Република Македонија жртва на грчката опсесија

982

Септември годинава ќе биде референдумскиот месец за судбината на името и воопшто на Република Македонија. Во тек е невидена кампања, која треба да го оправда потегот на Владата да се промени името на државата во Република Северна Македонија, а со цел да се влезе во НАТО и во ЕУ. Од неа се бара да се откажеме од нејзиното уставно име, а од нас да признаеме дека сите сме биле „крадци“ на грчката, и не само на грчката, историја.

Тие што не се упатени во историските проблеми, лесно може да го направат тоа. Но тие што професионално се занимаваат со историјата на државноста на македонскиот народ, верувам нема, и не треба, толку лесно да се предадат. Оние што ги обвинуваат историчарите дека даваат отпор бидејќи се професионално деформирани не се доволно информирани за самата суштина на спорот со Грција, односно нејзиното барање за промена на уставното име. Затоа спогодбата со Грција, која наводно „ги решава сите проблеми и недоразбирања“, не е и нема да биде тоа. Историчарите не се професионално деформирани туку се многу повеќе информирани, затоа што прочитале повеќе, имаат увид во документите и ним ќе им биде најтешко да гласаат за самоуништувањето што го носи т.н. „преспански“ договор или, поточно, за самоуништувањето на сопствената струка.

Колку за потсетување, во текот на Втората светска војна и Народноослободителната борба на Македонија (1941-1945) македонскиот народ застана на страната на антифашистичките сили. Влезе без никакво изнасилено, но праведно барање да учествува во ослободителната војна и, како резултат на тоа, ја извојува својата национална држава во рамките на југословенската федерација. Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ од октомври 1943 година првпат беше ја објавил програмската определба за иднината на македонскиот народ и за Македонија за самостојна држава на македонскиот народ, програма што беше потврдена со сите следни државотворни активности (трите заседанија на АСНОМ 1944-1945 год.) и уште со сите четири устави на новоформираната држава (1946, 1953, 1974 и 1991).

Македонскиот народ, во пошироката смисла на зборот, со сите етнички заедници, ја имаше поддршката од земјите што учествуваа во војната на страната на антифашистичките сили. Сите тие го поздравија формирањето на македонската држава како резултат на вековната борба на Македонците. Никој не го оспори тоа што се случуваше во Македонија туку, напротив, не само од големите сили, поддршката Македонија на својот пат ја доби дури и од спротивставените балкански држави и наши соседи. Но по завршувањето на војната некои од антифашистичките земји, мотивирани од своите интереси, почнаа да создаваат нови сојузи, од кои некои опстојуваат и денес, но некои и се распаднаа. По Втората светска војна не се случија ниту некои поголеми промени на границите дури и на сметка на оние држави што беа припадници на фашистичката коалиција. Некои го бараа тоа, но не го добија тоа.

Грција беше една од нив. Таа, опседната со „опасноста од север“, со „опасноста од словенството“, побара такво менување на границата кон север на сметка на Бугарија и на Македонија. На дело се потврди мислата на Винстон Черчил дека во политиката нема пријателство туку само интереси. Но се покажа дека и сојузите, кон кои неприродно се турка Македонија, не се вечна туку менлива категорија. Нејзе денес ѝ се наложува невиден преседан. Таа треба да биде единствената држава во светот што сама треба да си го промени своето име за да се најде во сојузи што сѐ уште не ја издржале проверката на времето.

Факт е дека во наоѓањето „аргументи“ за „словенската опасност“ Грција успеа да ги убеди европските сојузници дека името Република Македонија не ни припаѓа нам. Тие „аргументи“ се јавија веднаш по завршувањето на Втората светска војна, во 1945 г., пак, како резултат на новите сојузи во кои таа влегуваше. Монархистичка структура во Грција видно ја пласира тезата за „опасноста од словенството“, не само за Грција туку и пошироко. Така, Македонија беше прогласувана за „творба на Коминтерна“, дека зад нејзиното име стојат „Титовите територијални претензии“ и слично. Се разбира дека уште оттогаш постојат мноштво документи што укажуваат во што е суштината на спорот за името, но некои се најкарактеристични, бидејќи потекнуваат од грчки извори. Ќе укажеме на некои од нив.

