Русофобија

1402

Можеби и јас не сум многу одушевен од историскиот однос на братска матушка Русија во минатото кон Македонија, која ја христијанизирала и превела во просторот на нововековната цивилизација по Христа, но… И тука не станува збор само за рускиот грев што се вика Сан Стефано. Има и редица други, но сега е друга ситуацијата…

Една од модерните науки што донесоа коперникански пресврт во спознанието за човекот како врвен феномен на создавањето е психоанализата, наука за душата, како што ја викаше неа Јунг, која, според него, ќе биде основа на иднината. И не од друго, туку од насушната потреба од неа, бидејќи таа го истражува најнепознатиот и најчувствителен регион на човекот, неговиот внатрешен психолошки живот. Фројд ги отвори широко вратите на таа енигматична наука, изнедрувајќи зад себе цела една славна плејада на негови следбеници. Неговата психоанализа главно беше фокусирана на индивидуата и нејзините неврози, поим што ги покрива речиси сите други нејзини аспекти. Да. Но за колективната психа, или душа, главно се интересираше К.Г. Јунг најталентираниот, ингениозен Фројдов ученик.

Во неговото видно поле беа истражувањата на колективните белези и психолошки симптоми на човековата душа од прастари времиња до денес: неговите стравови, јанѕи, неврози, но и празници, симболи и митови на виталноста на опстојувањето под капата небесна. Да. И не се чуди, драг читателу, за овој краток вовед во психоанализата во врска со насловот на оваа колумна. Има врска, бидејќи и русофобијата, за која ќе проговориме нешто, спаѓа во областа на колективните неврози. Таа е сега основната дијагноза на западниот психолошки синдром, кој се дефинира со поимот: страв од Русија и Русите, можеби најпрвин политички конструиран, но потоа длабоко влезен во психата на западниот човек. Тој страв е од поодамна присутен во Западна Европа, а сега во новото време од него силно е зафатена и Америка (САД), која од борец против фашизмот со атомските бомби што ги фрли врз Хирошима и Нагасаки, кога беше победена Хитлеровата оска, го промовира новиот фашизам.

Сведоштво за тоа се нејзините пеколни војни на сите четири страни на светот: Виетнам, Ирак, Либија, Авганистан, Сирија, Србија (…), па и Македонија во 2001-та со нејзиното спонзорство на албанскиот тероризам врз Македонците, итн. Крајот, пак, на оваа планетарна калварија сега за сега не му се гледа. Новата железна римска империја е безмилосно сурова. Водечкиот умен американски интелектуалец, универзитетскиот професор, многу до бескрај различен од нашиот Фрчковски, Ноам Чомски во тој контекст напиша и неколку книги за американскиот државен тероризам. Формулација што ни најмалку нема да им се допадне нашите амеро и евромитомани. Да. Но јас, сепак, му верувам бескрајно повеќе на Чомски отколку ним, кои платенички се вклучени за ширење на западната американска и европска хистерија против Русија и Русите. Повеќе му верувам на Чомски отколку на нашиот прв министер за надворешни работи Денко Малевски и на неговата солидарна поддршка на Англија во случајот „Скрипал“ и на рускиот боен отров „новичок“ (деминутив од „нов“), стапнат на страшната територија на НАТО.

Малевски хистерично апелира притоа дека „Македонија мора да одбере страна“, што значи Америка и ЕУ наспроти Русија, заборавајќи дека, благодарение на него и нему сличните тоа од поодамна е направено. Уште вели и дека „новичок“ е отровен гас забранет со Женевската конвенција, без притоа да ги земе предвид бескрајните американски, и на нивните европски колонијалистички сојузници, кршења на истата таа, за што плаќаат еден крвав данок милиони жртви во светот како да се бескорисни муви, а не луѓе создадени според божјиот образ. Да е по некој случај жив Владо Малевски, татко му на Денко, кој беше партизан, утопист, писател и хуманист, не сум сигурен што би кажал за својот син и неговата апсолутно некритичка амеро и евромитоманија. Не знам, но сигурен сум дека би се запрашал дали затоа се бореле тој и неговите другари, за да се испили потоа една гнила, полтронска генерација од интелектуалци, дипломати и политичари, кои ќе го урнисаат достоинството на македонската колективна душа. Кои, конечно, ќе ѝ го нагрбат нејзе таканаречениот „стокхолмски синдром“ на „блажен“ мазохизам во кој жртвата е вљубена во својот џелат. Но… Она што е денес, барем на хоризонтот на западната цивилизација, планетарна тема, тоа е повторно разбудениот вампирски макартизам во Америка од средината на минатиот век, кој имаше страшна фобија од комунизмот и комунистите. Нив, пак, тој по инерција секогаш, и денес, ги изедначува со Русија и Русите, создавајќи од нив со сите сили усилија на својата агресивна пропаганда планетарен тотем на стравот.

