Силата на ВМРО (и на ДПМНЕ)

1304

Како што најверојатно забележале ревноснитe читатели, во моето пишување речиси никогаш не попувам, не солам некому памет и на ќориот не му кажувам дека е ќор зашто тој сам си знае за својата слепост. Овој пат би сакал да направам мал исклучок и да им укажам на Социјалдемократскиот сојуз и на неговиот претседател Зоран Заев да не подлегнуваат на лажните вести што ги шират нивните апологети дека лесно или тесно ќе го победат ВМРО-ДПМНЕ на наредните избори. Тие што така мислат, зборуваат и пишуваат, акутно патат од младешка наивност, од политичко неискуство, од партиска заслепеност или од подложеност на материјално-клиентелистички интереси. Не знаат со кого си имаат работа. Впрочем, арогантниот кривоглед на СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ е стара, хронична, партиска болест, постара е само омразата и потребата за одмазда на ВМРО-ДПМНЕ кон СДСМ, кон нејзиното комунистичко минато и успешната демократска современост.

Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) не е огнената птица феникс, но има митски димензии, сакале тоа да го разбереме или негираме. Тоа е онаа птица од египетската митологија, која на крајот од својот живот гори во сопствениот оган, а од нејзината пепел се раѓа нова. Според едни легендни верзии, новиот феникс е потомок на стариот што изгорел, а според други новиот е всушност стариот, кој се преродил. Фениксот не бил од бога дарен да ја регенерира скинатата опашка, како гуштерите, туку имал способност да се самоизлекува ако бил повреден, а раните, меѓу другото, ги исцелувал и со сопствените солзи.

Ете, така некако, низ употребата на оваа митолошката паралела, може да биде опишан метафорички еден од аспектите за разврзување на замрсеното клопче, за испреплетеноста на ВМРО и на ДПМНЕ како комбинација, мешавина од стара револуционерна организација и модерна партија. Слободно, свесно и ефектно присвојувајќи го општото име за партиски цели и прифаќајќи го датумот на нејзиното основање во 1893 година како континуитет, ДПМНЕ не само што од пепелта го воскресна ВМРО, туку ги наследи, ги носи и сноси сите последици до денес, како позитивни така и негативни, од неостварените идеали до кобните грешки.

Нема никакво сомневање дека митот за ВМРО од крајот на 19 век е жив меѓу дел од Македонците, корените не се исушени и во сегашно време, во 21 век. Тоа е реалност на која дел ѝ се радуваат, a од која дел стравуваат, знаејќи ја суровата историја, историја на крвави раце и братоубиствени војни. Организацијата, која низ времето се стекнуваше со богатство од вистинити или претерани епитети од типот: насилна, безмилосна, терористичка, атентаторска, бугарска и пробугарска, македонска и антимакедонска (истовремено), националистичка, нацистичка, фашистичка, колаборантска, предавничка, криминогена и слично, минувајќи низ повеќе историски процеси успеа да исплива и да се одржи на површината на политичката сцена. Дел од атрибутите и карактеристиките од старото време сѐ уште ги влече партијата ДПМНЕ, веќе триесет години преоблечена во современа костимографија и сценографија, компјутеризирана, дигитализирана, фаворизирана и солидно материјално фризирана.

Ако се напушти теренот на историјата, јасно ќе се види сликата на денешнината, ќе може да се погледне низ вратите на нејзината чудна моќ за внатрешна преродба и обнова по тешки падови и порази. Ретко кој веруваше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе може да се издигне од пепелта по изборниот пораз во 2002 година и по заминувањето на тогаш неприкосновениот, национално хибриден војвода Љупчо Георгиевски, единствениот што можеше да извади до 100 илјади поддржувачи на улица. Како извлечен на лотарија, како неочекувано добитно ливче од обложувачница, со сета партиска неверица, се појави Никола Груевски, на млади години статист во театар, љубител на бокс, подготвен да удира или да го удираат по нос. Практичен, не многу успешен економист, набргу и со помош на своите братучеди, не само што стана претседател на партијата, туку како претседател на Владата на Македонија ги врза сите конци, сите партиски и државни патишта водеа кон него или тргнуваа од неговата кабинетска станица. Во тој татар на кукли, дојден на власт како надежен демократ, израсна во изразит технократ, заврши како пребеган азилант. Ништо не значеше што неколкупати убедливо победуваше на избори и се сметаше за недопирлив, неприкосновен господар на Македонија, заедно со неговата блиска свита.

