Северна: проект на европскиот фашизам (3)

1245

Тоа е тоа, драг читателу. На Грција античкиот македонски културно-цивилизациски имот, а на Бугарите, како и Грците лакоми за туѓото, целиот средновековен, од Кирил и Методиј, Климент, Наум и Самуил па натаму сè до преродбенскиот XIX и првата половина на XX век, до АСНОМ, со што и Европа заедно со Бугарите (оти тоа го откри преспанскиот геноцид) ја извлече пак геноцидната теза дека Македонците се вештачка нација на Коминтерната. Боже мил! А името што го задржале во душата и свеста и покрај сите катастрофи и историски голготи тие, што е тоа? Е тоа, сепак, не може да се игнорира! Затоа рекоа Брисел и Вашингтон, новите Римјани, фиданка на Нерон и Калигула, и нашите околни сатрапи, од кои сега еден од нив е внатре и диригира со нас, дека нема друго чаре, освен Македонците да се преименуваат и засекогаш да се збришат од историската и културно-цивилизациска меморија на светот. И така го сторија тоа. А за тоа ги најдоа, рековме понапред, како ефикасна алатка за притисок и Гегите на Али од 2001-та, плус, што е важно, македонските шарени и други изроди заседнати по невладините на Сорос и УСАИД. А пред сè она чудо и чудовиште од политичар од Муртино, кое е пак востоличено во ЕУ-амбасадорската свита кај нас, сега предводена од симпатичната, ама прецизно исполнителна, интровертна Кале Кејт, која, чудно, ниту можеме да ја чуеме, ниту да ја видиме, иако не е воопшто чумава како Бејли. Симнувам капа пред нејзината длабока интелигенција, драг читателу. Секоја чест.

Нам Македонците ни се префрла дека фантазираме со некаковси меѓународен заговор во врска со нашата трагедија. Но не е така, оти тој во нашиот случај е и повеќе од очигледен. Него го затскрива успешно фактот што сме мали и „безначајни“, но го открива истовремено и разголува фактот што имаме енормно голема историска и културно-цивилизациска меморија, која не се вклопува во западната римска шема на Европа и нејзиниот историско-цивилизациски фалсификат со Грција во која таа е патолошки вљубена како своја генеза, па како што вели Д.Х. Лоренс сè трупа бескрупулозно во нејзината цивилизациска вреќа. Па и обновата на европскиот фашизам со убивањето и протерувањето од родните огништа на Македонците од Егејска Македонија 1948 г. се вклопува во сликата на таа до бескрај лакома вреќа, исто како и Бугарската. И Черчиловите бомбардери, драг читателу, имено, се најновиот по Втората светска војна маестрален евроцивилизациски вовед кон Преспа 2018 г. А сè под изговор дека ни се нуди светла европска иднина, извлекувајќи нè божем од варварската балканска кал. Арно ама и тука се лизна Европа кога оној политидиот од Брисел Хан му рече на политичкото чудо и чудовиште од Муртино да примениме балкански методи, за што побргу да се нивелира отпорот на народот и гилотинира во „просветителски“ европски стил главата на Името. И така и се случи тоа. Добро, ама и тука доаѓа до израз скриената потсвест што излегува на површина со она што се дефинира народски како „ишкање на мувата од капата“. Оти, на пример, од кај доаѓа изразот шовинизам што им се натоварува на Балканците. Пак негде од Европа. Од францускиот генерал Шопен. Па и поимот садизам, кој го применува таа како колонизатор, и особено сега во идентитетскиот погром на Македонците.

И тој е изум на еден Французин, Маркиз де Сад. Па дури и мазохизмот, кој, пак, доаѓа до германскиот барон Мазох. Оти Германците, за разлика од Французите и Британците навистина имаат нешто изразито мазохистичко во нивната психа. Најубаво го илустрира тоа нивниот вазален однос кон Американците по Втората светска војна што трае до денес. Ама тие пијат и од коктелот што е мешавина од садизам и мазохизам, што доведува до кентаурската синтагма садомазохизам. И тоа посебно дојде до израз, пак, сега, со македонската идентитетска ликвидација. Него на врвно ниво, имено, маестрално го демонстрираше фрау Меркел, која експресно ја посети Македонија не за економски да ѝ помогне, туку да помогне што побргу таа да се погребе идентитетски. Како и што се случи тоа. Со тоа таа наеднаш во полна светлина се покажа како некој вид пософистицирана инкарнација на нејзиниот фирер. Како ќерка или внука. Сеедно.
Еве. Доволно причини за идентитетска ликвидација на Македонците изнесовме, драг читателу. И повеќе од доволно, иако за тоа можат да се напишат барем неколку дебели томови. Но нашите индолентни академици и универзитетски фотелјаши немаат абер да го сторат тоа, притоа и со намера аналитички да ја разголат лажната слика за Европа како врвна демократска и хуманистичка цивилизација, како што во основа се претставува таа. Но долгиот вовед за кој ми забележуваш веќе и не е класичен вовед во главната тема. Во нашиот случај во овој есеј колумна тој е самата тема.