Сега тој макартистички вампирски пожар, како што тоа редовно бива и со некои други феномени, со брзина на светлината се пренесе во Америка и во Европа, која во своите политички гени всушност и самата го има „вродениот“ анимозитет кон матушка Русија. Но од Европа тој вампирски анимозитет, користејќи ја штедро Соросовата пропагандна машинерија кај нас, Американците „пријатели“ успеаја да го рашират и во Македонија. Па, еве, да не сме подолу од современите политички настани, солидаризирајќи се со Англичаните и НАТО, нашиот министер за надворешни работи, со таквиот духовен и етички багаж каков што го има, пронашол и кај нас некој руски дипломат што „роварел“ тука против нашите национални интереси, што, според него, по дефиниција значи и против европските и американските, па решил „храбро“ и „достоинствено“ да го протера, да се гони во мајчината. Но, притоа, тој сепак манифестира минимум потребна „култура“ и „доблест“, за разлика од неговите западни пријатели, па не го објавува името на протераниот руски дипломат. Демек за да го заштител интегритетот за неговиот идентитет!? Сјајно! И баш му е гајле на мистер Димитров, по неговиот евроатлантски гест, кај ги продаваат своите праски луѓето од Росоман и околината. Главно тој им ја задоволил империјалната суета на Гарет, кој прв му искажа восхит, и на Џес Бејли. А тие, според ’ршумот што го прават кај нас, имено, ако се почитува здравата политичка и национална логика, ги исполнуваат пред протераниот Русин условите за марш надвор од жална Македонија. Ама за тоа ни се потребни здрава држава и чесни и храбри луѓе да ја водат неа, а не подлизурковци и лижигазовци. Прости ми за недостојниот израз, драг читателу, но не можам да најдам друг што поадекватно ќе го изрази таквиот менталитет.

А не мора и ние да се приклучуваме кон западната русофобична хистерија, Западот што од поодамна нè распарчува и понижува, а сега ни подготвил и прецизен план за идентитетска ликвидација. Треба, впрочем, да бидеме свесни дека е трагична европската изолација на Русија. Американската и може да биде некако „природна“, но европската е страшно неприродна. Русија, руската цивилизација и култура се апсолутно природен дел на европскиот цивилизиран организам. Не може да се замисли европската литература без руската (Толстој, Пушкин, Достоевски, Тургенев), музиката (Скрјабин, Мусоргски, Стравински, Шостакович), сликарство (Кандински, Малевич, Шагал), филозофија (Берѓаев, Соловјов, Мерешковски, Розанов), па, ако сакаме, и без руската мистика и сибирскиот шаманизам. Да. Русија го знае тој анимозитет на Европа и на Америка кон неа, па и на нашата политичка и извесна интелектуална полтронерија, која го понижува битието на македонскиот народ. Добро. За Американците тој патолошки анимозитет е и некој вид „природна“ состојба, некој вид „нормална“ работа да се гонат Русите безобѕирно како опасни ѕверови. Но за нив, драг читателу, е нормално да се гонат како дивеч во лов и некои нивни граѓани. Таков, крунски, е случајот, на пример, и со американскиот шахист Роберт Фишер, кому му немаше рамен во уметноста на шахот. Историски, рамо до рамо со него во таа древна игра би можеле да застанат само Пол Морфи (Американец) и Александар Алјехин (Русин). И уште некој. Толку. И за што го гонеа него како ѕвер Американците.

