Создавање на човекот (1)

280

Записи во несоница

Материа прима. Најнапред глина за ателјето на големиот Скулптор. И ги создаде Тој, откако ги оддели водите од копното и копното од небото, Хего и Хеа од реброто негово, замислени уште пред создавањето на светот, онака како што беа замислени и првото лозје, вино и пијанство пред да ја подигне човекот првата крчма во ладот на есенската квечерина. Да, ама кога ги создаваше Хего и неа Создателот, наеднаш од неапица се разнесе страшен крик што отвори пукнатина во небесата, сè уште неприцврстени, од која испопаѓаа како отресено овошје ѕвездите наземи. Тоа крикаше творбата божја: „Боли!“. Ама Создателот во длабока екстаза не го слушаше тој болен крик маѓепсан од себеподобната творба, ама полна со болка уште со струјата на првиот здив на Светиот Дух што мина низ неа и што ја оживеа.

Потоа беа создадени и ангелите, кои ќе бидат отпорни на притисокот на небото и бескрајот што не го издржа крилото на птичјето јато, здробено сосе пурпурот на залезот низ кој ги префрли модрите ридје. Сè тоа, пак, е знак дека Бог превидел нешто, му се провлекла некоја фабричка грешка од која потоа е образувана формулата на ентропијата што се шири во бескрај со математичка прогресија. Па, така, макар и кога беа исфрлени надвор од Едем, Тој и Таа видоа дека, од почетокот создадени такви, ќе го носат товарот на грешката на Творецот што им се нарами ним. Ама видоа и дека не се осамени во неа, оти нејзините мутации како зараза се рашириле насекаде. Видоа дека и некои ангели се со глави на ѕверови што само ’ржат и скокаат од ѕвезда на ѕвезда, глодајќи ја како мрша вселената и зголемувајќи ја ентропијата.

Можеби, пак, само во каменот создаван во најжешка вулканска екстаза немаше никаква грешка. Каменот, најсветата есенција на Бог што се откина од небото и падна во низини и бездна, ама веднаш зачекори и повте да се искачува по стрмнините кон врвот на планината полн со огнот на Светиот Дух, а потоа како важен гласник отиде и на плоштадите на првите градови и ја подигна на пиедестал Убавината на човекот минлив облекувајќи ја со вечност. Да. Ама најрадосен беше тој кога врз него го влечеше од хаосот на смртта и го поставуваше Јунакот како метафизичка ружа со која се венчаваат поколенијата што идат од иднина во големото Цега.

Свет е каменот. Сегде и секаде. Свети се дури и камењата простум натрупани на грамада, до еден архијереј, исихасти во длабока молитва потонати. Да. Ама одвреме-навреме, увото божествено го знае тоа, тие грмнуваат и во химна што го слави сепостоењето. А некој од нив ќе зачекори и ќе се искачи и на амвонот во црква и, старозаветно строг, ќе држи проповед за прапочетокот и за сепостоењето, ама и за крајот, за последната секунда густо набиена со неколку сончеви ери, со силен есхатолошки акцент. Каменот полн со вечност низ која чекори во еден кревок миг и малата, полна со меланхолија, ќерка на кинескиот цар од династијата Минг, држејќи го, глеј чудо, подрака Тутанкамон така млад и убав а веќе, како и таа, во прегратките на смртта. И веќе е врз нивното убаво лице за да не се распадне тоа, страшно нагризено од молците на ентропијата, златната посмртна маска и веќе се порабени со жад, бесмртниот кинески камен. Така, и скарабејот во смртта што веќе ги прегрнала цврсто им ја отвора портата на новата пурпурна зора на вечноста во која тие, првородени, со боси стапки газат низ ливадите на митот, додека спокојно, не како невротичната река на Хераклит, тече Нил меѓу нивните споени во голем сончев бакнеж усни. А сè наоколу е царството на Заборавот, ама тие не се заборавени; тие се жетва, зрно за воденицата што тракоти везден и саноќ во постелата на љубовниците.

Камен до камен, светец до светец, црква до црква, ама, о ужас!, и тука напукнало светото и еден камен се одлепил од него и станал убиец. Каменот е тоа што го фрли Каин на Авел. И така пред идното човештво, сведок на трагедијата, беше на дело првиот мртовец, архимртовец, завиткан во чаршафот на раните и смртта и положен, ангел со столчени како Македонија крилја во првиот гроб. Прагробот отворен за идните поколенија на проколнатиот свет, иако зачнати со огнот на божествената страст во бакнежот на светите љубовници уште пред создавањето на светот, ама натоварени како магариња со огромната планина на првиот грев. И може и затоа, спознавајќи ја грешката на Отецот, Спасителот одбра, имено, да влезе во Ерусалим на плешките на магарицата со која го сподели она небесно: Осана! Осана!

