Сеќавајќи се на НАТО-интервенцијата

1370

Понекогаш мора да се повлече црта и да се остават настрана и прашања што се чинат не само исклучително важни, туку и ургентни, па дури и кога лично погодуваат. Тука првенствено мислам на фактот што Северна Македонија со забрзани чекори се приближува до Северна Кореја, наместо до ЕУ-стандардите, особено на планот на човековите слободи и права и воведувањето цензура – „традицијата“ не е нова, но тоа не ја оправдува серијата забрани на филмови, претстави, а најновиот пример е забрана на книга. Шеговитата страна на забраната на циркулација на мемоарите на Стојан Андов е дека еден „стар лисец“, политичар премачкан со сите масла, прекуноќ, по сила на судска одлука, стана дисидент, уште малку како Кундера! Ситуацијата е фарсична бидејќи се инволвирани двајца транзициски моќници, кои не одговарале за ниту едно дело, вклучувајќи и за она што го сведочеше Глигоров во своите мемоари (обидот за поткуп од страна на министерот Фрчкоски, во замена за промена на името). Но цензурата е премногу сериозно прашање за да се сведе на конкретен настан и на личноста на „писателот“ и на навредениот Фрчкоски. Цензура и ревизионизам, меѓу другото, воведува и УКИМ кога од својата веб-страница „поправа“ наслови на конференции одржани во минатото за да изгледа дека ова отсекогаш била Северна Македонија, а некој сака да е поголем католик од папата. Втората тема што за миг ќе ја оставам настрана е беспримерното инволвирање на децата на политичари и јавни личности, а за да се погодат/дискредитираат родителите или да се изврши притисок врз нив. „Дебатата“ што се отвори покажува слика на тотална морална ерозија и на извртени вредности, кои владеат особено во т.н. прогресивни кругови. Но, за тоа – потоа…

Вчера беше одбележана 20-годишнината од НАТО-интервенцијата врз тогашната СР Југославија. Кога првпат се сетив дека изминале толку години, за миг бев изненадена. Како лета времето! Колку лесно се заборава! Конечната пресуда на Караџиќ, впрочем, нѐ потсети и дека изминал четврт век од Сребреница! Ако и ја тргнеме настрана несигурноста на меморијата кај секој човек, субјективноста, тука е и пропагандата што во меѓувреме успеала да „ублажи“ некои моменти, сепак останува голем дел од младите (студентите) што во 1999 година не биле родени или биле премногу мали за да имаат свои сеќавања. Мене овој датум ми е врежан длабоко во меморијата, како и сѐ друго што се случуваше потоа – особено што интервенцијата беше предигра за македонскиот конфликт 2001 година, но и вовед во старо-нов меѓународен поредок, милитантен хуманитаризам, нови норми за меѓународен интервенционизам, „одговорност да се заштити“ итн. Таа година, на некој начин, беше пресвртница и за мојата колумнистичка дејност: оттогаш „отворив уста“ против сите војни што се оправдуваа те со човекови права, те со демократија, те со уривање диктатори, а кои резултираа со геополитички добивки, грабеж на природни ресурси и огромен број цивилни жртви во војните во Авганистан, Ирак, Сирија…

Почетокот на НАТО-интервенцијата ме затекна на работа, веста проструи додека со колегите (сите, нели, експерти за одбрана и безбедност) пиевме кафе и дискутиравме за настаните. Во еден миг, му заѕвони телефонот на мојот тогашен декан и жена му му кажа дека сите почнале да купуваат на ангро резерви во храна. Истиот миг нѐ напушти, а по пет минути премислување и ние другите заминавме во супермаркетите. Се одвиваше ден по ден нешто нестварно: најголемата воена алијанса во историјата на човештвото, претставник на западните вредности, без одобрение на Советот за безбедност, употреби сила и како резултат имаше разурнати цивилни цели, мостови, возови, РТВ, па и конвои бегалци од Косово – речникот на „сори, колатерална штета е нужна“ беше најциничното нешто што можевме да го чуеме од Џејми Шеа (човек што подоцна го сретнав на една конференција и кој и натаму ми будеше нагон за повраќање). Не беше лесно да се гледаат ни ужасите на војната во остатокот од Југославија во претходните години, во граѓанска војна од таков вид беше понекогаш невозможно и да сфатиш од далеку кој е крвникот, а кој е жртвата. Се сеќавам кога најстарата ќерка (на 8-9 години), додека гледавме во длабока тишина ТВ-вести со слики од Босна, праша: „Гледате документарен филм од војната (мислеше на Втората светска војна)?“ Се погледнавме и не знаевме како да ѝ кажеме дека ова се случува сега и блиску до нас. Бомбардирањето на СР Југославија беше најавена интервенција, за неа имав пишувано текстови и презентирав во САД на конференции и пред студенти, сметав дека на косовските жртви на терен не може да им се помогне со воена кампања и бомби, а дека едни цивилни жртви не можат да оправдаат други заради политичкото водство, дека санкциите го јакнат Милошевиќ, и дека таа авантура ќе ја загрози Македонија. Но, сепак, 24 март нѐ изненади сите. Она што НАТО го планираше како блицкриг, како показна вежба, докажување на својата неопходност во униполарен свет, профитабилното празнење на воените арсенали, испробување нови оружја и поттик за воено-индустрискиот комплекс – се покажа како нешто сосема друго. На тест беа ставени сите меѓународни, па и морални норми. Две години подоцна, со група интелектуалци од поранешна Југославија се најдов во седиштето на ООН, во разговор со одговорниот на департментот за чување на мирот. Соочен со нашите аргументи, набргу се „скрши“, излезе од официјалните „чевли“ и ни призна дека пролетта во 1999-та сите во таа зграда мислеле дека му дошол крајот на меѓународното право.

