Сиромашните го создадоа, богатите го украдоа

1603

О да, знам јас дека фудбалот е бизнис и шоу. Ама не може за сметка на алчноста, да се убие играта. Не може за сметка на елитизмот, да се избркаат сиромашните од стадионите. Оти ако вам елитистите ви го оттргнуваат вниманието од грдата стварност со проектирани војни, медиумски манипулации, секс-скандали и прогресивна хистерија, нам сиромашните тоа ни го прават со фудбалот

„Животот трае 90 минути. Понекогаш добиваш и продолжение, двапати по петнаесет минути. На крај секако ќе загубиш на пенали. Во меѓувреме, Господ лесно може да ти даде црвен картон. А тој, животот, поделен ти е на две полувремиња. Во првото се бориш да созрееш. Да го разбереш светот. Да му ја откриеш смислата. Во второто полувреме ја имаш смислата в нозе и појма немаш што да правиш со неа. Си го разбрал светот и разбраното воопшто не ти се допаѓа. Затоа почнуваш да се каеш што си брзал да созрееш. Оти од зрело до скапано не е долг патот“.
Вака започнува романот што го пишувам. Името е „Милан – Ливерпул 3:3“. Зависниците од фудбал точно знаат за кој натпревар станува збор. Во романот главни ликови се Емануел и неговата шеснаесетгодишна ќерка Лана. Приказна за еден самохран татко, вдовец, и неговата ќерка, тинејџерка што созрева. Радостите и солзите на животот раскажани преку убавината на фудбалот. Зошто преку фудбал? Затоа што за мене тоа е совршена игра. Животот е најважна споредна работа покрај фудбалот. Многумина негодувале на мојата отворена љубов кон оваа игра. Сум се изнаслушал глупости. Од тоа дека фудбалот е игра каде што 22 будали трчаат по топка, до фактот дека фудбалерите земале милиони, а луѓе умирале од глад.
На терен трчаат дваесетмина. Голманите стојат во шеснаесетник. Вистина е дека фудбалерите земаат милиони. Уште пострашна вистина е дека во светот умираат луѓе од глад. Ама милиони земаат и корпорациите, телефонските компании, пејачите, глумците. Ако јас не треба да гледам фудбал, зашто луѓе умираат од глад, тогаш вие не користете компјутер, не купувајте мобилни телефони, не слушајте музика, не гледајте филмови. На крајот на краиштата, од сите видови селебрити, најмногу на сиромашните им помагаат фудбалери. Затоа што и самите доаѓаат од сиромашни средини. Можеби не се самопрогласени филантропи, ама им помагаат на гетата, фавелите и населбите од каде што тие доаѓаат.

Како и да е, колумнава е за фудбал. Оти тоа беше главна светска тема оваа недела. За жал, во негативен контекст. Накратко, за неупатените. Перез и Ањели, главни фаци на фудбалските гиганти Реал Мадрид и Јувентус подолго време ја промовираат идејата за суперлига. Им се приклучи и Барселона. Форматот на суперлигата е замислен како НБА. Петнаесет фудбалски гиганти во една лига. За сметка на оваа идеја, умира Лигата на шампионите. Овој концепт го прифатија сопствениците на Атлетико Мадрид, Милан, Интер, двата Манчестера, Ливерпул, Челзи, Арсенал и Тотенхем. Баерн Минхен, Борусија Дортмунд и ПСЖ одбија. Велам сопственици, зашто никој не ги праша тренерите, фудбалерите и навивачите. И сево ова се случува надвор од надлежностите на ФИФА и на УЕФА.
Јавноста се вознемири. Помалите клубови жестоко реагираа. Навивачите првпат се обединија околу идејата против ваквата суперлига. УЕФА најави строги казни за гигантите. Меѓу другото, исфрлање од годинашната Лига на шампионите и забрана за фудбалерите од овие клубови да играат за своите репрезентации. По ваквата силна реакција, идејата за оваа лига, сега за сега, пропадна. Под притисок на јавноста, англиските клубови, ама и Атлетико Мадрид, Милан и Интер, се повлекоа.
Какво е моето мислење? За ФИФА отсекогаш сум го делел мислењето на Марадона. Исто и за УЕФА. Не ги сакам. Ги сметам за забегани, алчни, сурови и криминогени. Убеден сум дека повеќе ги интересира заработувачката отколку фудбалот. Но не можам да одречам дека Лигата на шампионите и Лига Европа се добри системи. Преку нив шанса добија и посиромашните, помали клубови.

