Размената на територии е опасна замисла, ама е на маса

2635

Интересно е што Русија не се спротивстави енергично на овие индикатори. Насилната сецесија на Косово нејзе ѝ одговара за Крим, Јужна Осетија и Абхазија, ама е и неприфатлив преседан, бидејќи може да биде лош пример за многу сегменти на Руската Федерација, кои ги има околу 85! Дали е во прашање српска замолница? Новиот речник што го употребуваат Вашингтон и Москва навестува и некаков договор?

На Балканот дуваат нови ветришта, кои се контроверзни и опасни. Белград зборува за „разграничување“ со Косово, а Приштина инсистира да се земат предвид барањата од Прешево за „приклучување“ кон Косово. Не знаеш што е поопасно. САД, главните менаџери на Балканот, до скоро беа против промени на границите. Сега велат – како ќе се договорат двете страни и додаваат дека тоа не исклучува и размена на територии.

И Москва остава на тоа како ќе се договорот Белград и Приштина, иако без вториот дел. Српскиот претседател, Вучиќ, одамна стави до знаење дека Србија не може да загуби сѐ, а да не добие ништо (за да го спаси образот). Сега, кога зборува за „разграничување“, бездруго мисли на „враќање“ на четирите општини околу Косовска Митровица со мнозинско српско население. Без таков „аргумент“, тој очигледно не би бил подготвен да се соочи со народот во рушење на митот за Косово, кое е одамна загубено, и да излезе со решение.

Само начелно изненадува косовскиот претседател, Хашим Тачи, кој јавно навестува дека на следниот состанок со Вучиќ, во Брисел, ќе го стави на маса барањето на Прешево за приклучување кон Косово. И тој зборува за промена на границите, ама Митровица не ја спомнува. Голем број политичари на Косово, и премиерот Харадинај, МНР на Албанија, Бушати…, веднаш се изјаснија против промена на границите.
Во што е енигмата?

Идеите, во никој случај, не се локални. Планот е таен ама има толкување, со своја логика. Главниот менаџер, Вашингтон, по секоја цена сака да се реши косовското прашање. Со тоа се намалува зависноста на Србија од Русија и се заокружува државноста на Косово. Свесни се дека Белград мора да добие нешто опипливо за да го отвори и својот пат кон Брисел ама и на Приштина кон ООН. Инаку, решение – нема. Единствена „утешна награда“ се четирите општини околу Косовска Митровица! Тачи е веројатно избран за да ја лансира идејата и да се види реакцијата. Рацете му се врзани и тој се обидува да балансира со барањето на Прешево, иако е тоа веројатно претходно аранжирано и – незамисливо. Сите други Албанци се против, бидејќи им е јасно дека се работи за „губење“ дел од Северно Косово, а не за „добивање“ на Прешево.

Гледано од страна, колку и да е опасна за другите, идејата може да биде победничко решение за Косово – ќе се отвори патот за меѓусебно признавање со Србија, а со тоа и членството во ООН, со што втората албанска држава ќе стане целосна реалност. За возврат, Србија ќе им даде некакви дополнителни права на Албанците во Прешевската Долина и тоа ќе биде некаква компензација за Косово.

И Македонија ќе има своја улога во евентуалниот ваков развој на настаните. По нашата капитулација во договорот со Грција и прифаќањето да се избрише македонскиот карактер на земјата, отворен е патот за нејзина федерализацијата и за создавање трета албанска држава. Тоа отвора широк простор и за концесии од страна на Косово. Албанците малку ќе загубат таму, а невозможното ќе го добијат во Македонија. САД безгрешно и филигрански водат сметка за албанските национални интереси. Ние бевме првиот чекор во тајниот план и го отворивме патот за пресечување на косовскиот јазол. По обичај, на чиста сопствена сметка.