Дури можеме и тука да ставиме точка. Но мораме да дадеме и мала хронологија, преповторувајќи некои настани и факти, за македонската голгота, која според европската врвна математика би требало да е финализирана со Преспа 2018 г. И тоа само со една за нив безболна придавка северна. За нив безболна, ама за нас смртоносна. Во поновата историја таа хронологија, рековме, почнува со Берлин 1878 г., кој го отвора патот на пеколот за Македонците, Букурешт 1913 г., со кој она што останало од живиот организам на Македонија од европските цивилизатори се распарчува и им се фрла како подарок на околните кон нас настрвени балкански хиени: Грција, Бугарија и Србија. Ама со еден мал дел се офајдува (Мала Преспа и околината) и Албанија. Арно ама Албанците својот кусок, потпомогнати од ЦИА, НАТО и Вашингтон сега експресно го дополнуваат. Па потоа, зарем не е глупаво сега ние Македонците да веруваме уште дека Јенките, светските каубои ни се пријатели, драг читателу? Зарем навистина можеме да бидеме толку глупави и идиоти.
Но продолжуваме. Сепак на Македонија ѝ се насмеа најпосле колку-толку среќата со хаосот на Втората светска војна од која таа излезе како кристал со АСНОМ во рамките на Југославија и признаена во својот автентичен генерички идентитет. Иако пак како крваво торзо. Но тука се јазикот, откриеното битие и еросот на креативната енергија што брза со големи чекори да го дополни загубеното низ столетијата. Пролетерската интернационала со мечот на Правдата и Вистината си ја заврши тука работата, иако после со тоа соседите, а потоа како што гледаме и Европа нè удираа по нос дека сме вештачка нација создадена од Коминтерната. Па и Черчиловите бомбардери во Егејска Македонија беа со таа теза. Како резултат на неа македонското малцинство, особено во Грција и во Бугарија, до денес е стигматизирано и непризнавано, асимилирано со насилнички мерки. Сепак делот што беше во рамките на Југославија (кој како сака нека вели) го уживаше својот идентитет, му се радуваше и креативно силно го надградуваше и откриваше.

Така. Ама дојде распаѓањето на Југославија и ние некако среќно по мирен пат се раздвоивме од нејзиниот воен хаос, па и екстатично се израдувавме оти во 1990 г. прогласивме, и со референдум, самостојна република Македонија. На радоста ѝ немаше крај, ама наскоро ќе се покаже дека таа „самостојност“ е шуплива, па новата Република набргу со забрзани чекори ќе почне да ги губи својот суверенитет и самостојност. Западниот европски анимозитет кон Македонија и Македонците повторно проработи. Мораше таа радост и откровение да се стопираат и да започне да се реализира добро подготвениот од Брисел и Вашингтон, а во соработката со балканските сатрапи Грција, Бугарија и Албанија, пред сè, оставајќи ја сега засега Србија во заднина, план за целосна детронизација, односно достолчување на столченото племе, дамнешен трн во окото на Вавилонската, сега со седиште во Брисел, ороспија. И веднаш се удри врз ’рбетот на Името, најважниот идентитетски знак што ја содржи и ја влече низ милениуми и столетија целокупната наша меморија што ги надраснува границите на племето, национот и се излева во светски простор. Во неа е залегната идејата на Александар Македонски меѓу другото и за обединување и проткајување на Истокот и Западот, на источниот и западниот дух и култура, монументална идеја, која по него никој не ја замислил во таков обем и не повтел да ја реализира. Богатите нации на Западна Европа, да, се обидоа да го сторат тоа, но на колонијалистички асимилаторски начин и за материјален профит, востановувајќи го новиот светски глобализам и корпоративен робовладетелски поредок за што сме сведоци денес, и покрај божемниот западен хуманизам за економска благосостојба и културно издигање на колонизираните. За изградба како што мисли перфидно Винстон Черчил на „стабилни системи“, управувани негде на посуров, а негде на поблаг софистициран робовладетелски начин. На начин на кој тоа го правеа Римјаните, железната Римска Империја, чиј метод на владеење го прифати и наследи Европа, одбивајќи го Македонскиот што не ѝ одговара на нејзината тоталитаристичка, супрематистичка нарав.

