Светата револуција е спасот на робот – порака до Александар Русјаков

644

Запрашав еден мој пријател зошто го прави тоа и добив одговор дека во минатото слично постапувал. Но Русјаков остана доследен и во следните осумнаесет колумни можевме да го забележиме неговиот писателски талент. Тој и понатаму не сака да пишува за политичките настани што нѐ опкружуваат, но во неговите текстови може да се забележи и борбата што ја води со самиот себеси, предизвикана од неправдите. Сепак успешно го избегнуваше нагонот и се враќаше кон уметноста

Кон крајот на 19 век во Софија меѓу улиците Трговска и Сердика се наоѓаше легендарната кафеана „Ослободување“ во сопственост на крушевчанецот Клисуров, а во внатрешноста посетителот можеше да го прочита натписот: „Влезот за шпиуни е забранет!“ Кафеаната остана запаметена како сврталиште на македонската авангарда и пријателите на Македонија без разлика на нивната идеолошка провениенција – демократи, либерали, анархисти, социјалисти итн. Гостите честопати беа сведоци на другарувањето помеѓу софиската интелигенција и македонските револуционери, а често беше посетувана од македонскиот великан Гоце Делчев во друштво на Ѓорче Петров или гемиџиите. Еден од честите гости во оваа кафеана беше и Атанас Раздолов заедно со Стојан и Роза Попови, Гоце Текенџиев и др.
Од сите интересни карактери што ја посетуваа оваа кафеана ние би се задржале на Атанас Раздолов, познат и како дедо Раздолчо. Но кој е тој? Неговите непријатели не штедеа зборови и го клеветеа дека е луд, пијаница и поткупен. Дека во неговата поезија се крие една длабока горчина, дрскост и цинизам. (Не)пријателите не заборавија да му дофрлат дека работи за отклонување на македонскaта кауза од неговиот јасен и единствен пат. Дека го води низ страничните улици на сепаратизмот, федерализмот, социјализмот и воопшто кон стрмните патеки на бескрајните „изми“.

Да, вистина е дека Раздолов беше социјалист во вистинска смисла на зборот, но тој не беше клеветен поради левичарството туку поради нешто друго. Дедо Раздолчо целиот свој живот ѝ го посвети на македонштината и тоа е неговиот единствен „грев“. Нападите доаѓа од оние што говореа дека бугарството со силата на оружјето во неколку војни треба да го постигне и заокружи санстефанскиот идеал. Идеал што ги импулсира боречките сили и го подготвува духот на Бугаринот за вооруженото завојување како последна етапа кон бугарското племенското единство. Ете, тоа беа зборовите на неговите непријатели.
Но кој навистина беше Раздолов? Во 1895 година го привлече вниманието со револуционерната поезија во која ја опеа борбата како единствено средство на македонските поробени маси за извојување на слободата. Дедо Раздолчо честопати ги повикуваше „Македонците и Македонките да се борат за извојување на слобода за Македонија“ и се обраќаше до „секој чесен Македонец, а пак не е срам и да не е Македонец да се притече на помош за да се формира еден круг од вистински борци и чесни слободољупци“.
Неговиот идеал беше „македонската држава“ во која ќе се реализира слободата. Според Раздолов, „светата револуција е спасот на робот и во револуцијата можеш да бидеш или револуционер – заштитник на робот или предавник – содружник на тираните“. Тој честопати говореше дека „Револуцијата наша… е единствена спасителка, Вие сте ја прегрнале, но прегрнете ја уште по едно душно и вие сте слободни, а поголемо богатство од слободата не постои.“

Кога врховизмот се обиде да го уништи македонското дело, Раздолов заедно со Димо Хаџи Димов, Никола Харлаков, Вл. Димитров, А. Страшимиров и П.К. Јаворов се впушти со страст во таа борба. Тој никогаш не се плашеше да го искаже своето мислење и ги обвини генералот Иван Цончев и Борис Сарафов дека сакаат да го устоличат бугарскиот кнез Фердинанд како цар на Македонија. Раздолов многу јасно ја согледа суштината на македонската кауза и затоа за него Сарафов и Иван Цончев беа националистички, а не „општочовечки патриоти“.
Раздолов остана запаметен како еден од најблиските соработници на Гоце Делчев – срцето на револуционерна Македонија. По смртта на апостолот, Раздолов упорно и енергично ја продолжи борбата, а по распарчувањето на Македонија ја изрече следната вистина – „Обрнете внимание кон блиското минато и вие ќе видите, дека Внатрешната организација, гордо, смело и право во очи ги посочи идните, а сега постојните гробокопачи на Македонија. Борбите кои се случија помеѓу внатрешните и надворешните, не се случија поради ќеф. Тоа беше борба помеѓу ослободители и завојувачи. Помеѓу луѓе на слободата и самостојноста, и такви, кои сакаа само да ги заменат господарите“.

Ако бараме денешен дедо Раздолчо, многу лесно би можеле да го видиме во ликот и делото на Александар Русјаков. Зошто? Русјаков најубавите години од својот живот ги помина во борбата за зачувување на македонското име и македонштината. Притоа беше обвинет дека за искажаните ставови зема стотици илјади евра, имаше гласини дека е следен и прислушуван, а поради своите мисли создаде и моќни непријатели.
Но неговата борба за македонштината заврши во јуни 2020 година кога во својата колумна „Лебедова песна“ објавена во весникот „Нова Македонија“ обелодени дека повеќе нема да пишува за политиката. За причините нема да навлегуваме, прочитајте сами.
Запрашав еден мој пријател зошто го прави тоа и добив одговор дека во минатото слично постапувал. Но Русјаков остана доследен, и во следните осумнаесет колумни можевме да го забележиме неговиот писателски талент. Тој и понатаму не сака да пишува за политичките настани што нѐ опкружуваат, но во неговите текстови може да се забележи и борбата што ја води со самиот себеси, предизвикана од неправдите. Сепак успешно го избегнуваше нагонот и се враќаше кон уметноста.
Далеку од тоа да му ласкаме на Русјаков, но ова е време-невреме. Потребно е дејствување и најмалку Русјаков треба да го потсетуваме дека „молчењето е одобрување“.

Денес во 21 век еден народ се оспорува и се задоволуваат одредени фашистички вообразувања. Никогаш во светската историја немало ваков вид етноцид. Замислете, најфанатичните расисити ги негираа првата на Евреите, но никогаш не го оспоруваа нивното културно постоење. Евреите беа човечки суштества од пониска вредност, но сепак беа човечки суштества со своја култура, јазик и историја. Денес Македонецот во очите на некого едноставно не суштествува! Нема Македонци, нема македонски јазик, нема македонската историја и сѐ така до бесконечност. Каков апсурд!
Нашиот текст нема задни намери ниту скриени игри, верувам дека Александар Русјаков не е пензионираниот војвода Димитар Поп Георгиев-Беровски што во Ќустендил ги набљудува комитите како ја минуваат македонско-бугарската граница и се чуди што прават. Не се познаваме, ама на Македонија ѝ треба „тешка артилерија“. Доста беше одморот.