Се замолуваат децата да паузираат со дишењето?!

369
Силвија Митевска

Не зборуваме за подобри социјални политики, подобар економски статус, развиена инфраструктура, туку станува збор за воздух! Сигурна сум дека од другите држави кога нѐ слушаат по вести се чудат каков вид луѓе живеат тука. Веројатно, некој подвид. Можеби и нѐ замислуваат поинаку, како вонземјани и вонземјанки, кои не дишат исто како нив, туку со намален капацитет, еднаш во три минути

Минатата недела бевме прогласени за најзагаден град во светот. Какво понижувачко достигнување. Во 21 век да живееш вo најтемната и најзагадена точка на планетава. Да гледаш како твоите деца вдишуваат отровен воздух. Незамисливо е како нашата држава не успева да им го осигури најелементарното право на своите граѓани – правото на живот. Не зборуваме за подобри социјални политики, подобар економски статус, развиена инфраструктура, туку станува збор за воздух! Сигурна сум дека од другите држави кога нѐ слушаат по вести се чудат каков вид луѓе живеат тука. Веројатно, некој подвид. Можеби и нѐ замислуваат поинаку, како вонземјани и вонземјанки, кои не дишат исто како нив, туку со намален капацитет, еднаш во три минути.

Не е за шега работава, напротив, многу е сериозна. Апатичноста и неспособноста на градската власт да го реши овој проблем веќе е тешко да се проголта. Кај сите нас растат бесот, лутината и фрустрираноста од нивната несериозна и недоволна посветеност на овој проблем. Како да има поважни работи од воздухот што го дишеме ние и нашите деца. Нема! Чистиот воздух треба да ни биде приоритет. Додека не почнеме пак да дишеме чист воздух, не треба да се занимаваме со ништо друго. Ниту со закони, ниту со стратегии и политики. Зашто ако не сме способни да си го подобриме квалитетот на воздухот, не сме способни за ништо друго. Ако не сме способни да престанеме да тонеме во смрдеата што ни се повторува секоја зима – тогаш можеби и заслужуваме да заличиме на вонземјани и вонземјанки, онака како што нѐ замислуваат жителите на земјите каде што се дише „нормално“.

Верувам дека порано никој не помислувал дека еден ден ќе треба да плати за да дише чист воздух. Времињата не само што се сменија туку се превртеа наопаку. Чист воздух се купува како што се купуваат леб и млеко секој ден. Прочистувач за воздух, кој воопшто не е евтин, има во многу домови. Имаме и ние. Го преместуваме од една во друга соба, во зависност од тоа каде седиме. Прочистувачот ни стана петти член на семејството. Внимаваме на него, го одржуваме, го зачистуваме и му вршиме надзор како на мало дете – дали е правилно вклучен, дали е чист филтерот, дали работи со соодветна брзина итн. И секојпат, кога треба да го напуштиме домот ми се стега срцето. Не можеме да го понесеме со нас. Но верувам дека во најскоро време ќе измислат т.н. личен прочистувач на воздух. Ќе можеш да си го носиш секаде со себе, во кола, во канцеларија, во фитнес-сала, на часот по италијански јазик. Зашто предизвикот за чист воздух најинтересен му е на приватниот сектор, не на градската власт. Тие ќе имаат корист од него.

Градската власт наоѓа инстант решенија. Погрешни, се разбира. Во неделата, на последниот ден од распустот, Владата соопшти дека итна мерка против прекумерното загадување е продолжување на зимскиот одмор за два дена. И сите ние, родителите се најдовме во небрано. Зашто, се подразбира дека родителите треба да одат на работа. А ако децата не се во училиште, а родителите не се дома – кој ќе ги чува децата? Прочистувачот за воздух? Измислената бебиситерка? Или повторно ќе се импровизира со кратење на работното време или со носење на децата на работа, договарање со роднини – баба и дедо се викаат за помош, организирање со пријатели и други инстант решенија, кои значат повеќе главоболки за родителите. Ни ја тестираат снаодливоста – кој за најкратко време ќе си обезбеди чување на децата. Прекин на настава не е решение драги политичари! Децата ќе продолжиме да ги труеме со загаден воздух и по завршувањето на тие два дена зашто многу добро знаеме дека загадувањето нема магично да исчезне в среда или четврток наутро.

Затоа, наместо инстант решенија потребни се суштествени промени. Ни требаат радикални мерки. Стоп за бетонски џунгли и крај на градежното насилство. Бездруго, смирување на интензивното и хистерично пополнување на „секоја дупка“, со објект. Сериозна анализа и различен пристап кон урбанизмот, кој, наместо да обезбедува функционални решенија и квалитетно живеење, го узурпира и дехуманизира просторот. Воведување на концепт за ,,зелен урбанизам“. Стоп за европскиот ,,дизел-отпадок“, кој се донесе во Скопје за евтини пари. Масовно вложување во јавен транспорт. Воведување трамвај. Заменување на патишта за возила со патеки за велосипеди. Изградба на улици за велосипеди. Организирање денови без автомобили. Претворање на прометни улици во пешачки зони.

И не се ова само празни критики, туку и самата ќе се придржувам кон промените што ќе ги предложите. Верувам дека промените, пред сѐ, започнуваат од нас самите и дека колективниот интерес е еднакво важен како личниот интерес. Наместо да запалам автомобил за да одам на работа – ќе тргнам пешки. Наместо да го носам само детето на тренинг – ќе им предложам на родителите што живеат во нашата близина да одиме со еден автомобил. Паметно управувам со мојот отпад и така ги воспитувам децата. Ќе сторам уште многу други мали чекори, кои ќе придонесат кон намалување на загаденоста. Зашто борбата против загадување е и моја граѓанска должност и обврска.
А вие, засукајте ги ракавите од сакото и понудете суштествено и системско решение. Време е да имаме нормална средина за живеење. Без прекин на настава и без прочистувачи за воздух.

Авторката е писателка и претседателка на граѓанската организација ТАКТ, Скопје