Социјалдемократи за етнички лични карти!?

Македонските политичари знаат да изненадат, непријатно, со отсуство на каква било ориентација, и за идеологија и за приоритети? Кога сите граѓани очекуваат фокус на справување со ковид-19, како здравствено така и економски, постојано се случуваат дефокусирања, како укинување на историја во основното образование, македонски државјанства со сведоци, недела неработен ден и, еве, сега воведување графа за етничка припадност во личните карти. Не дека овие прашања не се важни и не треба да се расправаат, туку среде здравствена и економска криза, вниманието, расправата, фокусот треба да бидат како да излеземе од таа здравствена и економска криза! Или баш тоа овие странични расправи треба да го дефокусираат, да го оттргнат вниманието од тоа како се справуваме со здравствената и економската криза и, да потсетам на веќе заборавената, надворешнополитичка криза со Бугарија. За дефокусирање или не кога, веќе се поставени некои прашања, вреди да се одговорат, особено прашањето за графа за етничка припадност во личните карти.
Прашањето за графа за етничка припадност во личните карти, кое го отвори Беса, а јавно е поддржано од Владата на Зоран Заев и СДСМ, е прашање што ќе имаше логика да го отвори крајно десничарска партија или барем десница како ВМРО-ДПМНЕ, ама социјалдемократи за етнички лични карти е целосно без насока, вредности, принципи, идеологија. Упс, всушност етничката припадност во Европа се бележи генерално во наследниците на марксистите-ленинисти, како на пример во државите од бившиот СССР. Додека во западната либерална практика фокусот е на граѓанинот и нацијата ја сочинуваат граѓаните, комунистите воспоставија концепт на народи и народности, сега погрешно ословувани како нација и националност, и таа збрка сѐ уште е присутна.

Во Западна Европа, прашање за групна, етничка и религиска припадност, по векови етнички и верски војни, е ерес да се постави, не во лична карта, туку и на попис. Во наци Германија и пописите биле употребувани за обележување на еврејското потекло, оттука одбивноста во Западна Европа да се евидентираат групни идентитети во какви било форми. Само во Велика Британија, за попис, има прашање за припадност, и тоа повеќе во смисла на расна припадност, и во ниту една друга земја од Западна Европа.
Кои се аргументите за етничка лична карта? Од образложенијата произлегува дека етничка лична карта е дел од договор меѓу СДСМ и Беса за поддршка на постпреспанските уставни измени и за изборна коалиција. Главното образложение е дека Беса не се препознава во македонско/граѓанин на РС Македонија како опис на државјанство/граѓанство/националност. Ова е аргумент против унитарноста на земјата, бидејќи бара воспоставување групен идентитет – етнички, на кој граѓаните припаѓаат примарно, а потоа се здружуваат во државниот идентитет. Вториот аргумент е идентификација на граѓаните при вработување во етнички квоти, односно да се избегнеле злоупотреби кога на пример етнички Македонци се декларираат за етнички Албанци за да се вработат во државна администрација. Луѓе се декларираат како Бугари по потекло за да добијат пасош и работа во ЕУ, па тие што наумиле ќе ја сменат личната карта и ќе се вработат во рамковната квота.

Да, ќе сменат, бидејќи групната припадност е приватно прашање на секој човек и може да одлучи да ја смени. А за спречување на злоупотребата на рамковните вработувања не треба етничка лична карта, туку политичка насока на директорите поставени од Владата, каде што учествуваат Беса и СДСМ, како да постапуваат.
Кои се аргументите против етничка лична карта? Лични карти како средство за идентификација има во околу сто земји, од кои во околу дваесет земји има графа за групна припадност (расна, етничка, верска). Расната припадност е наведена во Малезија, Сингапур, Јужна Африка, етничката припадност во Русија и бившиот СССР, Кина, Виетнам, Етиопија, Кенија, Конго и Руанда, додека верска припадност има во Авганистан, Египет, Турција, а имаше и во Грција до 2000 година. Специјални лични карти или ознаки имаат Камбоџа за етнички Виетнамци, Индонезија за етнички Кинези, Иран за христијани итн. Употребата на различни јазици во текстот само во одредени лични карти на Македонија, Србија, Црна Гора и Словенија може да се смета како означување групна припадност. Само списокот на земји во кои има етнички или верски лични карти е доволно Македонија да не сака да биде во тоа друштво.
Личните карти се јавни документи, над кои носителот има многу ограничени права на приватност. Од информациите на личната карта, од овластено лице обично се бара да донесе одлука за тоа дали носителот на картичката е подобен за одредена активност. Кога информациите за групниот, етнички или верски, идентитет стануваат фактор во интеракцијата, тие информации ја менуваат перцепцијата на гледачот на личната карта. Во најмала рака, етничките лични карти, ако не ја создаваат, ја зајакнуваат зголемената свесност за разликите во групата и со тоа водат во деиндивидуализација (општествена поларизација), дехуманизација (институционална поларизација) и, не дај боже, демонизација (елиминациска поларизација).

Да се разбереме, етничките лични карти не значат дека Владата ќе се вклучи во масовно кршење на човековите права. Но етничките лични карти се олеснувачки фактор, што им овозможува на владите, локалните власти или недржавните чинители полесно да се вклучат во дискриминација врз основа на етничката припадност или религијата. Во екстремните случаи, личните карти не се предуслов за геноцид, но биле фактор за олеснување на извршувањето геноцид како во наци Германија, така и во Руанда.
Во Македонија, употребата на различни јазици на текстот во личните карти е на одреден начин ознака на групната припадност. Тоа ќе се засили со етничките лични карти, што ќе го засили етничкото профилирање, влијае на дефинирањето на етничката припадност, ќе ги ограничи можноста и правото на индивидуите кога и како да се самоидентификуваат, ќе влијае на меѓусебните интеракции и општественото дистанцирање. Нов поттик на поларизација на етничките Македонци и Албанци, но особено ќе влијае на мајоризација, притисок врз помалобројните етнички заедници. Дали Египќаните и Хрватите или, пак, Бугарите ќе имаат право на самоидентификација, или тоа ќе биде ограничено само на етничките групи наведени во Уставот? Дали Торбешите ќе мора да се изјаснат како етнички Македонци, Албанци или Турци? Како ќе се впишат Евреите? Дали Ромите во Тетово ќе бидат под притисок да се изјаснат за етнички Албанци, или тие на истокот за етнички Македонци? Како граѓаните ќе можат да ја сменат својата самоидентификација? Изгледа како отворање на Пандорината кутија!
Етничките лични карти, поради историјата, предизвикуваат меѓународна загриженост. Како одговор на Грузија за враќање на етничките лични карти, Советот на Европа во 1999 година изјавува дека задолжителното вклучување категорија етничка припадност на јавни документи може да ја наруши Европската рамковна конвенција на Советот на Европа од 1995 година за националните малцинства. Со силно охрабрување на ЕУ, во процес на стандардизација на личните карти за сите земји-членки, а наспроти огромното противење на Грчката православна црква, Грција во 2000 година ја избриша графата за верска припадност во личните карти.

Каде сака Македонија да припаѓа, во ЕУ и Европа, или на Истокот и Југот? Прашање на кое СДСМ и Беса, а и ВМРО-ДПМНЕ и сите треба да одговорат преку нивниот став за етнички лични карти. Европа и ЕУ не само декларативно, туку и вредносно! Или сето ова е само дефокус и театар за граѓаните?

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek