Сево ова некој ќе го позлати… или не?

753

На Водици, кога скокачите не успеваат да го најдат крстот на дното, им се фрла/положува уште еден крст. Македонија е единствената држава што ја имаме, сама е на крстот и во матните води. Таму, или ќе научи да плива или ќе потоне на дното, ако претходно не ја разграбаат. Или ќе најде начин да воскресне или ќе чека да ја симнат оние што ја испратија таму. Со помош на народот или Бог, секој според своето верување

Се случува понекогаш во животот (почесто како желба), да се направи необично свртување или свртување од обичното. Да се отвори крстопат каде што патот бил прав и предвидлив. Да се избере трето од две понудени нешта. Така и со оваа колумна сакав да свртам од вообичаените теми, да почнам на пример, од крајот на една „Сказна за крај“ (на Љубомир Цуцуловски): „Си живееле еднаш едни среќни луѓе…“
Но стварноста ме разубедува и одвратува од светот на сказните во светот на евтини приказни. Подобро да го одложам таквиот почеток за некое идно време и некоја идна колумна, кога (крсто)патот таму ќе ме однесе. Засега, поблиску до стварноста е една друга (наша) приказна: Си живееле еднаш едни не баш среќни граѓани во една не баш северна земја… И продолжува:

Беше Водици, ден кога се слави крштевањето на божјиот син и се фрла крст во водите (според оние што го бараат), односно се положува како влог за подобро утре (според оние што го фрлаат). Многу граѓани-верници скокнаа да го извлечат од заматените води.

Едновремено, се славеше (од страна на неопходното мнозинство народни претставници) и фалеше како неопходно (од страна на меѓународните претставници) прекрстувањето на татковината и народот – правото на самоопределување беше распнато на крст, а Уставот го фрлија во вода (според оние што го бараа), односно го положија како влог за подобро утре (според оние што го фрлија). Малкумина граѓани-правници скокнаа да го извлечат од заматените води.

Молитвата на едни беше дека сета неправда на земјата ќе ја позлати Бог, други веруваа дека народот е единствен што може неа да ја позлати, трети веруваа во чудотворните моќи на новото златно теле, кое порасна во воинствен јунец, четврти ги оплакуваа јаловите надежи во позлатата, петти… петтиот број стана оној чие име не смее да се изговори…

Нашата приказна овде застанува и ќе продолжи таму каде што застана(вме).
„Чудно“ е тоа некое правило во животот – да продолжиме од онаму каде што сме застанале, ни понапред, ни поназад. И како во секое правило, и во ова има нешто добро и нешто лошо, па, така, добро е што знаеме на што сме, а лошо – што уште сме таму кај што сме, а би сакале да не сме, да сме, да речеме, малку понапред (во наученото и сработеното), или малку поназад (во времето, а заради постигнување на напред испуштеното). Маката, меѓутоа, е во тоа што со нас не застанал ни светот, ниту нашето време за исправка и престој, да нè почека да здивнеме колку што ни треба или мислиме дека ни треба, туку врти ко вртимушка и шарена вртелешка – на привидно патување во претплатен круг. Кружно или не – одминува, а животниот часовник слично на песочниот – се свртува само еднаш, освен ако не веруваме во самсара (циклусот на реинкарнација кај источните религии).

Но повторно, пореален ми се чини непрекинатиот историски круг на одрекување на нашето право на самоопределување (надграден со самоодрекување) и стварниот круг на сиромаштијата (последните анализи говорат за половина милион граѓани во Македонија што живеат во овој (о)круг). Еден стих на Боб Марли вели да се бара своето дури си на земјата. И време за исправање има само кога си во кругот, дури се паѓа и истекува песочниот часовник, што ја враќа и оваа колумна на крајот на претходната, на приспивната за Македонија (како што забележав – чудно е некое правило во животот да продолжиш онаму каде што претходно си застанал, ни понапред, ни поназад). Човек што патува се буди онаму каде што задремал – на истото седиште, а дали и каде ќе го раздени, зависи од тоа колку долго спиел, и особено – дали и колку другите не спиеле. Повеќето соништа, пак, не се бранат со спиење, туку со будност и труд.

