Смртта на телевизијата во Македонија

9254

Драги мои, ќе почнам една серија колумни што се директно поврзани со теми што се дел од мојата професија, од моите пориви и моја страст. Ќе пишувам за филмот, за театарот и за телевизијата. Ќе се обидам низ критички анализи да ги утврдам причините за тоталниот распад на македонските медиуми, култура и уметност и губењето на нивните три базични потпори – автентичното авторско творештво, критиката и публиката.
Ќе започнам со телевизијата, многу е актуелна темата и во Алфа, медиумот во кој директорувам, но еднакво драматични настани се случуваат во целата индустрија, која буквално е на коленици во однос на финансиите, креативата, производството, програмирањето и, на крајот, со публиката. Да ја утврдиме актуелната состојба во Македонија во телевизиската индустрија. По ред. Македонија има шест национални приватни телевизии: Алсат М, Алфа, Канал 5, Сител, Телма и 24ТВ, со дозвола за сателитско емитување, и плус дополнителни околу 50 регионални, локални, кабелски, интернет-протокол телевизиски канали и поткасти. Вкупниот пазар на телевизиски реклами, кој ги опфаќа сите оние компании и производи што вие како публика ги гледате во појасите за реклами на телевизиите, како што се телекоми, кока-коли, средства за хигиена, фармацевтски и многу други производи, е сите тие во Македонија за нивно рекламирање трошат околу 12 милиони евра на годишно ниво. Тенденција и на светско ниво, а кај нас уште подраматично е незаприливото опаѓање на буџетите за реклами на телевизиските канали и се претпоставува дека до 2025 година пазарот на реклами за сите телевизии и радија во Македонија ќе се симне на 8, а според некои прогнози дури и на 6 милиони евра.
Што значи тоа? За да разбереме сите, не само оние што се внатре во професијата, кои се стручни, сакам ова да биде разбирливо, особено за политичари што треба да го решат овој проблем, па ќе се послужам со наједноставниот научен метод – споредбата на исти или слични примери во исти или слични околности заради веродостојност на изведените заклучоци. Ќе направам анализа на состојбата не во европските земји, затоа што е научно неверодостојно да се споредуваме со нив поради економската моќ, бруто-националниот приход, развојот и традицијата на индустриите во тие земји, па мојата споредбена анализа ќе биде со бивша Југославија и со Балканот. На крајот, па безбели со некого ќе треба и да се споредуваме, да му се сневиди. Одиме од исток.

Бугарија има околу 7 милиони жители и вкупен пазар на рекламодаватели и огласувачи од околу 250 милиони евра, а има 4 национални приватни телевизии. Србија има околу 8 милиони жители и вкупен пазар од околу 300 милиони евра на рекламодаватели и огласувачи, а има 4 национални приватни телевизии. Хрватска има околу 4 милиони жители и вкупен пазар од околу 200 милиони евра на маркетинг во телевизиите и има само 2 национални приватни телевизии. Словенија со околу 2 милиона жители и над 100 милиони евра пазар на реклами, има 3 приватни телевизии. И соседна Грција, која е најстара и најразвиена капиталистичка држава на Балканот, има околу 11 милиони жители, над 1 милијарда евра пазар на реклами и огласувачи во телевизиите и има 5 национални приватни телевизии, наспроти Македонија, која има 6 приватни телевизии со 1,7 милион жители и околу 12 милиони евра пазар на огласувачи во сите медиуми!
Значи, да објаснам што значи ова за оние што дотука не се сосема сигурни за што зборувам и каде е проблемот. За да функционира една приватна национална телевизија со дозвола за мозаичен и претежно забавен карактер, какви што се дозволите за работа на сите 6 гореспоменати национални телевизии во Македонија, треба да се обезбеди технологија (веќе 2К не е нешто многу ново), потоа да се вработи квалификуван, компетентен, образован кадар полн со знаење и вештини за создавање синкретички производ, кој во себе освен технологија содржи и авторско, духовно и уметничко присуство за да предизвика емоции што ќе го продадат на пазарот на консументи на телевизиски производи. Кои се таквите профили на луѓе во Македонија? М? Колку ги има? М? Понатаму, ниту една приватна телевизија не може да воспостави таканаречени „броудкаст“ стандарди без најмалку 250 вработени. Надвор од умот е да се направи телевизија со 80 вработени, колку што сега како минимум го пропишува актуелниот пропис за националните телевизии, од кои 30 треба да се новинари со високо образование! Ова е вистина. Го пишува во закон. Од 2014 година. Да, да, да. Драги мои, многу е едноставно, во Македонија не постои пазар што реално може да финансира работење на 6 национални телевизии што ќе ги исполнат елементарните критериуми да се наречат национални. Телевизијата е политомен медиум, односно има три функции: првата е да информира, втората е да образова и третата да забавува. Која од овие три функции, со 10 милиони евра вкупен пазар може да ја исполни која било приватна телевизија во Македонија? Дури и да сака. Дури и да знае. Дури и да може. Што очекувате од нас да направиме со 10 милиони евра? Слободно новинарство? Образовни емисии? Играна програма? Серии? Квизови? Забава? Уметност? Култура? Национални вредности? Дали е тоа можно? Само за споредба, новата сезона на српската серија „Беса“, со околу десетина епизоди, чини повеќе од 10 милиони евра. МРТ, која има околу 18 милиони евра годишен буџет од сметката на Собранието на државата, како што гледате, не може да ги достигне тие елементарни стандарди.

