Разголено општество: прирачник за воајерство

571

Секоја нормална демократска држава по толку обелоденети случаи на прислушување од страна на тајната полиција и кој сѐ не, ќе ги активираше механизмите на самоодржување и ќе се обидеше да го репарира заболеното ткиво што го метастазира организмот. Велам, секоја нормална демократска држава, освен нашата. Ние мазохистички уживаме во содржината на приватните разговори. Стекнати на нелегален начин

Дел од новинските наслови: Приватните разговори ќе бидат презентирани во „Рекет“; Приватни и несуштински разговори беа пуштени во 13 од 25 бомби во судницата за случајот „Монструм“. И се прашувате: колку е многу во Македонија за некој да се сети дека во неа безочно се крши приватноста и се поткопуваат темелните вредности на кои почива нејзиниот демократски поредок? Или воајерството стана национален спорт, па веќе не го ни забележуваме. А, гледам, не го забележува и судот. Или почна да ужива во воајерството.
Веќе ништо не е свето во оваа држава. Ниту домот, ниту семејството, а најмалку вашиот приватен живот. Велат дека следењето, надгледувањето на граѓаните е синдром на општество што е сериозно заболено. Општество што инклинира кон тоталитаризам. За ова најдобро сведочи ставот на Европскиот суд за човекови права, кој во случајот на Малоне потврдил дека „моќта тајно да се надгледуваат граѓаните е карактеристика на полициските држави и би била толерирана само доколку не е отидено предалеку во нејзиното практикување и ако не е нужна за заштита на демократските институции“.

Во Македонија не е отидено предалеку. Се зајде со прислушувањето и какви сѐ не мерки на контрола на нашата приватна сфера. Секоја нормална демократска држава по толку обелоденети случаи на прислушување од страна на тајната полиција и кој сѐ не, ќе ги активираше механизмите на самоодржување и ќе се обидеше да го репарира заболеното ткиво што го метастазира организмот. Велам, секоја нормална демократска држава, освен нашата. Ние мазохистички уживаме во содржината на приватните разговори. Стекнати на нелегален начин. Ама тоа нема врска. Битно е да има што да се слуша и народ да се сити. Врв на малограѓанштината.

Пенетрацијата во нашата приватност, за која има премногу сведоштва и премногу обелоденети скандали, го отвори прашањето дали вистински сакаме да живееме во слободно општество или сакаме да живееме во општество со самонаметната форма на тоталитаризам. Општество во кое граѓаните се маргинализирани, нивните животи и кариера диригирани и контролирани од тајните структури на полицијата. Општество што почива на страв. Целта на „бомбите“ беше токму тоа. Да демонстрира контрола над нашите животи и, преку генериран страв од јавно изложување на вашата приватност на јавноста, да пасивизира за она што следуваше. Обезличување на државата, преку промена на името и нејзината историја.

Кое лицемерство. Во името на некоја недефинирана правда и јавен интерес се погази слободата во Македонија. Гледате денес некој да зборува за права и слободи? Зар некој сериозно мисли дека на „Бошко Буха“ и свиркачите „херои“ им се свиркало за приватноста на граѓаните, нивната слобода, достоинството на нивната личност, а особено ги заболе за правото на граѓаните слободно да изберат под кои услови и до кои граници ќе ги изложат својата посебност, своите ставови и своето однесување кон другите во заедницата. Едните продавале, другите купувале. Едните за пари, другите за власт. Ваквиот малигнен човечки материјал може да опстане само во вакво контролирано општество.

Се лаже оној што мисли дека нашето општество е нападнато од некој нов вирус Монтесинос (поранешен шеф на тајната полиција на претседателот на Перу Алберто Фуџимори, кој бил надлежен за тајно следење и корумпирање на политичките противници). Зашто ние го наследивме изворниот вирус на тоталитаризмот. Зашто имавме и сѐ уште имаме луѓе и служби што знаеја како да го одржат и аплицираат стариот добар тоталитарен вирус во современо демократско општество, кое се обидовме да го градиме во Македонија.

Наивно е да веруваш дека ќе се искорени прислушувањето преку реформа на службите за таен надзор над граѓаните. Системот на следење не се апаратите преку кои се врши надзорот. Тоа се луѓето од тајните служби чии идеолошки матрици на минатото не се променија сиве години, негувајќи ја тоталитарната свест на еден минат режим, каде што оние што ве надгледуваат и следат ќе продолжат да се чувствуваат комотно, а граѓаните ќе продолжат да се плашат дека некој таму се обидува да овладее со нивната приватност. Затоа сиве години секогаш центарот на прислушување се лоцира на исто место.

И кој е епилогот на т.н. „Бомби“? Застрашувачките ефекти од нив што никој не сака да ги види се одвраќање на граѓаните од можноста да ги остварат своите права во македонското општество. Затоа и човековите права исчезнаа од вокабуларот на политичарите, но и на граѓанските активисти. Слободата да зборувате, да се изразувате и да комуницирате надвор од вашето легитимно очекување дека нема да бидете видени или слушани без ваша согласност, а уште помалку без ваше знаење не живее веќе во Македонија. Но затоа живее автоцензурата. Сите се свесни дека сега секој е ранлив.

Кога ќе успееме да го разбереме степенот на закана по слободата од прислушувањето во Македонија, ќе знаеме како да го разоружиме системот на надзор во општеството, кој одржува ризик од уцени, присила и дискриминација. Дотогаш ќе живееме во заблуда дека сме ги жртвувале основните граѓански слободи во име на јавниот интерес. Освен ако воајерството и малограѓанштината не се тоа.
Тие што можат да се откажат од основните слобода за пари и власт не заслужуваат ниту слобода ниту безбедност.