Робови на слободата

711

Луѓето, драги мои, многу сакаат да зборуваат за слободата! За која било слобода. За каква било слобода. Голем број од нас не се ни свесни дека тоа го прават токму во моментите кога во суштина се заробени и се во ситуација на робови! Но не во онаа маченичка смисла кога човекот роб е окован во вериги и му е ограничена слободата на движење, мислење и зборување, туку во овој час сега, кога ние, современите луѓе, ја уживаме најголемата слобода на движење, мислење и зборување во последните илјада години! Робувањето денес не се практикува како состојба на потчинетост на некој реален физички господар, туку нашето современо ропство е толку перфидно што во краен случај голем дел од нас сме робови на самите себеси! Воопшто не мислам да ги стигматизирам Македонците како народ со специјален робовски менталитет, затоа што ропството за кое зборувам, за жал, не е ексклузивна „привилегија“ само за нашиот народ. Робови се Шкотите. Робови се Ирците. Робови се Велшаните!

Робови се Баските и Каталонците! Робови се и Курдите! Робови се стотици и стотици други народи, најголем дел од нив побројни од Македонците! Напротив, колку е поголем јавниот привид за општите слободи кај определени народи и држави, толку е поголемо нивното робување, во секоја смисла и во секој сегмент од општеството. Боже господе, во какви робови се претворија слободните Американци, Англичани, Французи, Германци, кога без поговор, како деца уплашени од темнината, се затворија во своите домови за да се спасат од нешто што ниту можат да го видат ниту да го допрат а ниту да го отфрлат – епидемија на вирус! „Човекот на слободата“, како што самоуверено се нарече хомосапиенсот роден во Западна Европа и Америка по Втората светска војна, реши да се откаже од слободата и да се стави во саморопство на стравот и неинформираноста во пост Маршал Меклуан епохата, кога светот и навистина се претвори во глобално село.

Колку апокалиптички звучи Џорџ Орвел во „1984“ со една од паролите на современите слободни западни држави – „слободата е ропство“! Најтрагичен вид на ропство е слободата на граѓаните на источноевропските држави Полска и Унгарија, кои во социјалистичката хегемонија и диктатура на пролетаријатот беа најгласните борци за слобода. Тие нации денес, триесет години подоцна, се откажуваат од слободата барајќи слобода надвор од хегемонијата на Европската Унија, која ја доживуваат како ропство кон новиот Советски Сојуз, кој им ја одзема тешко стекнатата стара слобода! М?! Неверојатно! Но одамна престанав да му го берам гајлето на светот, зафатен сум со моето и гајлето на мојот народ и држава! Му се извинувам на светот за овие, признавам, моменти на лична слабост и егоизам! Нашето специфично ропство, драги мои, е во жанрот на постисториската фарса наречена членство во НАТО и во ЕУ!

Голем дел од оние што се бореле за слобода во ропството на социјализмот, титоизмот и колишевизмот и барале ЕУ и НАТО да им донесат слобода на мислење, дејствување и зборување, денес се одрекоа од слободата слободно да мислат, дејствуваат и зборуваат уплашени од истите тие ЕУ и НАТО дека ќе бидат казнети поради нивната слобода слободно да мислат, говорат и дејствуваат! Денешната власт, управувана од децата и внуците на некогашната комунистичка елита што ги казнувала оние што бараа слобода во НАТО и ЕУ, отворено ги предупредува, заплашува и укорува сопствените граѓани дека ако не молчат и не се покоруваат на НАТО и на ЕУ-членувањето, ќе им биде одземена слободата! Каков парадокс! Тоа што до пред само една деценија беше синоним за слобода, денес е синоним за ропство! И никој, ама никој не реагира на ова, ниту од НАТО, ниту од ЕУ, што само ги засилува моите стравови дека и таму слободата еволуира во ропство. Најстрашниот облик на ропство е немањето слобода слободно да определиме што е слобода, а што ропство! Речиси фашизоиден е видот на ропство во кое не смееш да се посомневаш во слободата како единствено правилен избор на ропство! Но како да се бориме против ова?

Како да се победи ропството кое официјално не постои и никаде не е заверено? Лесно е човек да се бори против видлив, препознатлив и јасен непријател. Како да се бориш против нешто што и самото тоа одрекува дека постои?! Шизофрено ли е ова, драги мои? Не. Постоењето на ова ропство се потврдува во фактичкото постоење на државата Северна Македонија, која е мимикрија, лага, камуфлажа на ропството и јавен привид за слободата како суштинско право. Како се случи сето тоа, драги мои? Како станавме робови на самите себеси? Тоа се случи во оној момент кога дозволивме власта да го укине творештвото! Во државата Северна Македонија творештвото и творците се изолирани и заробени во страв. Северна Македонија творештвото и творците ги смета за државни непријатели не само на нивната туку и на државите што таа ги смета за сојузнички! Како инаку да се објасни ситуација во која министер на Северна Македонија, во државата Северна Македонија, пред дипломати во Северна Македонија, свои државјани и медиуми отворено прогласува за непријатели не само на неговата туку и на нивните држави и нации!