По дебаклот што го доживеа ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2016 со Груевски на чело, малкумина беа оние што помислуваа дека партијата некогаш ќе се врати на власт. Тешките „бомби“ за сторен криминал, за кражби на милиони евра, за мито и корупција, за уништување на државата и демократијата нанесоа сериозни, дури неизлечиви рани. Во секоја нормална држава, партија со толку оптоварена негативна биографија, поврзана со „мал милион“ обвиненија, или се распушта и заминува во историјата или ѝ требаат многу години да закрепнува, да се санира, да ја поврати довербата кај гласачите. Феноменот на ВМРО-ДПМНЕ ни покажува дека тоа не мора да биде правило, иако од нејзиниот акроним (ДПМНЕ) нема останато речиси ни зрнце зрел плод. Во своето дејствување ниту стана демократска, ниту го оствари македонското национално единство, напротив цело време го прави спротивното, следена од контроверзии и од раширеното традиционално мислење дека кога таа е на власт на државата ѝ се заканува сериозна опасност, како што беше, на пример, војната во 2001 година.

Актуелниот статус, денешните позиции и рејтинзи пред изборите сугерираат дека по заминувањето на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ не ја испеа својата лебедова песна, како што се очекуваше. Најде инструменти не само повторно да свири, туку и тактички да диригира. Новиот претседател на партијата, за едни вистински избор, за други наметнат епигон, слуга и мисловен роб на Груевски, изненадувачки експресно ја санира партијата, ги олесни последиците од внатрешните расколи, собра нови некомпромитирани кадри, не фрлајќи ги на буниште старите, лојалните, покажува одлики на одличен лидер.

Кристијан Мицковски, професорот по машинство, можеби не се разбира во политика, но се виде дека брзо учи. Како и сите големи политичари го зборува она што членството сака да го чуе, го ветува она што не може да го оствари, на пример, веднаш да ја промени спогодбата од грчка Преспа, да ѝ го врати името на Македонија или да направи просечната плата да биде до илјада евра. Не може, ама ќе проба, што покажува дека одлично употребува плацебо-лекови за она од што (или за што) боледуваат голем дел од Македонците. На професорот машинец, (не бравар), што одбранил докторска дисертација на темата со наслов „Управување на манипулациони роботи со примена на fuzzy логика“, мора нешто и да му се верува. Штом докторатски научил како се управува со манипулациони роботи, сигурно ја совладал и науката да управува со луѓе. Таков профил не е за потценување, уште помалку за иронизирање или потсмевање. Дотолку повеќе што тој, освен простосмртната, ја проучувал и примената на fuzzy логиката, икс и ипсилон што малкумина знаат што значи таа. Во таквите научнопрактични лавиринти можеби лежи неговиот бел глушец на среќата.

Непосредно пред изборите СДСМ е во практична предност и поради што е власт, поради што има повеќе ресурси и поради што направи повеќе надворешни успеси одошто домашни грешки, мерено навивачки. ВМРО- ДПМНЕ, кое повторно се врати во непредвидливиот македонски политички локал, сериозно му дише во врат, слично на некој што некому рано наутро неподносливо му дише на лук во градски автобус. Како пушач што му ја загадува околината на непушач, како човек што не носи заштитна маска и шири вируси наоколу. Тоа е доволна причина СДСМ да се помрдне, да не спие на едно уво, да земе свеж воздух пред да ја почне последната маратонска трка. И да не заборави со кого, со која силна организација и со која непредвидлива партија си има работа. ВМРО-ДПМНЕ не е птицата феникс, но изненадува нејзината вештина повторно да се роди од пепелта, да си ги залекува раните и да летне повисоко од очекуваното. Кој од СДСМ не ги разбира ваквите акценти сериозно работи против својата партија.

[email protected]