Сон, АРМАКЕДОН

3333

Ми вели пред некој ден мајсторот од овластен сервис за плинска плоча на кујнски шпорет: „Нема господине таква дизна, што да правам. Не можам да ти го поправам горилникот, ќе мораш цела нова плоча да си купиш!“ „Како бре мајсторе нема дизни?“ „Е па нема“ вели, „тие дизни ти се покојни одамна, не се произведуваат, стар модел се“. „Како бре мајсторе стар модел, велам, го платив ова чудо како да е крематориум а не шпорет, рекоа има делови“, му велам. Ама тој само „ц’цка“ со јазикот и додава: „Нема брат, ти велам. Кој како дојде на власт, накај друга држава се врти, и увозот на овие работи се менува – де Словенци, де Турци, де Германци, секои две-три години друг бренд станува хит“. И си заминува.

Каква стварност, таква колумна. Сон со пародични елементи. Ова што следува не е колумна, туку вистинит сон, а сонот, и кога е вистинит, не е кривично дело.
И ете ти беља истата ноќ. И – доказ дека Фројд ти бил во право за соништата и за нивната аналогија, симболичка кондензација и слични теоретски мудрувања. Ноќта, ти го сонувам јас Волт Дизни. Што би рекол Жерар Женет: во мојата глава, преку „паронимиска мотивација“, оние дизни на шпоретот ти станале – Волт Дизни. И го сонувам Дизни, како ми вели дека најнервозниот негов лик, Доналд Дак (на македонски – Пајо Паторот) му се одметнал, дека веќе не го слуша, и дека тој, како негов креатор многу погрешил што кога го цртал го направил лесно избувлив, со лесно препознатливото розово вцрвено лице кога нешто не му е по волја. И овој, Доналд Дак, до толку му се одметнал што му избегал од цртежите во неговото студио (сите места на кои бил нацртан останале празни, како некој да го одлепил, небаре самолеплива сликичка од албум), па не само тоа, туку онака ем дерт ем серт, уште и амбициозен, станал претседател на некоја голема држава.

Ама, што вели Кафка, бељата никогаш не оди сама, туку во пар. Кај Кафка секогаш двајца доаѓаат да приведат или иследат некого. Така и со мене – вечерта, што мајка барав да го гледам „Армагедон“ на Мајкл Беј, филм од 1998 г., со Брус Вилис во главната улога. Знаете: на светот му се заканува судир со некој астероид со големина на Тексас, па претседателот на САД го вика Брус Вилис, најпознат стручњак за дупчење земја и вадење нафта, да замине со експедиција во вселената. Брус треба да се качи на астероидот, да издупчи дупка и во неа да постави нуклеарна бомба со која ќе го разнесе тој голем камен и ќе го спаси човештвото од најголемата закана во неговата историја. Зашто, ако Брус не успее, ќе си поминеме како диносаурусите – изумрена раса.

И гледам јас, во сонот, ме вика мене Доналд Дак кај него во канцеларија, во претседателската вила на најсилното царство на светот, и ми се обраќа со „Брус“. Ми вели дека се појавила најголемата закана за човештвото во неговата историја, предисторија и археологија, ако не и предархеологија. И за иднината, вели нема поголема закана, не само за минатото. И за сегашноста, се разбира. Тоа ти бил некој астероид од кој човештвото ќе згине, а народите ќе исчезнат без трага и глас. Ми го покажува астероидот на слика снимена од телескоп подобар од „Хабл“, и што да видам – заканата има форма на мојата Македонија, а и со таа големина е. Доналд ми вели дека научниците пресметале дека таа ужасна опасност се намерачила на земја-членка на ЕУ, плус наследничка на античка култура: ќе падне среде Грција и ќе ја столчи.