А дали финалето на постјугословенското средување на регионот ќе продолжи и ќе заврши во Босна, веќе не е сосема сигурно, ниту итно. Србија ќе добие компензација со Митровица и Република Српска ќе остане во Босна. Барем уште некое време. Тоа што целото ова за нас геноцидно сценарио започна со бришењето на Македонците, само потврди дека ние сме клучниот регионален проблем. Затоа веќе четврт век студиозно се работи на затворање на „македонското прашање“. Интересно е што дури и процедурите за нас и Србија се идентични, а слично веројатно ќе биде и кога (ако) ќе дојде на ред и Босна. Менаџерот има целосно развиен систем. За да нѐ разнебитат нас, со бришење на сѐ што е македонско во Уставот, потребна е негова суштинска промена со две третини мнозинство. За сето тоа, пак, да добие легитимитет, ќе има и референдум. Како консултативен, тој е неуставен, а со прашање што овозможува осум одговори а можни се само два, и бесмислен. Нѐ замајуваат со фактот дека е тоа највисок демократски чин, а го прават на нелегален начин.

Што и да се случи меѓу Белград и Приштина, и на Србија ќе ѝ треба две третини мнозинство за суштинска промена на Уставот, а бидејќи во прашање е промена на границите, ќе имаат и референдум. Случајот со Србија е особено интересен. Формално, ниту Брисел ниту Вашингтон не бараат од Белград да го признае Косово, пред влезот во ЕУ. Очекуваат само функционален договор. Арно ама вратите од Брисел ќе останат затворени за Белград ако претходно не ја регулира границата со Косово. Тоа значи промена на нејзиниот Устав, во кој Косово и Метохија сѐ уште фигурира како дел од земјата. Дури откако покраината ќе се избрише од Уставот, ќе може да се обележува границата, која сега е – административна. Ако Србија го направи сето тоа, а ќе мора ако сака во ЕУ, Косово ќе биде и формално одвоено од Србија, а со тоа и – признаено.

По обичај, САД ја игнорираат ЕУ, која, во случајов, е апсолутно во право дека секаков обид за промена на границите на Балканот и евентуална размена на територии може да бидат крајно опасен преседан, со несогледливи последици. Тоа го отвора патот за враќање на „домино-теоријата“, која неизбежно ќе се рефлектира и врз Македонија и врз Босна и Херцеговина, а можеби и пошироко. Тоа би значело отворање на Пандорината кутија, со сите последици.

Интересно е, меѓутоа, што Русија не се спротивстави енергично на овие индикатори. Насилната сецесија на Косово нејзе ѝ одговара за Крим, Јужна Осетија и Абхазија, ама е и неприфатлив преседан, бидејќи може да биде лош пример за многу сегменти на Руската Федерација, кои ги има околу 85! Дали е во прашање српска замолница? Новиот речник што го употребуваат Вашингтон и Москва навестува и некаков договор? Дали е можно Путин и Трамп да го третирале во Хелсинки и ова прашање? Ако се потврди тоа, ќе значи дека Путин изиграл маестрално, а Трамп, по обичај, не ги разбирал работите. Во принцип, прекројувањето на границите на Балканот и/или размената на територии, не може да помине без војна. А, започне ли таква, еве ја Русија назад на Балканот. Нема ништо друго што САД помалку го посакуваат во нашиот регион од тоа.

Косовскиот јазол е исклучително комплициран. Во прашање е маѓепсан круг. Иако пред дваесетина години близок соработник на Сали Бериша, тогаш претседател на Албанија, ми рече дека поделбата на Косово е неприфатлива, бидејќи, како што рече, тоа е сега целото нивно. Таква можност, додаде, имало пред 20, сега 40 години. Како што изгледа, токму тоа сега се наметнува како единствена опција. Тешко е и речиси неверојатно да се верува дека Тачи и другите ќе прифатат да се случи тоа, ама зарем кај нас некој веруваше дека како Македонци ќе се согласиме да се самооткажеме од самите себе? И тоа бидна со помош на нашите американски „стратегиски партнери“, кои се уште поглавни играчи на Косово. Македонците се колатерална штета во решавањето на албанското национално прашање, од страна на САД. И покрај тоа, за среќа, сѐ уште имаме шанси да преживееме како народ. Тоа е можно само ако го бојкотираме референдумот и го спасиме Уставот.