Полуписмената македонска квазиобразовна академска полуинтелигенција од крајот на осумдесеттите години протежира лаги, тврдам најодговорно, затоа што не знаат, затоа што се необразовани, дека јавна телевизија (Public Television Station) како што е МРТ може да функционира и да ги исполни трите функции – информирање, образование и забава со 600 вработени. Не дозволувајте да ве манипулираат, невозможно е да постои национална јавна телевизија без најмалку 1.200 вработени, но со нивно адекватно образование, квалификации, знаење и вештини, и на крајот без буџет од најмалку 50 милиони евра! Тоа е невозможно. Вие може да немате пари тоа да го платите. Може дури да немате и кадри со квалификации што ќе го придвижат напред тој огромен конгломерат наречен МРТ, може дури и да не сакате да постои македонска национална телевизија, но не можете да зборувате лаги и тие лаги да траат вечно. И на крајот и најважното, во Македонија, децата на Сорос и црвената буржоазија шират лаги дека големиот број на телевизии ќе произведе слобода преку различните уредувачки политики. Тоа е невистина. Малиот пазар на комерцијални огласувачи и големиот број на медиуми ги прават тие медиуми да се зависни од политички и економски центри на моќ, токму поради тоа што се премногу и не можат да бидат независни, односно да се финансираат од пазарот. Етерот е ресурс како што е воздухот, водата и почвата и без негова строга регулација во согласност со можностите на тој ресурс се случуваат катастрофи од апокалиптични размери.
Телевизијата е етер, ресурс што има ограничени можности. За споредба, постоењето на 6 национални телевизии во Македонија е исто како да изградите 6 хидроцентрали на реката Црна. Што ќе се случи? Нема да има вода ниту за една хидроцентрала, а дополнително ќе се уништи целиот физички и биолошки диверзитет во реката и околу неа! Така е тоа и со телевизиите. Само што телевизиите како етер не уништуваат само една река, туку целата држава, затоа што нивниот ресурс е целото општество, сосе луѓе, реки и езера. Дополнително, истиот тој Сорос и истата таа булумента на неписмени деца и внуци на црвената буржоазија произведуваат невистини за постоење на независни телевизии и медиуми.

Сите телевизии во светот имаат уредувачка политика што произлегува од сопственоста на компаниите што ги основаат или финансираат тие телевизии, а тие компании пак имаат сопственици што се физички лица, граѓани, луѓе со свои макар и најдобронамерни на светот, но сепак лични политички ставови и интереси. Сите телевизии во светот имаат јасна, определена и прецизно препознатлива политичка определба. Огромен дел медиуми во светот се основани дури и од политички партии и во своите поднаслови и импресуми се декларираат како такви. Дури и јавните, односно државните телевизии што се плаќаат со ваучери или со пари од џебот на сите граѓани имаат сосема јасна политика определба. Секако, и независната политичка определба е политичка определба! За ова не сакам да разговарам со неписмени луѓе. Има еден стандард според кој се определуваат земјите како слободни и степенот и содржината на таа слобода изразена како форма на демократија, што и да се подразбира денес под поимот демократија. Еве го овој стандард. Не постои телевизија или медиум на овој свет што не е подложен на влијание од економски или политички центри на моќ. Нема таква земја и нема таков медиум. Но, степенот на влијание, процентот на влијание ја определува општата перцепција за слобода. Ако економското или политичкото влијание во медиумите надвор од реалниот пазар на рекламодаватели и огласувачи е помало од 30 отсто, тие земји се сметаат за земји со слободни медиуми и слобода на говорот. Трагедијата во Македонија е во својата кулминација, жестоко се бие битката, но остануваат расплетот и нејзиниот крај. А по крајот, треба да се почне одново. И, за да не се разбереме погрешно. За сѐ има лек, освен за смртта. Ние уште не сме умреле. И не сме се предале. А јас немам ниту намера. Борбата продолжува.

Авторот е режисерв и универзитетски професор