Синергија меѓу пандемијата, изборите и медиумската писменост

481

Познато е дека голем број семејства и во нашата држава покрај следењето ТВ-програми, користат интернет со најнови технологии на компјутери, таблети и на паметни телефони. Модерните технологии сѐ повеќе ја наметнуваат потребата од поголема медиумска писменост не само на младите туку и на постарите лица, како и на граѓанските организации

Во нашата земја месецот јули како дел од политичко-епидемиолошкото „долго топло лето“ се карактеризира не само со значително зголемениот број заразени со ковид-19 туку и со двојно повеќе починати што ја надмина бројката од 440. Истовремено се забележува заостанување на економскиот развој, зголемување на бројот на невработени и на сиромаштијата. Сите мои анализи покажуваат дека до крајот на годината за некакви благосостојби на поголемиот број жители кај нас не може да стане ниту збор. Во вакви услови се одвиваа и предвремените парламентарни избори, со очигледна негативна кампања со трачеви, незаконско ширење лажни вести и говор на омраза, како и со голем број популистички ветувања особено за пензионерите и за другите возрасни лица. Посебна приказна беше самиот ден на изборите кога победа славеа најголемите коалиции и партии.
Забележителен белег за изборите имаше и хакерскиот напад врз системот за сумирање на резултатите во Државната изборната комисија што создаде и извесна загриженост и нервози во јавноста и во социјалните мрежи. Поради оваа недоволна компјутерска безбедност дел од јавноста се посомнева во можни злоупотреби на изборните резултати. При релативно низок одзив на гласачите од околу 51 отсто имаше и голем број неважечки ливчиња, како и над 2.140 приговори, кои ДИК експресно едногласно ги одби како неосновани.

Според тоа, официјално коалициите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ добија 46 односно 44 мандати за пратеници, ДУИ 15, коалицијата Алтернатива и Алијанса 12, Левица 2 и ДПА 1. Бидејќи ниту една коалиција не доби доволен број пратеници за формирање нова влада во јавноста се шират разни комбинаторики. Кај нас, како и секаде на Балканот, како да не се живее во современо време на транспаренти договарања, туку за се мора да постои голема меѓусебна недоверба за да се очекува проблемот да го реши некоја „сила“ однадвор. Мислам дека за ова особено свој придонес дава и појавата на повеќе додворувачи и ситни души манипуланти, кои го гледаат само својот интерес заборавајќи и на роднинските врски, на долгогодишните пријателства, на заемно создадените добрини и други изместени вредности. Во таква ситуација нетрпеливоста често се претвора и во непремостлива завист и омраза, несвојствена за човечкото битие.

И пандемијата и предвремените парламентарни избори покажаа дека на јавното мислење од ден на ден сѐ повеќе влијаат информациите што се шират во поголем број медиуми. Познато е дека голем број семејства и во нашата држава покрај следењето ТВ-програми, користат интернет со најнови технологии на компјутери, таблети и на паметни телефони. Модерните технологии сѐ повеќе ја наметнуваат потребата од поголема медиумска писменост не само на младите туку и на постарите лица, како и на граѓанските организации. Со други зборови, сѐ повеќе се наметнува грижата за способност за пристап, анализа, евалуација и производство на пораки во разни форми на комуникација. Медиумската писменост подразбира поседување знаење и способност да се користат компјутери на ниво на просечен корисник, како вештина и знаење за пребарување на интернет.

Во актуелниот прирачник за медиумска писменост за млади, за медиуми и за граѓански организации не случајно се констатира дека во време кога постојано сме опкружени со различни медиуми, неопходно е да умееме да се справиме со неконтролираниот наплив на информации. Често кај ТВ-гледачите се поставува прашањето дали некоја информација е вистинита или лажна и манипулативна и дали е професионално подготвена со проверени факти или пристрасно пренесена. На луѓето им се потребни нови вештини и знаења за да можат да учествуваат во општествениот живот користејќи ги медиумите и новите информатички технологии. Овие вештини им се потребни за да учат, да истражуваат, да се информираат или, пак, да се забавуваат. Дигитализацијата сѐ повеќе се шири, онлајн предавањата и набавките и зум-состаноците станаа секојдневие. Поради тоа во многу држави медиумската писменост е веќе дел од образовниот процес, за што има потреба и кај нас.

За време на пандемијата и возрасните лица се принудени повеќе часови дневно да поминува во контакт со разни медиуми, а притоа многу е важно како да се направи разлика помеѓу професионалното новинарство и манипулациите. За да се направи таа разлика мора да бидат медиумски писмени. Станува збор за потребата за воведување обуки за пензионерите и за другите возрасни лица за да се оспособат за компјутерска работа и за подобро користење на интернетот. Уште во времето кога бев претседател на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, на 18 јануари 2019 година во Скопје беше организирана работилница со дописниците на која беше истакнато значењето на медиумската писменост. Добро е што во ова време на пандемијата и на сѐ поголема експанзија на лажни вести и говорот на омраза СЗПМ планира да посвети поголемо внимание на медиумската писменост, со организирање работилници за посеопфатна обука на луѓето од трета доба. Имајќи ја предвид целната група мислам дека за ова треба да помогнат и државните институции.

Во нашата земја има околу 320.000 корисници на пензија и за нив и за заемната благосостојба се заинтересирани околу половина милион нивни партнери, синови, ќерки и внуци. Сите тие се зависни на еден или друг начин од редовната исплата на пензии, од здравствената заштита и од подобрувањето на стандардот. Истовремено за оваа проблематика во државните институции, во Министерството за труд и социјална политика и во јавното здравство се вработени повеќе кадри, како и во фондовите за пензиско-инвалидско и за здравствено осигурување, како и во пензионерските и старските домови. Покрај тоа, во неколку граѓански организации што ја третираат проблематиката за старите лица волонтерски се ангажирани повеќе лица. Вкупно тоа значи околу милион популација во нашата земја. Бројка што треба да се цени и почитува.

Поради сето тоа покрај приоритет на здравствените, економските и социјалните прашања, сметам дека не треба да се изостави и прашањето на медиумската писменост. Потребно е сите жители во државата да се стекнуваат со нови знаења за да може полесно да се снаоѓаат во морето од информации, поефикасно и поодговорно да препознаваат лажна од вистинита информација и да ги користат медиумите како предуслов за активно граѓанство.

Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба