Сеќавања за референдумот 1991

1247

Настани, симболи, алузии

Бурна, пребурна беше македонската 1991 година, годината на референдумот за независност. Социјалистичка Република Македонија се делеше од СФР Југославија, се создаваше новата, целосно независна, суверена држава. Истовремено се удираа темелите на новиот општествен поредок и на функционирањето на посебните национални институции. Се направи вистински историски пресврт. Не само идеолошки, од еднопартизам во плурализам, туку и државотворен, животен, егзистенцијален. Од комунизам и социјализам македонските граѓани директно влегоа во капитализам. Полни со надеж во подоброто утре, од една страна, и со страв што носи новото време, од друга. Оправдани чувства и кај едните и кај другите.

Еве една мала хронологија, едно потсетување, едно лично гледање како се одвиваше и кој учествуваше во тој процес.
Првиот државноправен документ за мирно раздружување на Македонија од СФРЈ беше донесен на 25 јануари, кога Собранието, во првиот повеќепартиски состав, усвои декларација за сувереност и независност на Социјалистичка Република Македонија. За декларацијата гласаа сите 120 пратеници, резултат што речиси никогаш по ниту едно прашање не се повторил во собранискиот дом. Декларацијата е усвоена во време кога државата уште немаше избрано претседател.

На 27 јануари на седницата на Собранието, при повторно гласање, по првото неуспешно, со 114 гласа “за“, Киро Глигоров e избран за прв претседател на Република Македонија, а Љубчо Георгиевски за потпретседател на претседателот на РМ, функција со звучно име но без никакви ингеренции. На 20 март Собранието ја избра првата Влада, а економистот, професорот Никола Кљусев беше изгласан за претседател. Таа влада беше нарекувана експертска, поради наводната политичка неопределеност на нејзините членови, иако се знаеше дека во мнозинство е провмровска, односно идеолошки блиска до ВМРО-ДПМНЕ, тогаш нова партија, окитена во национален занес и во аздисана, неконтролирана сила.

Во јуни од името на државата се изостави назнаката „социјалистичка“. Значи, по народна волја дојде до промена на името, макар мала и формална, но сепак промена што не беше критикувана туку се прифати со фалби. Се утврди името Република Македонија, засновано пред сѐ на историските традиции и како наследство и континуитет на македонската државност дефинирана на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. Тоа име во ноември истата година стана уставно име.
На 6 август беше донесена одлуката на Собранието за спроведување референдум. По долги и мачни преговори меѓу партиите и претседателите на државата и на Владата, пратениците го прифатија предлогот на референдумот да се постави прашањето: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“.

Трик-прашање – три во едно што би се рекло кладилнички. Прашање на кое може да се одговори и вака и така, но како и да се одговореше, речиси секој одговор одеше во прилог да се добие позитивен резултат. Како што е познато, според официјалните податоци, на референдумот одржан на 8 септември 1991 година на гласање излегле 71,85 отсто од запишаните избирачи, а од нив 95,09 отсто заокружиле „за“. Бројките изгледаат фантастично, особено ако се знае дека референдумот го бојкотираа тогашните две албански партии и мнозинството припадници на албанскиот народ во Македонија. Резултатите сами по себе говорат за успешноста на референдумот. Такви бројки подоцна не покажаа ниту едни собраниски избори, ниту, пак, толку народ излегол да гласа по кој било повод.

Тоа се официјалните историски, запишани, настани и податоци. Што не е запишано во документите и во извештаите?
Референдумот за осамостојување не се одвиваше подмачкано. Напротив. Ситуацијата вриеше внатре во Македонија, но и од сите страни. Словенија и Хрватска имаа прогласено независност, во републиките на СФРЈ почнаа војни. Тој оган лесно можеше да се префрли и во Македонија. Нејасни беа апетитите на Бугарија, Србија со Милошевиќ и на Грција, кои по една долга историска пауза одново ги покажаа кон Македонија. Трите, на еден или друг начин, се надеваа на решенија во нивна корист. Албанскиот фактор сѐ уште не беше толку силен, но беа на повидок неговата експанзија и продор во Македонија, поттикнат од Албанија и од Косово. Не мала улога играа и странските агентури, кои на почетокот дејствуваа од соседните земји, но полека се вовлекуваа и во македонските партии, институции и медиуми каде што се инсталирани и денес. Југословенската армија сѐ уште беше закана, дотолку повеќе што беше обезглавена и дезориентирана. Нејзините постапки беа напредвидливи доколку се оствареа плановите на ВМРО-ДПМНЕ за минирање на касарните и почнување оружен конфликт со нужни човечки жртви. Сѐ беше на граница меѓу да и не, меѓу ќе се случи или нема да се случи.