Онака мала, помала од Грција, ќе ја срамни со земја! „Ама остај тоа“, ми вели Доналд, „многу ми е гајле што ќе падне понекој столб со јонски, дорски или еолски стил, си имаме ние наш Кип на слободата овде, туку ќе се крене толкава прашина што Сонцето веќе нема да изгрее, па ќе настрадаат и сите други култури и цивилизации“. И затоа, од мене, како познат правач на дупки во туѓи планови, Доналд бара да го столчам астероидот, како знам и умеам. Да се спасиме од армагедон, крајот на светот. Знам само дека, пред да се разбудам во пот, ми рече дека научниците го крстиле астероидот АРМАКЕДОН, затоа што личел на мојата Македонија. И знам дека уште ми рече дека доволно било астероидот да се расцепи на две, на половина, оти тие половини (пресметале научниците на САД), веќе нема да бидат цело, па според тоа и нема да бидат опасност за остатокот на човештвото. Ми рече уште дека последниот пат се спасиле од истиот астероид во 1913 година, и дека АРМАКЕДОН циклично се јавува како космички проблем. Тогаш го расцепиле на три дела: два дела неповратно исчезнале, ама сега и тој еден дел што останал цел – повторно орбитира и прави закани за светот. Па, ако може вели, уште него на два дела, и – крај на сите грижи; научниците се надеваат – веќе нема никогаш да се појави. Освен како безначајна мигративна, дијаспорична космичка прашина, со понекое ситно камче. И само што сакав да го прашам – како да го поделам АРМАКЕДОН на две, и кој ме овластил за тоа, се разбудив!

И сега, не знам што да правам! Знам дека сон си е сон и дека главно соништата не се остваруваат, туку дека се празноверие, ама некако многу страшно и сериозно изгледаше сето тоа. Дури некаде кон крајот на денот се смирив, зашто налетав, повторно случајно (постојат ли воопшто, боже, случајности?) на филмот за (возрасни) деца, „Maleficent“ („Господарка на злото“), работен според цртаниот филм „Трнорушка“ на Дизни, со Анџелина Џоли во улогата на злобницата. Па се смирив, зашто видов дека Холивуд веќе одамна мајката му ја плакала не само на Дизни, туку и на Ниче, „доразработувајќи“ ги и него и неговото постмодерно поколение, кое тврди дека не постојат стабилни идентитети. Мислам, Холивуд интензивно „позајмува“ од славни луѓе филозофии за дестабилизација, посебно за дестабилизација на идентитети. Откако Ниче го проблематизираше Бог (а со тоа и човекот) како морален идентитет на ДОБРОТО, се прошири лозата на постмодернистите што тврдат дека идентитетот е конструкција (Ентони Смит, Бенет Андерсон). Со таа опасна релативизација си игра (и прави пари) веќе со децении Холивуд, срцето на САД, и местото на натализација и на мојот Доналд Дак. Сега е во тренд да се снимаат „римејкови“ на филмови-сказни во кои негативците стануваат позитивци: на дело е СВЕТСКА РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА НЕГАТИВЦИТЕ, односно РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА ЗЛОТО. Злото се мотивира и му се бара алиби – така, и злобницата од „Господарката на злото“ е СТАНАТА лоша, не затоа што изворно е таква, туку затоа што ја повредиле до срж – други. Симпатиите на публиката се на нејзина страна. И ако е така, ако тие околу Доналд Дак си играат со она со што не смее да има игра (добро/зло), кој сум јас да им го берам гајлето?

Јас сум тука старомоден постмодернист: со сè, со секој идентитет можеме да си играме и да го деконструираме, ама со доброто и злото – не. Не сум до толку необразован за да не знам дека идентитетот не е еднозначен поим: тој истовремено постои на повеќе нивоа. Дури и сопственото јас се воспоставува како идентитет на повеќе нивоа, „па се состои од повеќестрани идентитети и улоги, од семејни, територијални, класни, верски, етнички, полови“ (Ентони Смит). Смит уште тврди дека секој таков идентитет се базира врз општествени класификации, кои се арбитрарни и се работа на договор, кои затоа можат и да се менуваат, па дури и да се укинат. Но само една класификација не може да се укине: разликувањето на доброто од злото. Не се исти тие две нешта, дури ни слични, за да се укине разликата. Така што, ако во филмот за Трнорушка дури ни вештерката не е претставена како инкарнација на злото, тогаш – што има јас да се грижам за злото што АРМАКЕДОН (и тоа уште на сон) може да му го нанесе на човештвото?

И – колку воопшто има вистина во тоа дека армагедон зависи од АРМАКЕДОН? Само криво ми е што не досонував, па да му кажев на Доналд – да ви се викаше астероидот ЕУтаназија или САДомазохизам, ќе плукнев и ќе го расцепев на две, три, четири. Ама вака, не можам. Сето она што го содржи фонетскиот блок МАКЕД, ме потсетува на нешто, сум заборавил на што. Можеби на мојата татковина. А за татковините и за нациите, дури и Ангела Меркел минатата седмица рече: „Можно е во исто време да си ги сакаш татковината и нацијата, и да бидеш Европеец“.