Текот на интервенцијата го поминав, речиси до самиот крај, во Данска, како визитинг-истражувач на Институтот за мировни истражувања на Копенхаген (ЦОПРИ) чиј директор беше Хакан Виберг, мојот (сега покоен) гуру. Беше интересно да се следи состојбата во мојот регион (сосе бегалската криза) од далеку, од мировен институт среде земја што беше „јастреб“ во поддршката за бомбардирањето. Еден ден, додека се качував кон мојата канцеларија, техничката секретарка на институтот, ме праша: „Билјана, како си? Како ти се децата дома?“ Ѝ одговорив дека сѐ е во ред, ама со грутка во грлото. Седнав да ги видам вестите, и што да видам? Во Белград цел на напад била водоводната инфраструктура, а бегалците во камповите околу Скопје (среде многу високи температури) имале само по 5 литра вода дневно. Пишуваше дека санитарните услови и позицијата на камповите се закана за водата во Рашче. Се јавив дома и го слушнав гласчето на најмалата ќерка (5 години), која ми рече: „Добри сме, мамо, само мораме да пиеме превриена вода и таа е гадна“. Јас се избезумив, и на мајка ми ѝ реков да купат амбалажирана вода итно, иако таа ме смируваше дека тоа е само мерка за јавна сигурност, што била препорачана. Бев парализирана и не можев да работам, па се симнав кај Хакан да му кажам дека ќе си одам зашто не ми е добро. И додека зборува се скршив и почнав да липам. Мудро ме остави да се исплачам за да кажам што имам. Му реков: „Попусто ти се сите овие сјајни мировници со докторати кога само секретарката ти има срце и размислува човечки (дотогаш никој ме немаше прашано ни како сум, ни што мислам за ситуацијата, иако си викавме здраво секој ден)“. Она што ме шокираше беше општата слика на страдање: немаше вода!!! И во Србија, и на Косово, и во Македонија! Во мај 2000 година бев почесен предавач во Маршал-центарот на НАТО во Гармиш, заедно со Ветон Сурои, на темата „Две перспективи на Косово“. Додека тој му се заблагодаруваше на НАТО, јас им реков дека следната година кога ќе сакаат да ме поканат, нема да можам да дојдам бидејќи војната ќе се прелее во Македонија. Во февруари идната година еден од тамошните професори ми се јави на телефон и ме праша: „Ама, како можеше да погодиш?“ Лесно, 2+2=4.

Дваесет години подоцна едвај некој и да сака да зборува на оваа тема: Косово е држава, Србија е кабаетлија и мора да слуша, Македонија е на прагот на НАТО и од тоа прави историски и цивилизациски успех. Сите политички коректни професори зборуваат за западните перспективи на Западен Балкан и не гледаат назад. Жртвите се заборавени, бидејќи или е незгодно да се зборува за нив (особено ако биле „колатерални штети“ за благородна цел); исчезнатите никој не ги бара (како и оние од 2001 г.). Најзаборавени се оние жртви што загинаа и/или гинат во новите војни на новиот век. Јемен дури и не е на мапата на светот на страдања, и никој не тргнува да им помогне на тие цивили, бидејќи бизнисот со оружје е повреден од децата што умираат на секои пет минути.