Тоа му се случи на медиумот со кој менаџирам! Можно ли е ова во слобода и слободна земја? Не знам. Вие сами оценете. Дали сум јас слободен човек? Дали сум слободен слободно да се сомневам во сопственото ропство на слободата? И тоа не знам. Но знам дека укинувањето на слободата на слободно творење е првиот чекор кон ропство! Забраната за слободно лутање на духот низ пространството на уметноста е изрекување смртна пресуда на слободата и озаконување на физичкото ропството како реалност. Зошто творештвото е првиот и најголем непријател на примитивниот тоталитаризам? Големиот мистик на теозофијата Николај Берѓаев, реплицирајќи му на сопственото алтер его заробено во умот на еден друг филозоф Фридрих Ниче, излезот од ропството го гледа во творештвото.

„Творештвото е ослободување од ропството. Човекот е слободен само тогаш кога е во творечки устрем. Творештвото води кон екстаза на мигот!“ Државата Северна Македонија е ропство на слободата во секоја нејзина форма, затоа што таа држава не може да постои како слободна држава од причина што е создадена од робови на стравот од слобода! Затоа што да се биде слободен значи слободно да се твори и да се создава нова и нова слобода! Дали сум јас слободен човек? Не, драги мои. Затоа што во оваа земја мене и на неколкумина мои сотворци ни ја одзедоа слободата на творештво! И, во тој момент, со изјави на тројца политички кловнови: еден премиер, еден министер за култура и еден директор на агенција за филм, како и во секоја друга фашистичка форма на државно уредување од политички неистомисленици нѐ произведоа во животни непријатели! Зошто? Затоа што нивниот примитивен и тоталитарен ум не може да апсолвира дека за творците одземањето на материјалните вредности не е одземање на слободата, на виталноста, на животот воопшто! Одземањето на слободата на право на творештво е суштинската атака врз нашите животи!

Тие, драги мои, ја нападнаа нашата единствена реална слобода, а тоа е творечката слобода, за која ние немаме никаков друг избор освен да ја браниме со нашите физички животи! Државата Северна Македонија ни објави војна во која има само една единствена можност за постигнување мир, а тоа е отфрлање на ропството и враќање на слободата, дури и по цена на постоењето на државата Северна Македонија. Затоа што единствената слобода што јас ја прифаќам како можна е слободата слободно да живееш во постојана борба за слобода. Не може човек да се нарече слободен ако слободно не избере да не ја прифати слободата што некој друг му ја нуди како замена за сопствената слобода. Прифаќањето да се живее како роб во нечија друга слобода, драги мои, извинете, за мене е неприфатлива и воопшто не ме интересира! Таа туѓа слобода, драги мои, од нас создаде робовски народ, кој веќе и не ја препознава сопствената слобода.

Не ми беше намерата да го етикетирам мојот народ како робовски, барем не само мојот, затоа што ова што ни се случува сега, не ни се случува само нам и не е ниту првпат, а ниту ќе биде последен! Кое ропство го натерало романтичарот Франсоа де Шатобријан во почетокот од деветнаесеттиот век да егзалтира: „Денес во мода е слободата да се прима како цинична насмевка, да се смета за ветоштина, застарена исто како и честа. Но јас не сум во мода, бидејќи сметам дека без слобода не постои ништо на светот, таа му дава вредност на животот, па дури и да треба да останам последен во нејзината одбрана, нема да престанам да ги застапувам нејзините права!“

Сто и седумдесет години подоцна, човештвото повторно е во потрага по слободата. Само што сега ова не е време на романтизмот! Се плашам дека ние сме пред епохи што по нас ќе бидат наречени не баш романтични. И на крајот, „маме му ебам“, извинете што пцујам, но во состојба на ропство, тривијално ми звучи обидот да се одговори со песна на стихот од онаа песна: „кој прв почна“!? Мене денес повеќе ми се зборува за слободата онака како што ја разбирал мојот именик, оној комита и војвода Јане Сандански: животот е борба, робот за слободата, слободниот за совршенството! Ние, денес, сѐ уште сме кај борбата на робот! Да живее слободата!

Авторот е режисер и професор на универзитет