Многумина велат дека оние што се против суперлигата ја поддржуваат политиката на УЕФА. Јас сум против суперлигата. Ама не ја поддржувам УЕФА во битката. Ги поддржувам сите оние клубови што не се елита, па сметаат дека гигантите правејќи ја оваа суперлига, уште повеќе ќе се збогатат, а помалите ќе доосиромашат. Ги поддржувам фудбалските обожаватели, навивачите на различни клубови, кои првпат се сплотија околу негативниот став кон елитизмот на газдите. Ги поддржувам Џејми Карагер и Гери Невил, кои еднакво го осудија однесувањето на елитистите. Ама најмногу стојам зад болната вистина дека сиромашните го создадоа фудбалот, а богатите сакаат да им го украдат.
Има многумина што ја поддржуваат суперлигата. Велат, не сакаат да ги гледаат Бате Борисов, Клуж и Малме во Лигата на шампионите. Сакале да гледаат дерби-натпревари. А јас, пак, се сложувам со Златан Ибрахимовиќ. Тој вели дека ако има таква суперлига ќе си оди од Милан во Малме. И уште знам дека денес, малиот Малме може да го здроби гигантот Милан. Оти Милан, Арсенал, Ливерпул, Барса периодов се гиганти само на хартија. И според историја. Добро, имаат многу пари. Ама дрва се.
Јас сакам да гледам натпревари меѓу Реал Мадрид и Аталанта. И сакам да гледам како гигантите често губат од клубови што имаат буџет колку што чини Меси. Уживам да гледам клубови од Русија, Данска, Полска како се борат со претставници на моќните лиги. Секогаш се радувам кога клубови од поранешна Југославија се дел од двете лиги на УЕФА. Лани тоа беше Црвена звезда, оваа година му се радував на Динамо Загреб. Затоа што преку југословенската лига започнав да ја учам љубовта кон фудбалот.
Елитистичката суперлига ќе ги уништи домашните првенства. Сеедно што Перез тврди дека тоа нема да се случи.

Без Лигата на шампионите и Лига Европа, а со една суперлига на избраните, ќе се намали мотивот за успех во државните првенства. Патем, ако гигантите, освен во државното првенство, домашниот куп и Лигата на шампионите, имаат дополнително сили и време, за суперлига, нека ја направат.
А ме нервираат богатите сопственици на клубови. Ме нервираат што постојано ги покачуваат билетите за натпреварите. Ме нервираат што со пандемијава сфатија дека и не им треба толку публика, оти секогаш можат поскапо да ги продадат телевизиските права. Ме нервира и што цените на фудбалерите, од година на година ги зголемуваат вртоглаво. О да, знам јас дека фудбалот е бизнис и шоу. Ама не може за сметка на алчноста, да се убие играта. Не може за сметка на елитизмот, да се избркаат сиромашните од стадионите. Оти ако вам елитистите ви го оттргнуваат вниманието од грдата стварност со проектирани војни, медиумски манипулации, секс-скандали и прогресивна хистерија, нам сиромашните тоа ни го прават со фудбалот. Искрено, подобро со својата игра да ме лажат Салах, Фирмињо, Мане и Жота, отколку Бил Гејтс, Си-ен-ен и Грета Тумберг. И не заборавајте, животот трае 90 минути.