Монархистичката влада во Грција, барајќи оправдување за сопствените проблеми и за избувнувањето на Граѓанската војна во Грција во 1946-1949 г., на кои таа им кумуваше, беше принудена да пронајде виновници. Најде виновник во „словенската опасност“ за Грција, теза што оживува и денес. Тоа мошне сликовито го потврдува и Пленумот на КПГ (Комунистичката партија на Грција) од 8 јули 1947 година. КПГ била политичка партија што во однос на ставот кон македонското прашање не била многу различна од монархистичките партии во Грција, но во тоа време реално ги прикажувала состојбите во државата и причините за Граѓанската војна во неа. Во својата резолуција од 8 јули 1947 година, меѓу другото, се констатира: Нападот на животот на народот и заострувањето на граѓанската војна се случува во името на „словенската опасност“, која секогаш добива различни форми во согласност со американските интереси и со англиската окупација. „Словенската опасност“ стана знаме за да се прикрие целосното поробување на северна Грција од Американците и Англичаните и со предавството од монархофашизмот. „Словенската опасност“ е претворена во најголемата антинационална теорија што на северна Грција ѝ донесе и ќе ѝ носи нови катастрофи, кои не ќе може да се поправат.

Теоријата за „словенската опасност“, кредо на монархофашизмот… е причина за катастрофалната граѓанска војна, гладот и сиромаштијата на северна Грција. За последниве 15 дена оваа „словенска опасност“ е претворена во голем заговор против демократскиот народ на северна Грција и КПГ. Удрија еден лажен клеветнички напад поради божемните злосторства на КПГ со бучното удирање на тапанот… Во иднина треба да очекуваме други такви завери и сплетки со подобрена едиција против народот на северна Грција, ЕАМ-овците и комунистите.
По потпишувањето на југословенско-бугарските договори за пријателство и соработка меѓу Југославија и Бугарија, истата година во Грција се кренала бура од незадоволство. Иако грчките интереси со тоа потпишување не биле со ништо загрозени, стравот од „словенската опасност“ во Грција не стивнувал. Во една од грчките анализи на таа состојба се вели: “…Словенството, да бидеме поточни, сака се Тоа е аждер. Но, за да добие сѐ, нему му е потребен еден истурен аеродром. Бази. Тоа може да се најде само во Грција. Ако комунисто-словенството не ја земе Грција, нема да се изврши големиот план на пансловенското ширење…“

По 1951 година, Југославија и Грција имале потреба од подобрување на односите. Во 1954 година се подготвувале и се реализирале неколку посети на највисоко ниво. Меѓутоа, „словенската опасност“ во политиката на Грција била присутна на поинаков начин. Грција побарала отстапки, кои ѝ биле задоволени на сметка на Македонија. Било забрането излегувањето на весникот „Глас на Егејците“, орган на емигрантската организација во НРМ, и издејствувана забрана на научната книга на Лазар Мојсов „Околу прашањето на македонското малцинство во Грција“, која и денес скапува во депоата на Државниот архив, како и други отстапки.

Но факт е дека прашањето за името на НР Македонија никогаш не било поставувано. Напротив, грчките премиери Георгиос Папандреу и Константинос Караманлис, иако жилаво се бореле за грчките интереси, го признавале југословенското уредување такво какво што било, со истите тие републики (држави) во нејзиниот состав. Ова Караманлис, еден од најпознатите грчки политичари, особено го нагласувал. Од познати причини, редовно се инсирирало на непостоење на македонско национално малцинство во Грција, но не и на непостоењето на Народна Република Македонија со тогашното и денешното нејзино уставно име.

Стравот од „словенската опасност“ денес се демонстрира преку нова, секако нелогична и форма без преседан во „Преспанскиот“ договор. Покрај промената на името, негирањето на македонскиот национален идентитет, историја и култура се присутни, но добро закамуфлирани грчки тези и тие секогаш ќе бидат предмет на нови спорови. Уште е повидлива суштината на барањето за промена на името на Република Македонија во Република Северна Македонија. Не треба да се занесуваме дека е постигнат добар успех, со кој сме го решиле проблемот на добрососедство, идентитетот, како и сигурниот влез во ЕУ сѐ додека постои грчката опсесија спомната понапред. Притоа, сепак чуден е односот на некои научни институции што се повикани да дадат свој прилог во одбрана на националниот интерес, на националниот идентитет и самобитноста на македонскиот народ. Ако постои вистински отпор, овој договор би требало да заврши како политичка грешка за која веројатно има историска осуда, но прашање е дали нема да биде доцна таа грешка да се поправи.