За тоа дека божем затаи некој процент на данок (со што бил оштетен воениот Пентагон). И за тоа Фишер мораше да побегне од „демократската“ Америка дури во Токио (како сега Сноуден во Москва), а животот, запустен и во сиромаштија, да го заврши во Рејкјавик, во студениот но топол во гостољубието Исланд. Да. Безмалку да завршел како Моцарт во некоја безимена општа гробница како заслуга за тоа што ја прославил Америка што сакаше да му ја земе душата за некој незначителен процент неплатен данок, кој, едноставно, хаосниот Гишер не дека не сакал да го плати, туку го превидел. Во секој случај, случајот „Фишер“ е еден од најилустративните примери, драг читателу, за суровоста на Америка чија „демократија“ е демократија на суровоста на капитализмот, кој ја признава единствено филозофијата на материјалниот профит. Духовниот и кај неа е фрлен на ѓубриштето на либералкапиталистичката цивилизација. Толку. Можеби и јас не сум многу одушевен од историскиот однос на братска матушка Русија во минатото кон Македонија, која ја христијанизирала и превела во просторот на нововековната цивилизација по Христа, но… И тука не станува збор само за рускиот грев што се вика Сан Стефано. Има и редица други, но сега е друга ситуацијата: Русија ни е искрено наклонета (веќе го слушам хистеричниот крик на нашите политичари и соросоинтелектуалци од невладиниот камп), па во таа смисла и Путин на претседателот Иванов при неговата посета во Москва не случајно го потенцира фактот дека писменоста во Русија дошла, имено, од Македонија. Со тоа тој ги фрли Бугарите, од Бојко Борисов и Екатерина Захариева натаму, во невидена хистерија затоа што се свесни дека го крадат македонскиот средновековен и нов културно-цивилизациски имот.

Но таа Путинова шифра нашите политичари со стеснета душа и ограничен ум не умееја да ја протолкуваат, заслепени од западниот амероевропски русофобски вирус. Та, нели и еден Самсоненко, кој со сета душа ја засака Македонија и кој вложи, покрај љубов, и многу од својот капитал во неа, се трудат со сите сили да го избркаат од тука. Најмногу затоа што е Русин! А како тргнале работите, богами се плашам, драг читателу, да не ги избркаат, по примерот за „добрососедство“ до Бугарите, од нашите читанки и библиотеки и Пушкин, Лермонтов, Толстој, Чехов… Оти во сè сме спремни да ја реализираме платформата на Брисел, чиј дел е и, како што знаеме, тиранската платформа која, еве, веќе совршено ја финализираме и фрламе во оптек. Сето тоа е толку тажно, бескрајно тажно драг читателу, така што ми иде да го варирам крикот на Пушкин по прочитувањето на Гогољевите „Мртви души“ („Боже колку е тажна нашата Русија!“). Во македонска варијанта: „Боже колку е тажна нашата Македонија!“ Да. Нејсе, сакам оваа колумна, драг читателу, да ја завршам со мојот омилен руски поет Александар Блок. Имено, тој пред крајот на својот живот ја пишува генијалната песна „Скити“ како одговор на еден европски анимозитет и изолација на Русија. Би било добро неа да ја прочитаат во тој контекст Заев, Димитров, Малевски… Па, ајде, и Фрчковски. Во неа поетот ја повикува Европа на братска цивилизациска прегратка. Вели: „О, елате кај нас! / од војната страв што сее / дојдете ни во прегратка вие, / спуштете го мечот, дури доцна не е!“ Но Европа е глува за тој братски повик. Затоа Блок резигнирано вели дека Русија повеќе нема да биде европски штит од налетот на азијатските орди кон неа, ќе биде и таа рамнодушна кон судбината на Европа: „Но отсега нема да сме штит ние, // нити крвта наша за вас ќе се точи, / ќе гледаме само како бојот смртно врие / со своите темни коси очи. // Нема да трепнеме кога Хуните ќе крадат / од џебот на мртвите дури ги влечат, / и ќе палат градови, терајќи в црква стада, / и месото на белите браќа ќе го печат.“ Конец филма. Крај на филмот, драг читателу, и на оваа несоница – јанѕа.

Оти, како што рече Андриќ, кога ја примаше Нобеловата награда, писателот мора постојано да раскажува како Шехерезада за да го избегне мечот на крвникот. Да, ама мислам дека тука бескрајно длабокиот и луциден литерарен гениј го предвидел фактот дека не се сите милосливи како Шахријар и дека, имено, многумина настрадале (мечот се спуштил од Дамокловото влакно врз нивниот врат) поради гревот од раскажувањето. Но тоа е веќе друга тема, драг читателу, и неа, така бескрајна, ќе се обидеме да ја допреме во некоја друга колумна. Сега за сега моите срдечни поздрави кон тебе. До следната колумна.