„Рекет“, датум за ЕУ или трето

736

„Рекет“ ќе има поголемо влијание на изборите од добивањето датум за ЕУ, бидејќи е завршница на дебаклот на СЈО и со поврзаните очекувања за правда и владеење на правото

Дали земјата влегува во длабока политичка апатија или, пак, медиумите и јавноста од нејасни причини не ја препознаа важноста на сведочењето на Зоран Верушевски, која по сѐ изгледа дека ќе биде затворена со појаснувањето на Зоран Заев, дека Верушевски за „стравотни модификации и компромитирања“ мислел на случајот „Рекет“. Очекувано е дека овој дел на изјавата е подложен на толкувања. Но на толкувања не може да биде подложена изјавата дека Ѓорѓи Лазаревски доставувал „бомби“ во СДСМ почнувајќи од 2010 година кога претседател на партијата е Бранко Црвенковски. Ова е јасно и недвосмислено. Зошто е важно тоа? Доколку СДСМ, претходно Бранко Црвенковски, а потоа и Зоран Заев, ги добивале „бомбите“ почнувајќи од 2010 година, се отвора прашањето за мотивите на аферата со „бомбите“. Доколку мотивот на СДСМ бил борба против криминалот и владеење на правото, зошто „бомбите“ не биле објавени веднаш по дознавањето за нив? Надоврзано на ова прашање, а под товарот на аферата „Рекет“, се засилува впечатокот дека цел на „бомбите“ никогаш не било владеење на правото, туку промена на власта. Ова никако не значи амнестија за власта на ВМРО-ДПМНЕ, туку фрла друго светло на власта на СДСМ.

Овој контекст е важен за да се разберат објавените анкети овој викенд за рејтинзите на политичките партии и лидерите, довербата во институциите, како и влијанието на случајот „Рекет“ и добивањето датум на преговори за ЕУ. Според анкетата на ИПИС, направена за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител, околу 21 процент го поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ, а околу 18 проценти СДСМ, додека Зоран Заев ја има довербата на 14,5 проценти, а лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски има околу 12 проценти. Малку повеќе од дванаесет месеци претходно во тогашни анкети СДСМ имаше околу 26 проценти, а Заев околу 24 проценти, додека ВМРО-ДПМНЕ имаше околу 20 проценти, а Мицкоски само неколку проценти поддршка. Се чини дека ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски ја завршија консолидацијата по дебаклот на локалните избори, додека и СДСМ и Заев се во пад од околу 10 процентни поени или поддршката е намалена за најмалку една третина. Ваков пад на поддршката во една година досега не е виден.

Јасно е дека има разочараност на граѓаните од Владата, СДСМ и од премиерот Заев, и дека се можни повеќе причини, од кои тука би ги коментирал значењето на случајот „Рекет“ и датумот за ЕУ. Според анкетата на ИПИС, „Рекет“ ќе влијае на одлуката за гласање на 41,4 процент, а нема да влијае на 48 проценти, додека добивањето датум за преговори ќе влијае кај 37,2 проценти, а нема да влијае кај 49,7 проценти. Брзиот заклучок дека ниту „Рекет“ ниту ЕУ ќе имаат влијание може да е погрешен. Се чини дека влијанието на „Рекет“ е можеби еден од неколкуте клучни причини за намалување на довербата во СДСМ и Зоран Заев. „Рекет“ ќе има поголемо влијание на изборите од добивањето датум за ЕУ, бидејќи е завршница на фијаското на СЈО и со поврзаните очекувања за правда и владеење на правото. Моменталната доверба во СЈО е на последно место, дури зад Јавното обвинителство и судовите. СЈО во деновите кога очекувањата беа високи, имаше поддршка поголема и од Владата. Поддршката почна да се нагризува кога наместо со круцијалните можни корупциски скандали како кинеските кредити за автопатиштата, СЈО се нафати за спорни случаи како „Тенк“, или случаи каде што директно е цел партијата ВМРО-ДПМНЕ. Полека стануваше јасно дека можни клучни учесници во корупциски скандали ќе останат неказниви, поради наводната „амнестија за име“. Да, Владата жестоко ќе ја негира ваквата теза, но резултатите се тие. Случајот „Рекет“ само ги сруши веќе разнишаните СЈО и очекувања за правда и владеење на правото.

Случајот „Рекет“ враќа на почетната анализа, дека сведочењето на Верушевски дека цел на „бомбите“ никогаш не било владеење на правото, туку промена на власта. Со таа изјава и со „Рекет“, СДСМ се презентира не како борец за владеење на правото, туку како „Курто и Мурто“. Борбата против корупцијата и криминалот, во сите овие години е на второ место на општествени приоритети на граѓаните, по економијата и работните места. Оттука веројатно значаен дел од падот на поддршката на Владата, СДСМ и Зоран Заев е поврзан со „Рекет“, како слика на неводењето борба против корупцијата и криминалот. Случајот „Рекет“ влијае на изборот на гласачите и СДСМ и Зоран Заев сѐ уште можат да неутрализираат дел од негативното влијание со проширување на случајот „Рекет“ на високи политички фигури. Од друга страна, датумот на ЕУ може да влијае само во рамките на перцепцијата како тоа ќе влијае на економијата и работните места. Датумот за ЕУ, или членството во НАТО и во ЕУ не се цел сами по себе, туку се инструменти за постигнување прогрес и благосостојба. Оттука, можеби третото, економијата и работните места ќе имаат најголемо влијание на изборите во 2020 година.

Фото: Игор Бансколиев

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mk @sklek #Избори2020