Светлосниот утопизам на Тесла (5)

371

„Светлината за мене е Бог“ – Тесла

До денес не се знае кое и какво е тајното оружје на Тесла, кој можеби и за негова среќа замина од овој свет две години (1943) пред да бидат фрлени американските атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки во август 1945-та, па не можеше да види дека бил во заблуда со идејата поврзана со неговиот замислен изум со „смртоносните зраци“. Оти и тој, како Достоевски, на поинаков начин ја замислуваше светската држава на мирот, која во основа не се коси со религиозниот теократски концепт на рускиот писател. Оти и тој, како него, беше дотаму безграничен утопист што утопијата му ги затвораше очите за суровата реалност, без разлика што не беше рамнодушен кон неа. За разлика од многу потрезниот Ајнштајн, кој исто така беше голем пацифист и кој постојано нагласуваше дека науката ги урива сите бариери и дека кога политичарите би ја имале свеста на научниците и би се однесувале како нив, повеќе не би имало бесмислени катастрофи, какви што доживуваше впрочем Европа и за време на неговиот живот. Едноставно, и неговиот наивистички утопизам, сега особено што се однесува до научниците како идеални пацифистички битија, не му дозволи да ја види другата страна на медалот: имено, дека има и научници со расиплив карактер и етика, кои ќе бидат манипулирани од политиката и политичарите за нивни деструктивни цели. Па, така тие и ја произведоа атомската бомба, искористувајќи го златното откритие на Марија Кири, ураниумот, не за добро на човештвото, намената што таа му ја даде нему, туку за зло. Како што денес (мала дигресија) тие по сидата и еболата во своите мрачни лаборатории на умот го измислија за нечија демонска цел, драг читателу, и коронавирусот. Оти и во науката, како и во другите области на човековите дејности, едни работат за светлиот, а други за темниот ангел. Некои и за едниот и за другиот.
А Тесла со целото свое битие работеше за светлиот Ангел, оти тој уште пред зачнувањето бил делегиран во овој Каинов проколнатнички свет, имено, како пратеник на светлината од самиот Создател. Тој кој и не случајно неа ја измислил и востоличил како владетелка во вселената првиот ден од создавањето на светот. Така сведочи Светото писмо. И дали бил како научник Тесла рационално свесен за таа своја мисионерска улога или не, не можеме да знаеме и поради фактот што тој своето его не го туркал пред идеите на својот до ниво на илузија утопизам за среќа на човекот и човештвото. Таа за која, имено, е и роден тој. Не за сопствена, туку за среќа на другите. Оттука и не случајно тој целиот свој живот ќе остане занесен хелиотроп. Многу повеќе од Њутн (па и од Гете, њутновец во основа), кого светлината пред сè го привлекувала и ја изучувал од научен аспект, без притоа макар и метафизички да размислува и за неа како конкретен, применлив симбол за човековата среќа.

Неговата фасцинација не излегувала, како кај Тесла, надвор од неговата призма што ја купил со прстенот на својата свршеница, проучувајќи го феноменот на боите, едно од најубавите Господови чуда. Тоа што го сфатиле и Гете и Новалис, па во сјајот на кристалите и скапоцените камења препознавале аменација на божјата свест.
Теслината фасцинација од светлината интуитивно, како што веќе стои понапред, се јавува уште во раното детство, со сликата на мачорот чии влакна при галењето фрлаат искри во темната ноќ над Лика и Смиљан. Да. Но тој посебно својата светлосна фасцинација, речиси сетилно ќе ја зацврсти кога ќе налета на книгата на Жак Лоб „Присилни движења“, чиј хелиотропизам изнесен во неа ќе удри моќен инспиративен печат врз неговото битие. Имено, во неа Лоб ја изнел својата фасцинантно сугестивна теорија дека светлината има моќ да ги контролира пониските дорми на организми. И таквото спознание, Тесла го доживеал епифаниски, како откровение. Подоцна тој вели дека таа откровенска теорија се трудел и практично да ја демонстрира „во секоја постапка и мисла“, вглобувајќи ги во секој негов акт, било „физички или ментален“. Ете, таков чудак, „чудниј человек“ (Лермонтов) бил тој балкански гениј што го однеле патиштата во Америка за да ја подигне на ента степен нејзината економска моќ, со име и презиме Никола Тесла. Тесла, простата дрводелска алатка што ја сугерира тој поим, измислена на самиот почеток од човековата цивилизација, во железната епоха што настапува во доцниот неолит. Алатката која, како еден од раните човекови чудотворни изуми, сега во средината на рационалниот индустриски XIX се раѓа пак за среќа на човекот и човештвото во Смиљан, но сега како човек. Фасцинантно. Да, и токму таа тесла сега како Тесла ги обработува едноставно, бидејќи секоја генијалност е таква, вселенските трупци како тајно знаење наследено од Создателот, и од нив прави волшебни енергетски тркала, динама, турбини, генератори, секакви преносници на енергија за среќа на човекот и човештвото.

