруваше две години, предлагаше суштински економски реформи и даноци што одеа во прилог на посиромашните граѓани, но ја загуби битката со политичките и финансиски ајкули како што се Заев, Кочо Анѓушев, Радмила Шеќеринска и други партиски и непартиски клиентелистички моќни сили, кои никако не припаѓаат на средната класа, уште помалку на сиромашната.

Со заминувањето на Тевдовски, буџетските пари на граѓаните ја загубија нужната контрола, без него како да угасна и енергијата за значењето, поставеноста и моќта на средната класа. Македонија се соочи со други проблеми, дојде пандемијата на ковид-19, се постигнаа договори со Грција и со Бугарија, кои наместо да ги решат односите меѓу земјите, тие уште повеќе ги усложнија, средната класа остана на маргините, чмае во пожолтените страници на заборавената програма.
Според дел од социологијата, едно општество може да постигне политичка и економска стабилност кога има најмалку од 20 до 25 отсто припадници на средната класа. Доколку го нема тој процент, односно доколку таа класа остане без својата економска и политичка моќ, тешко се одвиваат посакуваните промени, особено што тоа истовремено значи губење на основните вредности и визии за рамноправност, човеково достоинство и социјалната кохезија, елементи потребни на секое општество. Средната класа не е само бројка, не е само пари, туку и колективен менталитет што врши контрола врз власта и го чува општеството од екстремни појави и одлуки. Со нејзиното намалување се губат и вредностите на образованието, културата, спортот и преостанатите општествени дејности.
Најновите сознанија, особено по здравствената хаварија со ковид-19, покажуваат дека средната општествена класа, заедно со економијата, е во светска криза. Освен во некои од земјите на Јужна Америка и на Азија, насекаде бележи пад, назадување кон сиромаштија, општо бедно положение и песимистичко расположение. Така е речиси во сите поранешни републики на Југославија, така е во сите источни земји што поминаа во транзиција, а сега се членки на ЕУ. Јазот меѓу богатите и сиромасите станува сѐ поголем, средниот слој од социјализмот од минатите децении, ближи кон социјала во новиот ретросоцијалистички неокапитализам, општествен систем во кој се обликува Македонија.

Сѐ повидливо е дека никаква улога, ниту политичка, ниту економска, не играат класите, што би било услов за здрав и издржлив државен поредок. Во долгата транзиција местото на класите го зазедоа партиите што ги одредуваат општествените насоки и процеси, политичкиот и економскиот статус на поединецот, а со тоа и неговиот стандард, секако. Овие триесет години од независноста, без разлика кој беше на власт, низ разните реформи и трансформации, се истопи средната класа. На сметка на тоа се направи, а сега уште позасилено се прави, нова поделба на капиталот, која обезбедува услови богатите да стануваат побогати, сиромашните уште посиромашни. Секоја од партиите, кога е на власт, со злоупотреба на државни пари, преку тендери, договори, спогодби, анекси и други форми на криминал, си создава своја бизнис-заедница, своја олигархија, своја мафија и своја стража за чување на сопствената мафија и стекнатиот капитал. Приватното и личното добро го узурпира општото добро, интересите на поединците добија предност пред интересите на мнозинството. Како и многу други елементи на државноста, средната класа е ставена на друга, споредна траса.
Прашањето за општествената позиција на класите е старо две и пол илјади години и околу него се кршат копја во разни општества и политички системи, дури и во најдобрите. Од каде потекнува таа старост? Во трагедијата „Прибеглички“ („Жените што молат“), напишана од Гркот Еврипид околу 421 година пред нашата ера, преку краток монолог главниот јунак Тезеј, идеалниот митолошки крал на Атина, кога ја оценувал ситуацијата во полисот, ја дефинирал улогата на класите со следнава категоризација: „Има три класи на граѓани. Едните се богаташи, од нив нема корист, тие вечно тежнеат да го зголемуваат своето богатство. Другите се сиромаси, лишени од средства потребни за опстанок: тие се опасни поради својата завидливост и што осилото го насочуваат кон богатите, поведувајќи се по лажните ветувања на лошите водачи. Од трите класи спасот на државата е само во средната класа, која го чува востановениот државен поредок“.

Големите комсоцијалистички филозофи Карл Маркс и Фридрих Енгелс во средината на 19 век, во Комунистичкиот манифест, нивно главно заедничко дело, напишаа дека целата светска историја, освен во првобитната заедница, е историја на класните борби. Тврдењето на Маркс, кого мојата генерација го учеше, ама ретко кој суштински го разбираше, беше дека класната борба неминовно води кон диктатура на пролетаријатот и дека тоа е само преодна фаза кон укинување на сите класи и воспоставување бескласно општество, најнапред преку укинување на приватната сопственост. Марксистичкото учење се покажа како утопија, но еден заклучок на Маркс остана непобитен за сите времиња и сите системи. Во тој заклучок се вели: Покрај природната нееднаквост на луѓето при раѓање, во светот постојат само две различни, вечно спротивставени класи – класата експлоататори и класата експлоатирани. Така било, така останало.

[email protected]