„Со крстот на чело“ е лоша тетоважа

1656

Чесноста е демоде. Да се краде, мами, упикува… тоа е доблест, затоа што така правеа и претходните. „Со крстот на чело“ е лоша тетоважа. Има уште многу да се научи на тие социјални мрежи. Како бескрајната вообразеност на просечноста. Гордоста на моќта. Радост за туѓата несреќа. Исмевање туѓи грешки, неволји и животни падови. И озборување на сето тоа како јаготка на шлагот

Стварно не знам зошто толкава врева за децата. Платформи, обвинувања, сеир, нервози. Секој секого го прогласува за неспособен. Секој кажува што требало да се направи. Дури и оние што немаат деца. Ете, ваквите како мене. Тогаш, зошто и јас да не кажам неколку збора? Онака, баеги умни и корисни. А-ха, околу децава, почетокот на учебната година, платформата и сè што оди со тоа, како што би рекол Холден Колфилд.Каков сега Холден Колфилд? Таков, млад, малку луд, сака да лови низ ’ржта. За него нема да научите на училиште. Ниту за неговиот крајно чуден и ексцентричен родител. Затоа јас имам еден, ај така да кажам, холденколфилдски предлог. Ама зошто воопшто децата да одат на училиште? Зошто воопшто да има училиште? Зошто да се гњавиме со образование, учебници, часови, професори и слични глупости? Видел ли некој фајде од тоа образование? Напротив, реалноста ни дава сосема спротивни факти. Ајде да ги наброиме!

Ете, македонскиот јазик е само проблем. Со него не можеме во Европската Унија. Математиката дома и на пазар не е иста. Уште помалку е иста дома, на пазар и во училиште. Таму, во училиштето, математиката само го комплицира животот. Затоа што математички прецизно се знае дека во животот не ти требаат децимали ако си близок со власта. Патем, не треба да се учи математика за таа да се практикува. Доволно е да имаш празно множество во главата. Исчистено од бескорисни мечти, хумор, идеали. Во спротивно моќта може истата таа глава да ти ја направи дропка. Географијата се покажа како крајно апсурдна, глупа и бескорисна. Многу пологична е политичката реалност. Таа, географијата, сака само да го збуни прогресивниот евроатлантски настроен хомо сапиенс тврдејќи дека нелогично е да има држава Северна Македонија од Западен Балкан во Југоисточна Европа. Затоа географијата е глупа и непотребна. Со историјата одамна е сè јасно. Таа не ти ги плаќа сметките. Биологијата пак е политички некоректна. Најбезобразно тврди дека има само два пола. Машки и женски. И дека само тие два пола спојувајќи се може да родат живот. Звучи како биологијата и Црквата да се во коалиција. А ние секуларна држава. Значи биологијата е исто така бескорисна.
Или она… запознавање на природата и општеството. Каква само глупост! Што може децата да научат за природата и општеството во училиште? Само погрешни информации. Вистината за општеството ја има на телевизија, на интернет, по социјалните мрежи. А природата? Не треба да седиш во клупа за да научиш дека природата постои за да биде загадена. Или да се злоупотребува како тема кога си опозиција. А најмногу со неа да се манипулира на глобално ниво за да се вртат милијарди долари.

И така доаѓаме до уметноста. А-ха, уметност во училиштата. Книжевност, музичко, ликовно. Одвратно! Уметноста секогаш правела проблеми. Уметниците особено. Треба да има два типа уметници. Оние што ја воспеваат моќта и оние што им е забрането да творат и се во затвор. Затоа што уметниците што не ѝ служат на моќта никако не можат да се во тек со политичката реалност и коректност. И потоа политичарите треба да се потат над учебници и да исфрлаат реченици и стихови од забегани уметници. Грозно, нели? За ликовно и музичко не ми се ни пишува. Затоа, најдобро е да се укинат образованието и училиштата.
Па како ќе учат децата?
Ех, како ќе учат… Тука се нивните родители. Политиката. Телевизијата. Интернетот. Социјалните мрежи. Улицата, секако. Малку ли е тоа? Па видете каков совршен свет имаме создадено околу себе. Планета на која може да ни позавиди секој просечен Марсовец. И сета таа блескава совршеност околу нас очигледно е продукт на отсуство на образование.

Ете, родителите ќе се грижат за домашното образование. За воспитувањето. За моралот на детето. Ќе го научат да ги поздравува постарите. Нормално, ако поддржуваат иста политичка опција како родителите. Тоа се едноставните лекции. Како оставање на ѓубрето во лифт или истурање недојадена манџа од балкон затоа што сите така прават. Но ќе има и многу покомплексни лекции. На пример, мора да му се всади на детето во глава дека материјализмот е врвен приоритет во животот. Личната удобност. Сопствениот задник. Духовноста е непрофитабилна. Таа создава идеали, идентитети, архетипови, а тие раѓаат непотребни проблеми. Духовитоста пак е политички некоректна, значи опасна по здравјето. Затоа во умот на детето треба да се вградат себичноста и злорадоста, наместо дегутантните карактеристики наречени сомилост и милосрдие. Детето мора да разбере дека кариерата е врвен приоритет. За таа цел лигавењето и полтронството се основни потребни доблести за успех. И секако, симболичните високи чизми од седум милји за газење преку трупови. Има уште многу лекции што родителите мора да ги научат своите деца, ама немам простор сите да ги наведам.
Интернетот и социјалните мрежи се исто така висококвалитативни образовни институции. Па каде ќе научи девојчето да тверка ако не на Тик-ток? Како момчето ќе знае сè за обложувачници и автомобили ако не дреме по цел на интернет? Како истите тие момчиња и девојчиња ќе сфатат дека убавиот изглед отвора железни врати ако не се висат на Инстаграм? Совршеното тело е пат до успех во кариерата. Скапиот автомобил е сигурна „љубов“ в постела. Брендираната гардероба носи почит, сеедно колку носиш во главата и во срцето. Чесноста е демоде. Да се краде, мами, упикува… тоа е доблест, затоа што така правеа и претходните. „Со крстот на чело“ е лоша тетоважа. Има уште многу да се научи на тие социјални мрежи. Како бескрајната вообразеност на просечноста. Гордоста на моќта. Радост за туѓата несреќа. Исмевање туѓи грешки, неволји и животни падови. И озборување на сето тоа како јаготка на шлагот.

По родителите и социјалните мрежи, тука се медиумите за да го зајакнат образованието кај младиот поединец. Па, така, многу бргу ќе научи дека не му треба Џорџ Орвел за да сфати дека војната е мир, а слободата ропство. Така ќе му стане сосема нормално да гледа војни меѓу две реклами. Ќе им се радува. Ќе се треска по воени алијанси, како ние непросветлените порано, по првата љубов. Терор, измачување, затвор за неистомисленикот ќе му дојде како десерт по вкусна крвава вечера. Меѓу две војни ќе научи дека ако нема двојни стандарди, нема да има ни правда. А таа, правдата, е слепа и најдобро е така да остане. Оти ако прогледа, ќе ја види сета вообразена и прогресивна глупост како владее со оваа планета.