Само и само за нив, оти Тесла никогаш не помислил за својата лична среќа, која, рака на срце, сепак тој ја имал во науката, како пустиножителот во молитвата. Оти тој располагал со фасцинантно изострени сетила, ама во крајна мера апсолутно трансцендентални, свети, кои (можеби единствен пример) никогаш не ги употребил за телесна наслада, туку само како антени низ кои, како што би рекол Јунг, ги пуштал да струјат „материјалите на божественото“. Оти и сите пронајдоци на Тесла, без исклучок, практично или како идеја (научен платонист) биле поврзани со енергијата на светлината. Инаку, како можел да ја осветли целата планета со електричната светлина на својата наизменична струја, која, како што се изјаснил и самиот, се напојува директно од енергијата на Бог, па во таа смисла на длабоко интуитивно спознание, повеќе на душата отколку на рационалниот ум, тој и ја набљудувал неа на фасцинантните Нијагарски Водопади, кои ги доживеал лектирно од една книга во детството како жива слика на неговиот струен извор од кој ќе пие жедно за неа, светлина (струја), човештвото.
Тесла, далеку од тоа, не бил дарвинист, но, разбирливо, како научник не ја отфрла теоријата на еволуционизмот, иако никогаш се нема изјаснето дека човекот настанал од мајмун. Всушност, тој само прави синтеза меѓу креационизмот и еволуционизмот со тоа што веројатно, и повеќе од тоа, бил свесен дека и самата Дарвинова теорија не го порекнува врховниот Создател. Едноставно, и затоа што зад неа пак стои тој, довршувајќи си го и доусовршувајќи својот проект, кој ги надминува шесте теолошки денови на создавањето. Да. Оти седмиот ден (саботата) тој одмара, за во осмиот да ја заорува браздата на Новиот почеток. Оти, и денес не е дозавршено неговото дело. Дури и ингениозниот Ајнштајн во еден миг мислеше како Њутн и Кант дека се поставени цврстите граници на вселената, ама потоа се појави белгискиот католички свештеник и научник со брилијантен математички ум Леметр, по Милена Мариќ, да му ги растајни неговите и за него нејасни интуитивни питагорејски формули, каде што всушност е скриена тајната за ширењето на вселената, во која секој миг се ројат безбројни галаксии и соѕвездија. Потоа тоа ширење Ајнштајн ќе го дефинира како бездушно. И Тесла и Ајнштајн, големи пацифисти и космополити, постојано размислуваа за причината што го тера човекот на зло.

