Сонот му помага на мозокот да се прочисти од штетните материи

284

Сонот претставува природна состојба за време на која се обновува снагата на телото и умот. За време на сонот се смалува свесноста, се инхибира сензорната активност, се намалува мускулната активност и која било интеракција со околината во која живееме. Сонот е сосема различен од состојбата на будност или од состојбите какви што се кома или слични смалени состојби на будност.

Сонот настапува во репетирачки периоди, при кои се издвојуваат две најбитни фази: РЕМ и не-РЕМ сон. РЕМ-сонот всушност претставува состојба на брзо движење на очните јаболкца, кое се случува при заспивањето, но има и други особености, како што е виртуелната парализа на целото тело. Најбитна карактеристика на спиењето е сонувањето (слики, случки), кое може да се прераскажува во наративна форма и, всушност, претставува некои сеќавања на актуелните доживувања. За време на спиењето, најголемиот дел од телесните системи е во анаболичка фаза, која помага да се возобноват имуниот, нервниот, скелетниот и мускулниот систем. Сето ова е неопходно за витално одржување на расположението, меморијата и когнитивната функција, а има огромна улога, особено за функциите на ендокриниот и одбранбениот систем.

Внатрешниот часовник, изграден за време на еволуцискиот процес, ни го одредува сменувањето на будноста и спиењето. Меѓутоа, постојат состојби кога нормалното спиење се нарушува. Така, несоница (инсомнија) е состојба кога не можеме да спиеме, хиперсомнија е кога премногу ни се спие, нарколепсија (ненадејно паѓање во сон во текот на денот) итн.

Мора да потсетам дека осветлувањето, како технолошко достигнување на цивилизацијата, многу го нарушува нормалното спиење. Уличните светла, рекламите, автомобилите што со вклучени фарови минуваат низ блиските улици, сето тоа влијае на нашето спиење.
Најновите истражувања на Бостонскиот универзитет сугерираат дека кога за време на ноќта спиеме, нешто чудесно се случува внатре во нашиот мозок. Имено, иако спиеме, нашите неврони ни тогаш не мируваат. Неколку секунди по заспивањето мозочниот крвен проток оди кон надворешноста на мозокот, а потоа течноста што се нарекува „цереброспинална“ протекува така што го чисти мозокот во ритмични пулсирачки бранови. Сѐ што ќе опишеме подолу се однесува за феномени што се регистрираат во не-РЕМ фазата од сонот.

Според најновата студија објавена во „Сајанс“ во октомври 2019 г., кога луѓето спијат, тогаш огромни бранови од цереброспиналната течност што го опкружува мозокот ритмично пливаат во и надвор од него. Истражувачите покажаа дека динамиката на цереброспиналната течност е поврзана со појава на бавните мозочни бранови на невронската активност, кои впрочем се карактеристични за длабок сон и соодветствуваат со осцилации во мозочниот крвен волумен. Овие наоди укажуваат дека цереброспиналната течност всушност го чисти мозокот од отпадни материи што се создаваат за време на метаболизмот.

Ова откритие е навистина возбудливо зашто ја поврзува невралната активност со крвниот проток и чистење на мозокот. Многу невронаучници досега мислеа дека овие две функции не се поврзани. И други научници што не учествувале во споменатата студија се согласуваат дека цереброспиналната течност му помага на мозокот да се исчисти од отпадоците. Ова се потврдува и во студиите што покажуваат дека сонот е многу битен за чистење на мозокот од токсични метаболни продукти. Ваквите тврдења се докажани со комбинирање на симултано електроенцефалографско снимање за мерење на мозочната активност и снимање на крвното ниво на кислород за време на снимањето означено како БОЛД/ фМРИ.

Познато е од претходни студии дека цереброспиналната течност пулсира заедно со дишењето, срцевиот ритам и други движења во телото, што повторно се потврдува и со овие понови студии. За време на спиењето се регистрирале огромни бранови на цереброспиналната течност во четвртата комора на мозокот, и тоа на секои 20 секунди. Освен тоа, бавните електрични бранови и соодветното зголемување на крвниот проток, кое следува неколку секунди подоцна, одат со смалување на крвната оксигенација и волумен и потоа бранување на цереброспиналната течност.
Ваквите наоди имаат голема импликација речиси кај сите невролошки заболувања. Можно е односот помеѓу циркулаторната динамика, невронската активност и цереброспиналната течност да се во игра особено кај невролошките болести какви што се мозочниот удар или Алцхајмеровата болест, каде што мозочниот крвоток има голема улога. Исто така, со ова се објаснува зошто настанува таложење на некои бета-протеински деривати, како што е познатиот тау-протеин кај Алцхајмеровата деменција.

Познато е дека електричната активност на мозокот се намалува со стареењето, но уште повеќе при невродегенеративни болести. Актуелно прашање на кое моментално работат научниците е да објаснат како се менуваат брановите на цереброспиналната течност во текот на животниот век. Уште едно прашање што бара одговор е: како васкуларната динамика и таа на цереброспиналната течност влијаат врз работата на невроните? Ако го чистат мозокот од токсични отпадоци на метаболизмот, можеби тие имаат и некоја друга досега непозната улога.

Сите наведени наоди се особено важни за луѓето кај кои има нарушување на сонот, како што се аутизмот или Алцхајмеровата деменција.
Според тоа, пораката на написов е дека е неопходно да си обезбедиме доволно часови на спиење за да се прочисти нашиот мозок од токсичните материи и да се ревитализира. Тоа, впрочем, се знае од искуството, но сега има и научен доказ зошто е тоа така. Ова особено важи за младите луѓе што практикуваат разни забави во тек на целата ноќ, за потоа утредента да бидат неспособни за следење настава или каква било работна активност.

(Авторката е педијатарка и психолог)