И затоа треба да се избрише секој спомен на Македонија и Македонците, односно во краен случај, како и што го прави тоа Брисел заедно со Вашингтон, тие да се вглобат со западниот Дројзенов фалсификат во западната грчко-римска гладијаторска слика на светот како Грци. Така и почна уривањето на новата божем „слободна“ и „самостојна“ балканска република: со страшен напад на идентитетот преку уривање на Името. Така и беше изнудено од првиот нејзин претседател Киро Глигоров, наивен (но не смееше да биде таков) Киро Глигоров да бидеме обезименети, идентитетски обезглавени со депонирање на она глупаво БЈРМ во ООН како знак – претставник на нашата безличност. И тоа беше сигурниот почеток на нашата идентитетска деструкција што завршува со финалето во Преспа 2018 г. Но според планот на Брисел и на Вашингтон, безмилосно прецизен, имаше уште работа за да се стигне до таа темна свеченост на западната цивилизација и балканските хиени и сатрапи. Ред по ред, тула по тула. Па уште Глигоров во таа цел, свесно или несвесно, под притисок или самостојно, сеедно, го исфрли силно во оптек мултиетничкиот карактер, наместо националниот суверенитет, на новата македонска држава. Тоа како што ќе се види подоцна ќе биде трагична грешка за разнебитување на тој суверенитет. Тука сè уште на почетокот и некои битни измени по идентитетот во уставот и менувањето на усвоеното национално знаме наследено од Античка Македонија на Александар. Западниот булдожер е пуштен на работа на укинување на македонскиот генерички суверенитет. Дадени се повеќе од јасни знаци, а најјасен и по сè изгледа најсуров е оној со таканаречената Лисабонска декларација од 1992 г.

Таа во основа е par exellence фашистички документ за уште една објава, и пак со примерот врз Македонците, за обновата на европскиот фашизам по победата над Хитлер. Тоа е страшна фашистичка декларација со која всушност му се забранува на еден народ да се вклопи во современите текови на цивилизацијата доколку не се преименува, што со други зборови значи доколку не се идентитетски самоубие. Или не дозволи друг да го убие. Или и едното и другото: убиство и самоубиство во заедно, врвна европска перверзија, како што и се случи тоа во Преспа, драг читателу. Да полудиш, ама цивилизаторите од Запад не ти даваат право ни на тоа.
Така. На тој начин со таа шизофрена европска декларација целосно беше задушена визијата на Гоце (етничкиот Бугарин на Пендаровски и оној недефиниран Денко) за „културен натпревар меѓу народите“, за „светот како поле“ за тој тип на натпревар. Финито. И тука од потсвесна Европа избива на површина не македонскиот, на култура и космполитизам, туку римскиот модел на владеење со сила и личен профит за лична како економска така и културна благосостојба. Фактички грчко-римски модел против кој како што е добро познато Македонците се бореле уште во антиката. Така, во Античка Грција, како илустрација на тоа, драг читателу, како што веројатно знаеш; на Македонците не им било дозволено учество на Олимписките игри што ги организирала Елада, само затоа што не се Грци, па затоа тие организирале свои игри од другата страна на Олимп. Е сега, нели ти е јасно од кај е наталожен супрематистичкиот ариевски слој во колективната психа на Европа, драг читателу.

Од Грција и Грците, кои се однесувале во антиката супрематистички дури и кон едно такво моќно племе како што биле Македонците на Филип Втори, сè дури не ги покорил потоа со меч и дух Александар Македонски, кого тие и Европа што страда од грчкиот супрематистички, и насилно со фалсификати надуван грчки синдром, го погрчуваат, а неговата цивилизациска епоха позната како македонизам ја преименуваат, само и само да не е македонска, во хеленизам. Да. Рековме, Античките Македонци први во светот го укинуваат ропството и робовладетелството, кое Западот денес го практикува под претекст на цивилизирање на варварите и создавање „стабилни системи“ во нивните профитабилни колонии. Европа притоа изворот на својата демократија, која е многу сомнителна, пак ја бара во Античка Грција, а не во Античка Македонија каде што вистински се практикувала таа. Оти, познато е дека ропството и робовладетелството во Атина не биле укинати и цветале дури и за времето на најпрогресивниот и најкултурен атински владетел Перикле.

(продолжува)