Тесла притоа се обидуваше да ја разјасни неа со човековата ментална душевна структура, со нејзината каузална функција и слика. Интересно е што тука тој интуитивно се „послужува“ и со филозофијата на индуистичкиот кармизам, дефинирајќи ја својата психолошка и судбинска теорија како еден вид автоматизам на животот. Притоа, по аналогија на функционирање на енергијата во неговите изуми и надвор од нив, како што самиот вели „во недостиг од подобар термин“, тој неа ја квалификува како „вселенска“ и нејзината каузалност ја изведува од некои болни случки во неговите адолесцентни години. Имено, екстраинтелигентен и хиперсензибилен, тој забележал дека секогаш кога ќе го повределе, нанесувајќи му душевна болка, набргу потоа тие што му ја нанеле неа, без исклучок, ќе западнеле во некоја мака. Всушност, тука е на дело и простонародното верување дека злото со зло се враќа, оној универзален закон присутен речиси во сите религиски системи дека: што ќе посееш тоа и ќе ожнееш. А тоа, како што мисли сјајниот француски антрополог Луј Вансен Тома, важи не само за поединецот туку и за цели народи. Имено, во својата книга „Антропологија на смртта“ тој децидно вели, иако звучи само како кармичка хипотеза, дека народите што ќе им нанесат било физичка или идентитетска смрт на други народи (имајќи ги предвид геноцидите на западната цивилизација) ќе умрат со истата смрт. А тоа, поедноставено, значи смрт на цивилизацијата што им носи смрт на други, физичка и идентитетска, или и двете заедно, каков што е, на пример, случајот со Македонците во Европа денес.
Теоријата за кармичкиот каузален синџир Тесла ја дефинира како „вселенска“, таа не е ништо друго туку илузија за божјата правда, која во крајната инстанца ќе биде реализирана со Армагедон и вагата на Страшниот суд горе. Да. Оти многу мирољубиви и кротки народи се одведени како стадо за клање во касапницата на засега најпознатата цивилизација на тој план западната.

Македонците исто така во јуни 2018-та. А тој западен цивилизациски колеж, физички и идентитетски, е карактеристичен и за други народи низ светот, пред сè во ерата на европските колонијалистички походи, во која настрадаа и цели цивилизациски системи, како што се, на пример, тоа Маите, Инките, Ацтеките и Толтеците во Јужна Америка од шпанските конквистадори, екстремно лакоми за злато. Но геноцидната жестокост на Европа, сега амалгамизирана со САД, не престанува, иако божем целофански гарнирана софистицирано како некој вид нов „хуманизам“, оној што по распадот на Југославија на Балканот го доживеаја особено трагично Босанците, Србите и Македонците. Да беше жив, Тесла сигурно тоа ќе го доживееше болно. Болно затоа што тој ја сакаше Америка со една утопистичка екстаза. И тоа не е случајно, бидејќи тој во неа, и покрај сите недоразбирања, особено со сплеткарот и завидливец Едисон, најде како на ниедно друго место во светот поле за реализација на многу од своите научни идеи и изуми. Иако и многу од нив, оценувајќи ги како скапи и неприменливи за директен профит, американските финансиски тајкуни не сакале да ги поткрепат со својот капитал. Тие не ја разбрале, кусогледи материјалисти, ни Теслината безжична технологија, во која, за жал, како со дрогата од американските домородни Индијанци, ужива денешната енормно лакома и речиси веќе без онтолошки епицентар западна евроамериканска цивилизација. Американските финансиски тајкуни не ги сфатија и Теслините проекти на вештачката интелигенција, која благодарение пак на него сега доживува бум во техничките науки.

Во своите автобиографски записи, Тесла кажува дека во 1893-та, кога ги почнал своите истражувања на безжичната технологија, конструирал неколку автоматски механизми што може да се управуваат далечински. Но тие не поминале кај новопечените капиталистички финансиери. Исто така кај нив не поминале ни неговите телеавтомати, кои „поседуваат сопствен разум, а нивниот напредок ќе создаде револуција“. Тука, во таа смисла, Тесла говори и за неговиот чудесен до волшебност автомобил. Вели: „Уште во 1898-та на претставниците на еден голем произведувачки концерн му предложив да се изгради и јавно да се изложи автомобилско возило што самостојно ќе може да извршува најразлични операции, со примена на нешто слично на рационално расудување“. Но и ова не поминало. А Тесла не се разочарал. Со електриката, своите турбини и машини ја осигурил динамиката на американскиот и европскиот капитализам и продолжил и понатаму деноноќно да работи и да ги скицира од својата почетна до завршната точка своите проекти за идното и за столетието по него.

(продолжува)