Најсвеж сезонски пример: откако нè „изненади“ обилноста на снегот, нè „изненадија“ и брзото топење и откривањето на ѓубрето под снегот, кои ги затнуваат одводите и ни приредуваат потопи, што повторно нè враќа на старото седиште, поточно на нужноста од дуријата/лопатата или најточно – да се земе в рака. Нема друг начин за справување со ѓубрето, да се одзатнат одводите и да се спасиме од потопи – дурија, лопата или копач, тоа се ладните алатки/орудија за чистење на снегот, но денес полесно се посега по ладно оружје одошто по ладно орудие. „Правилото“ нè следи насекаде – на рамно и нерамно, наугоре и (посебно) наудолу, во двор и држава, од денес за утре…
Кога паѓаат тешки снегови и кога паѓаат тешки одлуки. И (особено) обратното – кога се топат снеговите и сјајните привиди. Некои снегови и привиди се топат побрзо, а некои ќе „држат“ до напролет. На осојни, скриени места – и подолго, па и до следните снегови/привиди, додека некои места од земјата и историјата ќе останат замрзнати за многу генерации по нас. Ќе остане и енигмата како е можно на плоштадот „Синтагма“ во центарот на Атина да има повеќе противници на договорот од Преспа одошто на плоштадот „Македонија“, во центарот на Скопје? И како е можно да се позлати она што уште не е обликувано и поминато низ трудот на рацете? Каква е таа иднина без глината на сегашноста?

Се чини извесно дека по уставните прекројувања (поточно сакатења), а со тоа и на правната држава, Македонија ќе преживее како хендикепирана држава, а по изведениот закон за двојазичност и како киднапирана. Извесно е дека и одговорните за резовите ќе го свртуваат погледот од нагрденото институционално и идентитетско ткиво, кое (залудно) ќе чека на ветеното позлатување во иднината од своите сегашни џелати. Како што осакатениот војник во делото на Лаза Лазаревиќ „сето тоа народот ќе го позлати“ го чека својот надомест од државата за загубеното и жртвуваното.
Како лекар, Лазаревиќ ги сведочел страдањата на воените инвалиди во Српско-турската војна од 1876 до 1878 година и ја осветлил како писател срамната страна на војната, држена во темницата на националните идеали. Преку ликот на синот на Благоја казанџијата, Лазаревиќ ја слика судбината на воените инвалиди, набрзо заборавени од средината и со бедна компензација од државата, препуштени сами на себе и осудени на живот без достоинство и просење за голо преживување. Татковото уверување дека изгубеното од снагата и способноста, народот ќе го позлати (кога државата не умее), брзо излитува и е заменето со „сето тоа Бог ќе го позлати“. На крајот и оваа фраза излитува како неупотреблива утеха и лажна надеж. Како ниедно пред тоа, ова дело е критика на нехуманиот однос на државата кон оние што се жртвувале за неа.

Со чинот на преименување на државата и особено со начинот на преименувањето, и оние што ги положиле своите животи за оваа држава се небаре преименувани во залудно фрлени животи. По еден ваков чин, кој или што ќе ја позлати нивната жртва? И како ќе го обелат образот сторителите, кога ветената позлата изостане или се излупи до голата суштина на нештата, соочувајќи нè со сопствената голотија како општество и држава?

На сета мака, Скопје изби на врвот на листата на најзагадени градови во светот. По него и други градови во државата. Треба ли да веруваме дека некој однадвор ќе го позлати воздухот што го дишеме? Дека ќе ја нахрани достоинствено „армијата“ од половина милион осиромашени граѓани? И уште толку што од неа стравуваат? Како во културен натпревар со народите со гладен народ? Како во „поход“ на европските оркански височини со армија со скршен ’рбет?

На Водици, кога скокачите не успеваат да го најдат крстот на дното, им се фрла/положува уште еден крст. Македонија е единствената држава што ја имаме, сама е на крстот и во матните води. Таму, или ќе научи да плива или ќе потоне на дното, ако претходно не ја разграбаат. Или ќе најде начин да воскресне или ќе чека да ја симнат оние што таму ја испратија. Со помош на народот или Бог, секој според своето верување. И мојата колумна мора да застане таму од кај што не може да продолжи сама, а ако (како што напиша професорот Цуцуловски) „некој некогаш, сеедно кога, го чуе продолжетокот (на сказната за среќните луѓе), нека го напише – ќе биде добро за сите нас“.

Авторот е магистер по мир и развој и поет