Каков беше политичкиот и персоналниот распоред и кои беа позициите на македонските политичари во таа година, во тие месеци?
По случајност на околностите, како тогашен генерален директор на НИП „Нова Македонија“, бев член на групата за подготовки и спроведување на референдумот што ја водеше претседателот на Владата, Никола Кљусев. Како неформален член имав можност дел од активностите да следам непосредно. Групата се состануваше во неколку наврати речиси месец и половина пред да биде официјално соопштен датумот за изјаснување на граѓаните. Повеќето средби беа во Скопје, во салата за состаноци на Владата, а во два наврата разговори имаше во претседателската вила во Охрид. Со нив раководеше претседателот Глигоров.

Целата практична и оперативна работа околу референдумот беше во надлежност на Владата, при што тројца имаа најголеми задолженија и одговорности: Кљусев, како претседател, Блаже Ристовски, потпретседател, и Јордан Мијалков, министер за внатрешни работи. Претседателот Глигоров, кој во почетните месеци на промените беше во тесна врска со штипското сениорско провмровско крило, полека се одвојуваше од него и се оградуваше од нивната наглост, политичка неопитност и неискуство. Тој од ден на ден го ширеше кругот на лица со кои вршеше сериозни консултации по сите прашања, ги држеше сите конци во свои раце. Со сите забелешки што може да му се стават како евентуална негатива, тој беше мозокот и диригентот на целата операција за осамостојувањето. Неговиот збор беше последен околу тактиката, начинот, методите, постапките, брзината и другите елементи поврзани со тој процес.

Петар Гошев беше исфрлен од игра од самата партија и не учествуваше во тие бранувања. Бранко Црвенковски како нов претседател на СДСМ сѐ уште недоволно упатен во сѐ што се случува ја немаше стекнато довербата на старите волци, провмровци што се трудеа да го држат настрана. Љубчо Георгиевски не се појавуваше таму, но диктираше што да се прифати што да се отфрли. Тоа, освен преку други лица, го правеше преку претставникот на неговата партија госпоѓата Ратка Димитрова, најревносната учесничка во дискусиите и полемиките. Кљусев (па и Глигоров) и дружината го изолираа Стојан Андов, иако беше претседател на Собранието. Тие не го трпеа и лично и како претседател на реформските сили и се сомневаа во неговите крајни намери. На состаноците можеше да се чујат непроверени гласови дека Андов и Тупурковски се меѓу оние што не веруваат во независноста и кои сметаат дека ЈНА ќе најде начин да им стави крај на „детските игри“ околу распадот на Југославија. За тогаш влијателниот член на СДСМ Тито Петковски злите јазици фабрикуваа шпекулации дека е соработник на КОС. Ѕинго навиваше за Југославија, но немаше официјална политичка функција. Социјалистите на Киро Поповски беа воздржано внимателни, но исцело го поддржуваа Глигоров. Кљусев и ВМРО обезбедија поддршка од Македонската православна црква.

Референдумот пред одржувањето имаше и свои изразити противници. Меѓу нив најистакнати беа генералите Македонци што служеа во ЈНА, кои објавуваа отворени писма, што во целост ги објавуваше весникот „Нова Македонија“. Македонските власти добиваа закани и од командата на Скопската армиска област, но Глигоров и другите наоѓаа начин тие закани да ги амортизираат со тоа што дел од генералите во Скопје и други високи воени лица беа вклучувани во консултациите, а некои од нив изразуваа и симпатии за македонското осамостојување.

Беше и помина 8 септември 1991 година, денот кога Македонија стана независна и суверена држава. За жал, тој датум, тој голем празник на Македонците, во текот на изминатите 27 години не доби национално значење и важност како што заслужува. Речиси сите власти и партии него повеќе го ценат и одбележуваат како неработен ден, а не како трет Илинден, како што емоционално беше именуван. Можеби вината лежи во фактот што денот 8 септември, денот на референдумот, беше истовремено првиот и последниот ден кога македонскиот народ покажа единство, сплотеност и заедничка желба за успех на државата. Само ден потоа, на 9 септември, почна кризата, почна разединувањето, кое трае до денес. До денес или до утре, до 30 септември 2018, кога се чека четвртиот Илинден. Во сегашните околности, оваа историска споредба звучи демоде, но вистина е дека со него ќе се затворат кориците, или би се очекувало да се испишат, последните страници на една вековна епопеја на македонскиот народ. Ќе се пишува друга, нова книга.