Беше тој прв мртовец братот Каинов Авел, чија крв се искачи на небото и од таму го распростира својот невин крик посилен од крикот на Хирошима и Нагасаки. Да, ама како претходница на раната на Спасителот тој, трансцендентален, се преобрази во свадбена ружа, онака како што се престори во тоа многу подоцна по него и крвта на закланите витлеемски и македонски деца на Грамос и Вичо. И уште којзнае каде од ножот крвав на Иродот Европа.

Да. И сè нè враќа потоа на прапочетокот на Словото што потече како пловна река, како Тигар и Еуфрат, Нил и Ганг, ама и како малата струјна жица полна со небесен електрицитет на изворот над Негрево. И сè тече, а потоа се скаменува во знаци. Полни се со нив храмовите на Египет, Асировавилонија и на прастарите македонски гробници што ги обесвети Европа и бесрамно им ги предаде на балканските хиени. Знаци-хиероглифи начичкани со животински и вегетални симболи и знаци апстрактни, клинесто писмо со кое како со победоносен лавров венец се закити челото на Вавилон што го избра, како нов просветлен Набукодоносор, и Александар Македонски. А потоа тука е и глаголицата на пресветите Македонци, директно зачнати од Светиот Дух, Кирил и Методиј, писмото во кое патуваат соѕвездијата на Млечниот Пат, чувајќи го како стража во припратата на македонските цркви светиот распоред на нештата во вселената. Да. И само големото око на Ништото, што не е ништото на смртта, исконско и полно со она Пра што стои од другата страна на ентропијата, го посматра сето тоа и кимнува потврдно дека е така, дека и кога гаснат едни други ѕвезди се раѓаат и ништо не недостига, неизабен е од молците на ентропијата Светиот Бпој, интегралот на сепостоењето. Така е тоа и кога и крилото не само на птицата туку и на ангелот се распаѓа, и кога, создадено од прав, како што вели Стариот завет, сè во прав се враќа пак. И тоа е големото враќање за кое говори Ниче сведнат над изворот на индуистичките веди. Да. Распаднато е крилото на птичјето јато, ама писмото на неговите канџи и во храмовите на Египет го читаме. А тука е и писмото на тигарот и леопардот, ама и на скарабејот, оној славен бумбар-мит, застанат како празора тешка од пурпур во смртта врз клепките на Нефретите.

А првин беше ледот, епохата на студот. Заледени Земјата, вселената и ѕвездените лозјарници залепени за образот на создателот. Лед и камен е светот сал, математички интеграл на кралството на Нулата, која се гнезди во равенката на бескрајот и вечноста. Нулта точка на белото постоење на заборавот, кој треба да се оплоди со меморија. Белото. Метафизика на ужасот, убавината и сонот, бесконечно долг спровод во кој мртовецот што го носат на закоп се ракува со поколенијата и народите зачнати во некој заклучен бакнеж на невнимателните љубовници по неколку столетија или милениуми дури, нулти бескрај низ кој како врховен архијереј на храмот-постоење шета со заледените соѕвездија на Млечниот Пат Ирвасот, главното божество на човекот на ледената епоха.

И тоа бескрајно ледено Бело, тоа Пра како основа на постоењето глеј сега е новиот Логос од кој започнува новото создавање што му го отстапи понатаму по шестиот ден Бог на човекот. Човекот стапнат на дното од својата рана со име Судбина. Човекот, новиот пантократор, црква чие средишно кубе и пред да се постави каменот аголен во темелот, Синот Божји, од претсоздавањето е напукнато, а таа пукнатина патува и по средина од лицето на Седржителот. Знак дека и него ентропијата го нагризала и јаде, иако времето по првата секунда од создавањето, голема колку неколку милениуми, колку неколку сончеви ери, само што почнало да тече. Ентропијата, која, парадоксално, го јаде и родителот што ја роди, времето, и само старозаветните пророци знаат кога Создателот ќе ја исправи и оваа своја грешка во која ќе ги предвиде молците на ентропијата, па ќе тргне од почеток и ќе ги создаде Новото Небо и Новата Земја со нов распоред на гравитацискaите сили, кога веќе нема да го гмечи и дроби нежното крило на птицата притисокот на небото и бескрајот и кога човекот нема да се распаѓа понижен од смртта, туку, како што му вети и Синот Божји, ќе биде нераспадлив, цврст и полн со сјај како скапоцените камења од кои е кренат за свадбата на Јагнето Небесниот Ерусалим.

(продолжува)